Ставање кинеска анти ковид-19 вакцина Синовак, како дел од клиничко тестирање во Индонезија | фото: Rio Tuasikal (VOA), Викимедија комонс

Не е вистина дека во САД и во Франција фирмите кои нудат полиси за животно осигурување, наводно одбиваат да ги исплатат затоа што починатиот носител на полисата бил вакциниран, односно бидејќи ја сметаат вакцинацијата за самоубиство. И француското Министерство за правда и Советот на осигурителни компании во САД негираат дека вакво нешто се случува, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели дека семејствата на вакцинираните против ковид-19, кои ќе починат и имале животно осигурување, не добиваат отштети од осигурувањето, бидејќи осигурителните компании смртта после вакцинација ја третираат како самоубиство. Ова тврдење не е вистинито.

Во склоп на постот, објавен е видеоматеријал со лажно тврдење дека осигурителните фирми одбиваат да исплатат животно осигурување на роднини на луѓе во САД кои се вакцинирале против ковид-19, откако француските судови наводно донеле пресуда дека вакцините не се покриени од осигурувањето. Француското Министерство за правда, за „Ројтерс“ вели дека нема информација за таков случај, а Американскиот совет на животно осигурителни компании ги негираше овие обвинувања.

Видеото за првпат е постирано на 16 март од организацијата America’s Frontline Doctors која и претходно е предмет на рецензии, поради тврдењето дека вакцините наводно разболуваат и прават луѓето кои ги примиле потоа да бидат позитивни на ковид-19.

Во видеото лекар од групата вели дека компаниите за животно осигурување одбиле да исплатат француски бизнисмен кој имал милионско покритие, зашто виделе дека вакцината против ковид-19 е медицински експеримент и не е покриена со животното осигурување. По ова, според човекот од видеото облечен во бел мантил, француските судови ја поддржале оваа одлука зашто наводно сметале дека смрт како „самоубиство после ковид-19 вакцина е избор”.

Говорникот вели дека и во САД фирмите за животно осигурување одбиваат да исплатат на членови од фамилии на лица кои починале, а биле вакцинирани против ковид. Тој говори дека Американскиот совет на животно осигурителни компании може да ги одбие овие исплати, ако починете од вакцината против ковид -19 зашто станува збор за експериментален лек.

Но и француското Министерство за правда и Советот на осигурителни компании во САД негираат дека вакво нешто се случува.

Виралното видео потекнува од медиумски напис од 14 јануари објавен во Грција. Пред тоа текстот бил објавен во Германија.

Во него се вели дека француски судија досудил осигурителна компанија да одбие да исплати животно осигурување на постар бизнисмен, зашто бил вакциниран против ковид-19 што резултирало смрт после вакцинација, што во Франција се смета како самоубиство.

Министерството за правда на Франција не знае за ваков наводен случај во кој француски суд поддржал одлука на осигурителна фирма да одбие да исплати животно осигурување поради смрт што настапила после вакцинација против ковид -19, велат оттаму за „Ројтерс“.

Американскиот Совет на животно осигурителни фирми каде членуваат 280 фирми, за „Ројтерс“ вели дека овие тврдења се дезинформации и дека нема одбивање да се исплати животно осигурување поради тоа што некој бил вакциниран.

Оваа организација дури и објави официјално соопштение на својата веб-страница во кое демантира дека вакциналниот статус е услов да се одбие нечие барање за животно осигурување.:

Полисите за животно осигурување се јасно дефинирани и јасно дефинирано е во нив што може да води кон одбивање на исплатата. Одлуката на носителот на полисата да се вакцинира не е основа за одбивање на исплатата.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека во САД и Франција фирмите што нудат полиси за животно осигурување, одбиваат да ги исплатат затоа што починатиот носител на полисата бил вакциниран односно бидејќи ја сметаат вакцинацијата за самоубиство.