Покрај антиваксерите, и експерт за заразни болести изнесува тврдење дека со новите вакцини на Фајзер и Модерна ќе се интервенирало во човековата генетска структура. Но, десетина други професори од други универзитети таквото тврдење веќе го имаат демантирано, наведувајќи дека mRNA вакцините не можат да влијаат врз ДНК, главниот носител на информациите во човечката генетска структура, пишува Вистиномер.мк

Пост објава на Фејсбук на македонски јазик пренесува информција која говори за тоа дека вакцините против ковид 19 на „Фајзер Бионтек“ и на „Модерна“ се измама, затоа што не станувало збор за вистински вакцини.

Уште повеќе, преку делови од интервју со француски експерт, јавноста се уверува дека овие вакцини, кои, де факто, не биле вакцини, имаат моќ да ги променат човековте гени, хромозоми и таквите промени да се пренесат на идните генерации.

Во постот, веста која што е извадок од интервју под наслов: „Професор Кристијан Перон: Станува збор за измама, „Модерна“ и „Фајзер“ не се вакцини, туку скриена РНК генетска терапија која категорично мора да ја отфрлиме“ – се цитираат следните зборови од интервјуто водено на француски јазик:

Современата или Pfizer вакцината не е вакцина, тоа е измама. Ова се производи на РНК генетска терапија, а не вакцини. Оваа техника никогаш не била проучена кај животни. Луѓето ќе бидат првите заморчиња на земјата. Ова може трајно и неповратно да ги измени нашите гени, хромозомите, така што овие аномалии подоцна можат да се пренесат на нашите деца.
… „Јас сум преплашен: тие ќе ни дадат скриена генска терапија – што во спротивно треба да биде пред се и во согласност со многу специфични закони – и тие ќе сторат сè за да веруваат дека станува збор за вакцина. Ние мора категорично да го отфрлиме тоа “.
„Тестовите не се добри и никој не се обиде да ги подобри. Мислам дека ова е направено намерно, бидејќи тоа ќе го намали пазарот на вакцини. Милјарди се инвестираат во вакцини и ништо во подобрувањето на серологијата. Ова веќе не е наука, помина на погрешен начин. Ние го ставаме економскиот пазар пред науката и медицината “

Иако не се сомневаме дека Професорот Д-р, Кристијан Перон, специјалист за Лајмската болест од Универзитетската болница „Рејмон Поинкар“ во гратчето Гаршес во Франција и универзитетски професор за заразни и тропски болести на еден факултет за медицина во Париз, го рекол тоа што го издвоiвме од веста, никаде не е наведено во објавата дека станува збор само за едно мислење од еден експерт.

Повеќе десетици мислења против тврдењето на Перон

Наспроти ова, уште од почетоците на развојот на вакцините, па и на таа на „Фајзер Бионтек“, повеќе медицински експерти изразија спротивно мислење за новиот тип вакцини, а тоа го сторија и Светската здравствена организација и американскиот Центар за контрола на болести (CDC).

Токму нивниот став за тоа дали вакцините се безбедни за човековото здравје, го пренесовме во една неодамнешна проверка на факти на „Вистиномер“, со наслов Роберт Ф. Кенеди Помладиот е децениски антиваксер, а вакцините mRNA не го менуваат човековиот геном!. Во овој текст може да се прочита за тоа што претставува новиот тип вакцини, таканаречени „месинџер“ РНК или mRNA, како се даваат на човекот, што предизвикуваат во РНК-та на клетката, пред сè, се мисли на клетките во мускулите на надлактиците, бидејќи таму се инјектира, итн. Ниту самите производители, ниту CDC досега не нашле дека може да дојде до последици врз човековиот геном, во смисла тој да биде изменет и тие информации да се пренесат на идните генерации. (види ТУКА, ТУКА и ТУКА).

Точно е, како што се наведува во објавата, дека станува збор за прва вакцина што се применува со оваа нова технологија врз човекот, но се наведува дека повеќе од една деценија повеќе научни институти и фармацевтски компании работеле на ваков тип вакцини или обиди за лекување на други заразни болести, што може да се види од текстот на реномираниот медиум Wired или од самиот CDC (на крај од страницата).

Конечно, поради претходни или скорешни вакви тврдења на социјални мрежи, најчесто непоткрепени или поткрепени со други теории на заговор, како што беше „чипирањето“ со новите вакцини, повеќе сериозни професори и експерти изнесоа став дека менувањето на човековиот геном, пред сè, на ДНК кај човекот преку вакцините mRNA, де факто е невозможно.

Тоа за агенцијата АФП, на пример, го тврдат професор од Клиниката во Кливленд – САД, како и професор од Колумбија универзитетот, за агенцијата Ројтерс професори од „Корнел универзитетот“ и од Универзитетот во Ајова, САД , за британскиот Би-Би-Си, професор од Универзитетот Оксфорд, итн.

Непоткрепени тврдења

Според тоа, нема никаков доказ, ниту пак индиции, дека новите вакцини, вклучувајќи ја и таа на „Фајзер Бионтек“ од типот mRNA, може да менуваат генетска структура кај човекот и да влијаат врз главниот носител на информациите – ДНК.

Оттука, информациите што се изнесени во објавата ги сметаме за непоткрепени.

И, на крајот, ова не е единствена изјаван а д-р Перон, која е оценета како невистинита од страна на проверувачите на факти. На интернет можат да се најдат повеќе негови изјави оценети како невистинити, а групна проверка на факти на неколку негови изјави е направена од страна на сервисот за проверка на факти на Агенцијата Франс Прес пишува Вистиномер.мк.