Фото: Принтскрин

Постот што го анализира Вистиномер, а кој го пренесуваме во целост, е класична дезинформација. Бугарските медиуми пред еден месец известуваа за истрагата на набавките кои Каракачанов ги вршел додека бил министер за одбрана. Но, никаде не се спомнува апсење на Каракачанов, ниту, пак, дека е побаран притвор за него.

Доколку отидете на официјалниот Фејсбук профил на Каракачанов, ќе видите дека тој не е во затвор, пишува „Вистиномер“.

На 6 јули, на пример, бил во Варна од каде се вклучил во живо од настан за „заштита на традиционалното бугарско семејство“.

Објава на Фејсбук ја дезинформира јавноста дека поранешниот бугарски министер за одбрана, Красимир Каракачанов, бил уапсен. Нашата проверка покажа дека ова е лажна вест.

Објавата, којашто ја анализираме, споделува текст со наслов„Каракачанов плаче, не било фер да го апсат“, од сајтот Објективно24.мк, кој пак, целосно ја презел веста од Мкденес.мк. И двата портали немаат импресум и не е познато кој стои зад текстот.

Каракачанов плаче: Не е фер, јас се возев во стар автомобил од 1997. Имаше поминато 400 илјади километри. Не сум криминалец, а вие ќе ме апсите!, стои во поднасловот на текстот.

Веднаш потоа написот пишува дека „во тек е акцијата за апсење на Каракачанов, се проверува секој еден документ во Министерството за одбрана“.

Надолу текстот само нафрла некакви информации кои не се конкретни и не е јасно за што точно станува збор. Написот нема автор, ниту пак, посочува кој е изворот на информацијата за акцијата за апсењето на Каракачанов. Доколку ги разгледате бугарските медиуми, таква вест нема никаде да најдете. Веста за апсењето на Каракачанов ја нема во ниту еден сериозен македонски медиум. Оттука, самиот напис е сомнителен.

Текстот пренесува една изјава на Каракачанов која, исто така, не е јасна.

Министерот Георги Панајотов не беше добро подготвен и беше делумно заведен. Тој не е во право кога кажува дека нарачал инспекција. Всушност, јас како министер побарав да се направи инспеција за периодот 2018 и 2019 година. Направивме ревизијата во Министерството за одбрана. Сè што зборувам лесно се проверува со документи. На 5 мај 2021 година, ја напишав резолуцијата на овој извештај и го испратив за дополнителни надлежности, коментираше Каракачанов.

Кога Каракачанов ја дал изјавата, во врска со што е посочената инспекција, за каква ревизија станува збор? Ништо од ова не е јасно. Само нафрлени работи.

„Вистиномер“ провери во бугарските медиуми за каква ревизија и инспекција станува збор. Се работи за вест стара една месец од 03.06.2021 година, за истрагата на набавките кои Каракачанов ги вршел додека бил министер за одбрана. Точно е дека се води истрага и дека неговиот наследник Панајотов направил ревизија и испратил материјали до бугарското јавно обвинителство, но нема ништо од апсењето на Каракачанов. Како што објави Капитал.бг, истрагата се однесува на набавката на „воена инфраструктура“ вредна над 226 милиони лева (113 мил евра) без тендер.

Министерот за одбрана Георги Панајотов ѝ соопшти на јавноста дека испратил до обвинителството материјали во врска со можни прекршувања на законот од страна на неговиот претходник – Красимир Каракачанов и неговиот тим. Податоците се базираат на извршена ревизија во Генералниот директорат „Одбранбена инфраструктура“. За 2018 и 2019 година ревизијата е завршена, а во моментов е во тек анализа на информациите за минатата година, кои ќе бидат финализирани во рок од една недела. Проблемот со воените инфраструктурни проекти е сериозен, бидејќи претходната влада одвоила 300 милиони лева (100 милиони лева годишно односно по 50 милиони евра годишно) за градежни работи и модернизација на воздушната база „Граф Игнатиево“ во врска со усвојување на ново оружје цивилен Ф-16 блок 70, пишува Капитал.бг и додава дека  над 90 отсто од договорите доделени од предметната структура отишле директно, без тендер или конкурс.

Но, никаде не се спомнува апсење на Каракачанов, ниту пак, дека е побаран притвор за него. Доколку отидете на официјалниот Фејсбук профил на Каракачанов, ќе видите дека тој не е во затвор, не е уапсен. На 6 јули, на пример, бил во Варна од каде се вклучил во живо од настан за „заштита на традиционалното бугарско семејство“.

Од сето ова може да се заклучи дека постот што го анализираме е класична дезинформација. Ваквите лаги можат да создадат погрешна слика во јавноста, што може и да се забележи од коменатрите под објавата.