Вистиномер: Не е вистина дека смртта кај пилотите се покачила за 1.700 отсто поради вакцинирањето

Фото: Wikimedia Commons

Во објавата се прави манипулација со бројките, односно се презентирани во погрешен контекст и второ неточно се тврди дека причината за смртта на пилотите е вакцинација. Во соопштението од списанието „Air Line Pilot“ велат дека бројките на починати лица кои се наведени дека се случиле во 2019 и 2020 година не се единствените што се случиле тие години, туку дека списанието сега ја добило информацијата за нивната смрт и затоа сега се објавени. Од списанието, исто така, велат дека и во 2019 и во 2020 година починале повеќе пилоти отколку во 2021 година, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Oбјава на Фејсбук манипулира дека оваа година пилотите масовно умираат откако ќе се вакцинираат. Тврдењето се базира на податоци кои не се презентирани во соодветен контекст што ја прави целата објава неточна и сензационалистичка. Ова е уште една во низата објави, чија единствена цел е да фрли сомнеж на процесот на вакцинација против коронавирусот.

Пилотите масовно умираат по в@к-цината ❗

🔴 Слика од страницата на списанието Air Line Pilot за 11/10. месец 2021 година; Американска публикација (ALPA).

❗Бројот на смртни случаи на пилоти скокна за 1700% во првите девет месеци од 2021 година.

Пилотите беа принудени да се „в@к-цинираат“ со „в@к-цини“ против кVд-19 под закана дека ќе ја загубат работата.

Починати пилоти:

2019: 1

2020: 6

2021: 109 (завршува во септември)

Споделувајте!!!

Во објавата се тврди дека во 2021 година бројот на смртни случаи на пилоти се зголемил за 1.700 отсто во споредба со 2019 и 2020 година. Овие податоци се базираат на објава во списанието „Air Line Pilot“ кое е специјализирано американско списание на асоцијацијата на пилоти, а списокот на починати пилоти, кој е објавен во списанието, е прикажан на Фејсбук објавата како фотографија.

Податоците што се прикажани на фотографијата се веродостојни. Навистина така изгледа списанието и списокот на починати. Она што не е вистина во објавата се две работи – прво, се прави манипулација со бројките, односно се презентирани во погрешен контекст и второ, погрешно се тврди дека причината за смртта е вакцинација.

Имено, списанието по овој повод се огласи на нивниот официјален Твитер профил. Во соопштението велат дека бројките на починати лица коишто се наведени дека се случиле во 2019 и 2020 година не се единствените што се случиле тие години, туку дека списанието сега ја добило информацијата за нивната смрт и затоа сега се објавени. Од списанието, исто така, велат дека и во 2019 и во 2020 година починале повеќе пилоти од 2021 година.

Во секое издание на списанието „Air Line Pilot“, им оддаваме чест на пилотите на АЛПА – активни и пензионирани кои починале. Врз основа на проверените информации обезбедени од нивните семејства, пријавивме загуба на повеќе пилоти и во 2019 и во 2020 година отколку во 2021 година. Загубите на пилотите ги објавуваме во нашето списание како што добиваме информации од семејствата. Информациите објавени во едно списание не даваат целосен извештај за вкупните загуби за секоја од наведените години. Го поздравуваме секој член за нивната услуга и ги почитуваме нивните спомени, велат од списанието.

 

Уште една невистина во објавата е дека пилотите починале после вакцинирањето. За ниту една од овие загуби не е спомната каква било причина за смрт, па многу е погрешно вака ударно да се тврди дека станува збор за вакцинација без притоа да постои каков било доказ дека тоа е точно.

Никаде ниту во списанието, ниту каде било како причина за смрт не е спомнува коронавирусот или процесот на вакцинација како единственото познато решение за оваа пандемија, која што го окупира целиот свет речиси две години.

Вакви фабрикувани објави, кои се дел од поширока антиваксерска кампања, имаат за цел да ја убедат јавноста дека вакцините се штетни и да предизвикаат страв и недоверба кон вакцините, притоа користејќи неточни информации, пишува „Вистиномер“.