fbpx

Вистиномер: Не е вистина дека невакцинираните се заразни пократко време од вакцинираните и бустираните

-

Не е вистина дека невакцинираните пациенти со ковид се заразни помалку време од оние што се вакцинирани или бустирани. Спротивно на тоа, студијата објавена од Барцак и нејзините колеги во „New England Journal of Medicine“, откри дека средното времетраење на инфективноста е еден ден подолго меѓу невакцинираните учесници во студијата, споредено со оние кои биле вакцинирани. Но, групата е од само 66 испитаници, па поради тоа и разликите меѓу нив не можат да бидат статистички значајни. Позитивноста на ПЦР тестот сама по себе не значи дека некој може да го пренесе вирусот и студијата немала за цел да утврдува каков е одговорот на вакцинираните, невакцинираните и бустираните, така што од неа не може да се носат никакви заклучоци за вакцините или имунитетот, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој е споделен текст од сајтот „Коловрт“ во кој се пренесуваат неточни информации во врска со објавена студија во медицинското списание  „The New England Journal of Medicine“.

Невакцинираните пациенти со ковид се заразни помалку време од оние што се вакцинирани или бустани, гласи насловот на текстот.

Во него се изнесени следните наводи: Дека студијата објавена во New England Journal of Medicine покажала дека луѓето вакцинирани против ковид-19, останале заразни со вирусот подолг временски период од нивните невакцинирани колеги, дека разликата во заразноста била особено изразена меѓу невакцинираните и лицата кои не примиле бустер и се спори ефикасноста на вакцините против ковид-19.

Меѓутоа, во овој текст, како и во постот, се зема научна студија и погрешно се интерпретира, а следствено на тоа се носат и погрешни заклучоци коишто таа студија воопшто не ги сугерира. Дополнително, ниту целта на самата студија не била да споредува дали вакцинираните или невакцинираните се заразни подолго време.

Но, да почнеме од почеток.

Впрочем, студијата го покажува спротивното од она што се тврди во насловот и текстот на „Коловрт“. Студијата објавена на крајот на јуни во „New England Journal of Medicine“ открила дека средната должина на инфективност (тоа е потенцијалот заразеното лице да го пренесе вирусот на друг човек), била седум дена кај невакцинираните, а шест дена кај вакцинираните и бустираните групи. Овој потенцијал да се пренесе вирусот на друг човек, кој во текстот на „Коловрт“ го нарекуваат „заразност“, се мери на посебен начин со метода која ја мери можноста на вирусот да расте во култури од примерок од носот. Потенцијалот да се пренесе вирусот од заразено лице на друг човек не се мери со ПЦР тест бидејќи позитивниот ПЦР тест не секогаш значи дека лицето може да го пренесе вирусот. Мора со посебна метода да се испита и дали вирусот од примерокот од носот е жив, што е индикатор дека може да биде пренесен.

Дополнително, студијата не пронашла разлики меѓу групите на невакцинирани, вакцинирани и бустирани испитаници, кога станува збор за позитивна вирална култура на десеттиот ден после позитивниот ПЦР тест.

Тоа според еден од авторите на студијата, доктор Марк Сиднер од Општата болница во Бостон, Масачусетс, значи дека во сите три групи (и невакцинирани, и вакцинирани и бустирани пациенти), кај помалку од 10 проценти од лицата, имало позитивна вирална култура во примерокот од носот на десеттиот ден.

Нашите податоци не покажуваат дека вакцинираните лица се опоравуваат од ковид-19 поспоро отколку невакцинираните. Баш спротивно. Не пронајдовме значителна разлика според вакциналниот статус (невакцинирани, вакцинирани или бустирани) за временската рамка во која првиот позитивен ПЦР тест или вирална култура од примерокот од носот ќе станат негативни, изјави доктор Сиднер, еден од авторите на студијата за Ројтерс.

Коавторката на студијата, која исто така учествувала во нејзиното создавање, доктор Ејми Барцак за „Ројтерс“ изјавила дека во текстот се зема еден дел од податоците од студијата, за потоа да се извадат од контекст и да се извртат. Со други зборови, се земаат погрешни параметри од самата студија за да се поентира, наместо податоците за мерењата од виралната култура, се цитираат податоците за тоа дали испитаниците биле позитивни или негативни на ПЦР тест! А тоа се две различни тестирања, од кои само тестирањето на виралната култура (а не тестирањето на ПЦР тестот) мери дали вирусот има потенцијал да биде заразен за другите луѓе! Значи, колку луѓе биле позитивни или негативни на ПЦР тестот на 10 ден после првиот позитивен ПЦР тест, не е индикатор дека тие може да го пренесат вирусот зашто не е измерена и виралната култура, која открива дали вирусот е жив или мртов.

А во текстот на „Коловрт“, токму графиконот за тоа кои испитаници во студијата биле позитивни на ПЦР тестот на десеттиот ден, се користи „за да се докаже“ дека истите биле заразни за другите луѓе и се вели:

Истражувачите составија различни графикони за следење колку долго луѓето останале заразни со вирусот, кoристејќи ги и ПЦР тестовите и вирусните култури како индикатори. Кога податоците беа поделени во категориите „невaкцинирани“, „вaкцинирани“ и „бустани“, лицата кои не примиле вaкцина против Кoвид-19 биле заразни пократок временски период. Што се однесува до позитивните PCR тестови, во првите 10 дена од заразувањето со вирусот, 68,75 проценти од невaкцинираните субјекти повеќе не биле заразни. Спротивно на тоа, само 29,72 отсто од вaкцинираните и 38,46 отсто од бустаните пациенти повеќе не биле заразни, пишува во текстот на „Коловрт“.

Меѓутоа ПЦР тестовите, како што објаснуваат самите автори на студијата, не се мерило за тоа дали некој е преносител на вирусот врз друг човек.

Во графиконите од студијата, истражувачите ги претставиле пропорциите и целосните бројки на инфицирани лица кои останале ПЦР позитивни или со позитивна вирална култура на петтиот, десеттиот и петнаесеттиот ден после првиот иницијален позитивен ПЦР тест. Во истражувањето учествувале новодијагностицирани пациенти со ковид-19 (тестирани со ПЦР) во Мас Џенерал Бригам Медикал Систем болницата од јуни 2021 до јануари 2022 година. Секој од нив, бил замолен да даде дополнителни примероци од носот трипати неделно, во времетраење од две недели. После тоа, секој примерок од носот бил тестиран со ПЦР (за да се детектира дали има вирус или не), па направен бил дополнителен тест во лабораторија (тест за вирусна култура) за да се види дали вирусот е потенцијално инфективен односно дали може да се пренесе на друг.

ПЦР тестот мери дали има детектиран вирус во примероците од носот, без разлика на тоа дали тој е жив или мртов. Вирусната култура, пак, е маркер за заразност, со претпоставка дека вирусот уште мора да е жив, за да може да се пренесе, објаснува доктор Сиднер.

Во публикуваната анализа биле вклучени 66 пациенти. Од нив 34 имале делта варијанта на коронавирусот, а 32 омикрон. За време на нивната инфекција со ковид-19, 16 лица биле невакцинирани, 37 примиле примарна вакцинална серија, а 13 примиле и бустер.

Целта на студијата е да испита колку денови се потребни од иницијалниот позитивен ПЦР тест и од појавата на симптомите, додека луѓето да добијат негативен ПЦР тест и додека да добијат негативен тест за вирусна култура.

Во просек, според она што го утврдува студијата, и омикрон и делта траат ист временски период. Средното време од првиот позитивен ПЦР тест до добивање на негативен ПЦР тест, е четири дена за заразените со делта, и пет дена за заразените со омикрон варијантата на коронавирусот.

Средното време до добивање на негативен тест за вирусна култура пак, било шест дена за заразените со делта и осум дена за заразените со омикрон.

Студијата покажува дека на десеттиот ден еден од 16 – те невакцинирани лица, бил позитивен на ПЦР тестот, како и осум од 37 – те вакцинирани и еден од 13 – те бустирани учесници. Така, во текстот на „Коловрт“, овие бројки се претвораат во проценти и се кажува дека „во првите 10 дена од зараза со вирусот, 68.75 процент од невакцинираните не биле веќе заразни“. Спротивно само 29.72 проценти од вакцинираните и 38.46 проценти од бустираните не биле веќе заразни, се наведува во текстот на „Коловрт“.

Меѓутоа, авторите на студијата потенцираат дека ПЦР тестовите не можат да мерат инфективност односно заразност. Затоа и користеле метод на вирална култура за да одредат дали вирусот е жив а со тоа и потенцијално инфективен. Само од ПЦР тестот не може да се знае тоа!

Главната цел на студијата е да се разбере колку долго луѓето може да го пренесат вирусот на друг откако ќе се инфицираат со делта и со омикрон. Тоа се дознава со проценка од тестот за позитивност на културата. Резултатите беа слични меѓу двете варијанти и потребни беа во просек повеќе од 5 дена за да се негативизира културата сметано од почетокот на симптомите или позитивниот ПЦР тест и тоа независно од вакциналниот статус, изјавила доктор Барцак за „Ројтерс“.

Кога се смета според вакциналниот статус, невакцинираната група имала малку подолг среден период во кој тестот за виралната култура останал позитивен, индицирајќи дека се потенцијално заразни.

Средното време на позитивност на виралната култура во трите групи (невакцинирани, вакцинирани и бустирани) беше седум дена, шест дена и шест дена за секоја група, посочува доктор Барцак.

Дури и со такви резултати, студијата е спроведена на примерок од само 66 лица и разликите се премали за да бидат статистички значајни. Најважно е дека сите статистички проценки доаѓаат со доза на несигурност, базирано на големината на студијата и други фактори…, објаснува доктор Сиднер.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека невакцинираните пациенти со ковид се заразни помалку време од оние што се вакцинирани или бустирани. Спротивно на тоа, студијата објавена од Барцак и нејзините колеги во „New England Journal of Medicine“, откри дека средното времетраење на инфективноста е еден ден подолго меѓу невакцинираните учесници во студијата, споредено со оние кои биле вакцинирани. Но, групата е од само 66 испитаници, па поради тоа и разликите меѓу нив не можат да бидат статистички значајни. Позитивноста на ПЦР тестот сама по себе не значи дека некој може да го пренесе вирусот и студијата немала за цел да утврдува каков е одговорот на вакцинираните, невакцинираните и бустираните, така што од неа не може да се носат никакви заклучоци за вакцините или имунитетот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...