Вистиномер: Не е вистина дека во светските медиуми не се зборува за ковид-19

-

Пандемијата не е готова, светот е далеку од целосно спречување на ширење на вирусот. Тврдењето дека „никаде во светот веќе не се зборува за вирусот“ е најобична лага. Само во последниот месец за повторното ширење на вирусот, како последица на новите мутации на омикрон, известуваат: „Си-Ен-Ен“, „Њујорк Тајмс“, „Би-Би-Си“, „Гардијан“, „Економист“, „Гласот на Америка“, „Глобај њуз“, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Фејсбук објава тврди дека никаде во светот повеќе не се зборува за коронавирусот туку само во Македонија. Ова не е вистина. Пандемијата со коронавирусот не е завршена и таа постојано е тема на сите светски медиуми.

Добро бре телевизии гнасни и соросови измети.
Зошто никаде во светот нема и веќе не се зборува за кромид-19,туку само вие во Македонија ја свирите истата песна….
Лечете се навреме ви велам !!!

Статус на социјалната мрежа Фесјбук манупулативно и неточно тврди дека светските медиуми повеќе не известуваат за состојбата со коронавирусот и дека тоа го прават само македонските медиуми. Притоа, објавата е полна со навреди и говор на омраза кон медиумите чијашто примарна обврска е да ја информираат јавноста без разлика дали тоа некому ќе му се допадне или не.

Пандемијата со коронавирусот, кој се појави на крајот на 2019 година, сè уште трае и после две и пол години не може да се каже дека ѝ е дојден крајот. И покрај тоа што голем број на лица го прележаа вирусот, и покрај тоа што се измислија неколку вакцини и дел светското население се имунизираше, пандемијата не е готова. Вирусот повторно забрзано се шири, се инфицираат лица кои веќе еднаш го прележале, а се заразуваат и целосно имунизирани лица.

На што се должи тоа? Пред сè, на мутацијата на вирусот и појавата на нови соеви коишто успеаваат да го избегнат имунитетот добиен преку заразување, но и успеваат донекаде да ја заобиколат заштитата што ја даваат вакцините.

Најновите подваријанти што ги загрижуваат експертите во последниот период се БA.4 и БA.5 и се поврзани со сојот омикрон. Овие подваријанти првпат беа регистрирани на почетокот на годината во Јужна Африка и најверојатно се шират многу побрзо од другите. Во моментов овие подваријанти се регистрирани во повеќето европски земји и се чини дека ќе станат доминантни.

Вирусите прават свои копии од себе за да се репродуцираат, но тие не се совршени во тоа. Во тој процес, се случуваат грешки кои го менуваат генетскиот отпечаток, што резултира со нов вид на вирусот. Ако ова му даде предност на вирусот за преживување, новиот вид ќе напредува. Мутациите во шилестиот (спајк) протеин можат, на пример, да ја зголемат заразноста на вирусот во однос на претходниот сој. Колку повеќе се шансите корона вирусот да прави копии кај нас – луѓето како домаќини, толку е поголема можноста за мутации.

Како и кај сите вируси, и коронавирусот ќе продолжи да се развива сè додека продолжува да се шири. Колку повеќе се шири вирусот, толку е поголем притисокот вирусот да се промени. Значи, најдобриот начин да се спречи појавата на повеќе варијанти е да се запре ширењето на вирусот.

Но, бидејќи светот е далеку од целосно спречување на ширење на вирусот, пандемијата не е готова. И за тоа известуваат сите светски медиуми, со што тврдењето дека „никаде во светот веќе не се зборува за вирусот“ е најобична лага.

Само во последниот месец, повторното ширење на вирусот, како последица на новите мутации на омикрон, се најде во сите светски медиуми.

Па така американската телевизија „Си-Ен-Ен“ пред неколку дена објави: Дали ќе има повторно бран на „ковид-19“? Нашиот експерт објаснува како да се подготвите 

Како што се зголемуваат случаите на ковид-19, новата варијанта претставува голем предизвик, пишува „Гласот на Америка“.

„Економист“ вели: Вакцините против Ковид-19 спасиле околу 20 милиони животи во текот на нивната прва година.

Канада забележува пораст на подваријантите на ковид-19. Дали ова може да доведе до летен бран?, објави „Глобај њуз“.

Британскиот „Гардијан“ информира дека Случаите со ковид во Велика Британија се зголемиле за скоро 20% за една недела .

„Би-Би-Си“ објави дека Ковид повторно се шири во Обединетото Кралство- дали треба да се грижиме? 

Престижниот „Њујорк Тајмс“ пишува за Подваријантите на летото .

Ова се само од дел од илјадниците секојдневни известувања на најголемите светски медиуми за коронавирусот. Притоа во сите земји континуирано и секојдневно се известува за моменталната состојба со вирусот како и за бројот на новозаболени и починати лица.

Коронавирусот е и ќе биде една од најважните теми во медиумскиот простор се до конечно завршување на пандемијата и до моментот кога луѓето веќе нема да се заразуваат. Особено е важно медиумите точно и навремено да ги информираат граѓаните за состојбата со вирусот, за тие да можат да преземат соодветни мерки за сопствена заштита и за заштита на здравјето на најблиските.

Медиумскиот мрак за којшто се залага овој пост и кој е во контекст на поширока антиваксеркска кампања, може само да придонесе кон повеќе заразени лица, а со тоа да предизвика и општа опасност по колективното здравје. Повеќе заразени лица значи и повеќе хоспитализирани лица, поголем број на лица со последици од вирусот како и зголемување на бројот на починати.

Примарната фукнција на медиумите е точно и навремено да ја информираат јавноста на теми од општествено значење. Оваа нивна функција уште повеќе се засилува и е клучна кога станува збор за здравјето и здравствената состојба на популацијата во време на пандемија. Само навремено информирани граѓани, со точни, прецизни и објективни информации, може да придонесат кон заштитата на сопственото а потоа и на колетивното здравје, а во случајов кон намалување на ширењето на вирусот и спречување на човечки загуби како последица на ковид-19.

Петти мировник на ОН е ранет во јужен Либан, САД и Европа ги осудија нападите на Израел врз мировниците

Петти мировник на ОН е ранет во јужен Либан откако бил погоден од огнено оружје, соопштија привремените сили на ОН во Либан (Унифил). Во соопштение, Унифил вели дека мировникот во...