Вистиномер: Нема да се руши спортскиот центар „Борис Трајковски“ туку ќе се продолжува улица

Фото: Мета.мк

Жителите на општина Карпош се вознемирија дека ќе се сруши Спортскиот центар Борис Трајковски. Градоначалникот на општина Карпош тврди дека ова е лажна вест, пишува „Вистиномер“. Текстот го пренесуваме во целост:

На Фејсбук е креирана страница со име „Заштита на Спортскиот Центар Борис Трајковски“. Во описот на страната пишува дека е направена „со цел и интерес заштита на нашиот драг Спортски Центар Борис Трајковски“. Страницата е креирана пред десетина дена, на 5 август од кога започнуваат и објавите.

Таму се тврди дека ќе се рушат 10.000 квадратни метри од Спортскиот центар Борис Трајковски.

ДА, РУШЕЊЕ НА ВЕЌЕ ПОСТОЕЧКИ ДРЖАВНИ ОБЈЕКТИ, ИЗГРАДЕНИ СО ПАРИТЕ НА НАРОДОТ, ДАДЕНИ ОД ДРЖАВНАТА КАСА !!!

А ЗОШТО ??

БИДЕЈЌИ ГЛАСОТ НА НАРОДОТ ИЗГЛЕДА НЕ Е ДОВОЛНО ЈАК, ЗА ДА СЕ ЗАДОВОЛИ ГРАДЕЖНИОТ ИНТЕРЕС (МЕГАЛОМАНСКИ ЗГРАДИ…) ВО ПОЗАДИНА ШТО ЌЕ СЛЕДУВААТ НА МЕСТОТО НА ТИЕ ВЕЌЕ ПЛАНИРАНИ И ИЗГЛАСАНИ ЗА РУШЕЊЕ ДРЖАВНИ ОБЈЕКТИ, СОПСТВЕНОСТ НА ЦЕНТАРОТ, А ПЛАТЕНИ ОД НАРОДОТ !!!

Од општина Карпош испратија демант во кој се вели дека лажна вест е дека ќе се уриваат 10.000 квадратни метри. Оттаму тврдат дека ќе се задржи постојната состојба на спортскиот комплекс.

Во овој дел, со Генералниот урбанистички план на Град Скопје, врз основа на кој се носи и ДУП-от З 04, блок 5, се предвидува изградба на улица-сообраќајница, која ќе поминува кај картинг-просторот и во близина на тениските терени. Инаку, картинг-просторот е дел кој е дивоградба, за кој постои решение за отстранување. Значи, сообраќајницата воопшто не задира во ниту еден дел од спортскиот комплекс „Борис Трајковски“.

Побаравме дополнително образложение од градоначалникот Стефан Богоев што точно ќе се руши, а што не и што е планирано да се гради. Богоев за„Вистиномер“ тврди дека ниту еден дел од спортскиот комплекс нема да се руши, туку ќе се продолжува улица.

Станува збор за сообраќајница, која веќе постои (во должина на картинг делот), која само ќе се продолжи, кон тениските терени и ќе се поврзе со бул. „8 Септември“. Ова е веќе предвидено и во Генералниот урбанистички план, донесен од град Скопје, во 2012 година, а ДУП-от кој е во процедура на носење, само го пресликува тоа решение (ДУП-от секако мора да биде во согласност со ГУП-от). Ниту еден дел од спортскиот комплекс „Борис Трајковски“ нема да се руши.

Рушење на Спортскиот центар Борис Трајковски и градење на сообраќајница до него се две различни нешта. Па, така, тврдењето дека ќе се руши центарот го оценуваме како невистина, пишува „Вистиномер“.