Вистиномер: Не е вистина дека Македонците во странство ќе останат непопишани поради неважечки пасош

Постојните пасоши на државјаните на Република Северна Македонија; Фото: Мета.мк

Законот за попис не бара поседување на важечки пасош како услов за попишување на претстојниот попис закажан во април оваа година. Исто така, од Кабинетот на портпаролот на Владата потврдуваат дека за попишување нема да биде потребен пасош, туку само единствен матичен број на граѓанинот, пишува Вистиномер.мк во својата нова анализа која ја пренесуваме во целост.

Рецензирана е вест споделена преку пост на Фејсбук, во која се тврди дека десетици илјади Македонци кои живеат во странство ќе останат незапишани на претстојниот попис затоа што им доцни издавањето на македонските патни документи во странските земји во кои се наоѓаат. Во текстот пишува дека поради немањето важечки пасош, тие нема да можат да бидат попишани како нерезиденти. Наводите од текстот, исто така, инсинуираат дека регистрирањето на Македонците на интернет страницата на Заводот за статистика ќе биде невозможно без важечки пасош.

Ова се комплетно невистинити тврдења.

„Вистиномер“ се обрати до Владата на Република Северна Македонија со прашањето дали е вистина дека граѓаните кои се во странство, а кои немаат важечки пасош, нема да можат да се попишат.

„За попишување на македонските државјани кои се во странство единствено е потребен единствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ). Дезинформација е дека поради немање пасоши ќе останат непопишани“, велат од Кабинетот на портпаролот на владата за „Вистиномер“.

Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година, утврдува дека со пописот ќе бидат опфатени државјаните на Република Северна Македонија, кои имаат живеалиште или престојувалиште во Македонија, без оглед на тоа дали во моментот на пописот се наоѓаат во земјата или се во странство. Што значи дека и тие кои се надвор од земјава ќе бидат опфатени со пописот.

Во споменатиот Закон, зборот пасош или патна исправа не се споменува ниту еднаш. Единствено што се споменува како важен и неопходен услов за пописот е единствениот матичен број (ЕМБГ), кој граѓанинот мора да го има за да учествува во пописот и тоа може да се види од членот 8 во Законот.

Во членот 8 наведено е дека за државјаните на Македонија, кои се на привремена работа или престој во странство, податоците од членот 10 од овој Закон ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот. Единствениот матичен број, пак, се доделува еднаш и граѓанинот го има независно од тоа дали има или нема пасош. Така што, пасош нема да се бара.

Понатаму, во Законот е наведено е дека за лицата-државјани на Република Северна Македонија, кои се на привремена работа или престој во странство, ќе се овозможи и самопопишување во периодот од 1 март до 21 април 2021 година на посебна апликација која ќе биде достапна на веб-страницата на Државниот завод за статистика. На оваа апликација лицето треба претходно да се регистрира, а пополнетите обрасци по електронски пат преку апликацијата да ги достави до Државниот завод за статистика. Оваа апликација во моментот не е достапна, но ќе биде објавена за пописот.

Директорот на заводот, Апостол Симовски, за „Дојче Веле“ вели дека освен матичниот број се даваат и други податоци за регистрацијата, но, не споменува пасош.

Не се дава само матичен број. Таму има околу 50-60 прашања за лицата. Нормално, зависи од тоа дали лицето е вработено, дали е ученик, студент, возрасно лице, пензионер… Значи, не може да дадете само име, презиме, матичен број, адреса и етничка припадност. Мора да има полн прашалник, не може да се прифати половичен прашалник, изјави Симовски.

Имајќи го предвид фактот што Законот не бара поседување на важечки пасош како услов за попишување на претстојниот попис закажан во април оваа година, како и поради потврдата која што ја добивме од Кабинетот на портпаролот на Владата дека за попишување нема да биде потребен пасош, веста ја оценуваме како невистинита.