fbpx

Вистиномер: Не е вистина дека се убиени тројца претседатели зашто се спротивставиле на вакцинацијата

-

Двајца од тројцата претседатели споменати во постот се починати во болница од срцев удар (на Танзанија и Бурунди), а еден е застрелан и убиството не се поврзува ниту со коронавирусот, ниту со вакцинацијата (на Хаити). Така што, тврдењето дека некој ги убил сите тројца за да може во овие земји да се даваат вакцини, го оценуваме како невистина, пишува „Вистиномер“ во анализа на дезинформација објавена на Фејсбук.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост на Фејсбук во кој се тврди дека претседателите на Танзанија, на Бурунди и на Хаити починале набрзо после тоа што одбиле да го вакцинираат населението во овие земји.

Танзанија, Бурунди и Хаити отворено се спротиставија на кампањата за вакцинирање на своето население! Набрзо потоа, сите 3 претседатели на овие земји се пронајдени мртви! Можеби во оваа група на земји треба да се вклучи и Белорусија, уште една земја што одби да учествува во ковид 19 „претставата“. Претседателот Лукашенко е сѐ уште жив, но единствено благодарејќи на тоа што сите досегашни обиди за атентат врз него се неуспешни, се вели во постот.

Во склоп на објавата има и линк од текст во којшто се тврди дека претседателот на Танзанија, Џон Магуфули, тестирал папаја на ПЦР тестот и покажал дека таа е „позитивна“ на коронавирусот. Магуфули почина во март 2021 година, по шпекулации дека е заразен со коронавирусот. Според потпретседателот на државата, тој почина во болница од срцеви проблеми.
Претседателот на Бурунди, пак, според медиумските извештаи, починал уште на средината на 2020 година, исто така, од срцев удар, кога немаше вакцини и кога немаше почнато вакцинална кампања. Тој во август 2020 година требало да отстапи од функцијата после 15 години владеење. Оттука, неможно е неговата смрт да се асоцира со одбивање да го вакцинира населението на Бурунди.
Претседателот на Хаити, пак, Џовенел Моисе е убиен во неговата приватна вила на 7 јули годинава. Полицијата вели дека зад убиството стои група Колумбијци за кои постои сомнение дека ги ангажирал доктор од Хаити, како дел од сценарио според кое тој ќе стане претседател. Претседателот на Хаити бил застрелан 12 пати во торзото и челото. Полицијата ги изнесе овие 12 осомничени лица пред телевизиски камери, што може да се види на следното видео. Засега, убиството не се доведува во корелација ни со коронавирусот, ниту со вакцинацијата.
На 27 јули 2021 година, со помош на Ковакс механизмот почна вакцинацијата во Хаити.
Хаити не ги одби вакцините од Ковакс, туку само побаравме да го сменат производителот од којшто ги добиваме, изјавил министерот за здравство на Хаити, Лаур Адриен.
Како што може да се забележи од текот на настаните, двајца од споменатите претседатели починале од срце во болница, а третиот поради план да биде симнат од престолот е убиен од страна на група која нарачала убиство.

Но, смртта на овие три претседатели, во постот што го рецензираме, е претставена како организирана акција на „длабоката држава“ (термин кој теоретичарите на заговори го користат за да означат некоја си влада во сенка), поради тоа што тие, наводно, не сакале да учествуваат во фарса за коронавирус пандемијата.

Тоа не е точно. Хаити има регистрирано само 21 илјада случаи од почетокот на пандемијата и 603 починати. Тоа, според некои доктори, е поради тоа што популацијата во Хаити е претежно млада. Други извори тврдат дека имало случаи со симптоми, ама не отишле да се тестираат.

Во секој случај, моменталната состојба во Хаити e дека се администрира вакцината, а исто и во Танзанија, после смртта на скептичниот за ковид претседател, администрирани се 105.754 двојни дози (толку лица се целосно вакцинирани). Според некои медиумски извештаи, смртта на претседателот на Танзанија, за која имаше шпекулации дека е поради последици од ковид, комплетно ја има променето атмосферата во земјата и интересот за вакцинација кој расте.

Поради фактот што двајца од тројцата претседатели, споменати во постот, се починати во болница од срцев удар (на Танзанија и Бурунди) , а еден е застрелан и убиството не се поврзува ниту со коронавирусот, ниту со вакцинацијата (на Хаити), тврдењето дека некој ги убил сите тројца за да може да се даваат вакцини во овие земји, го оценуваме како невистина. Тоа е конспирациска теорија која има за цел да ја минимизира сериозноста на болеста ковид-19, којашто ја сфатија сите три посочени земји, секоја на свој начин, пишува „Вистиномер“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Германија добива онлајн регистар на донори на органи

Германскиот онлајн регистар на донори на органи вчера беше отворен со две години задоцнување. Министерот за здравство Карл Лаутербах оцени дека тоа придонесува за транспарентност и поголема подготвеност на...