fbpx

Вистиномер: Не е точно дека вакцинираните против ковид може да се детектираат со блутут апликација

-

Не е можно вакцинираните лица да се пронајдат со блутут, бидејќи вакцините против ковид-19 не содржат ниту една состојка која би можела да се детектира преку блутут. Станува збор за уште една теорија на заговор чија цел е да се дискредитираат вакцините како штетни по човековото здравје, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува видео и се вели следното:

11.08.2022.
Инфо Босна
Со блутут од мобилен ги пронаоѓа сите вакцинирани околу него.

Во видеоматеријалот  еден човек се снима на камера додека е во кафуле и вели дека ќе покаже дека со блутут апликација може да ги пронајде вакцинираните луѓе. На 30 секунда од видеото тој оди во Settings на Ајфон телефон и го активира блутутот, потоа влегува во апликацијата BLE Scanner, по што се појавува листа за која тврди дека се „личности кои се вакцинирани“. Човекот вели дека сите вакцинирани кои се „регистрирани во апликацијата зрачат околу 100 децибели и се означени со no name во листата“

Значи моментално на спратот во локалов имаме околу 10 вакцинирани луѓе, вели човекот во видеото со почеток од првата минута и 37 секунда. 

Меѓутоа, не е вистина дека вакцинираните може да се пронајдат со блутут апликација, ниту пак, дека  вакцинираните зрачат околу нив со јачина од 100 децибели.

Во вакцините нема ништо што би можело да има каква било врска со блутут. Вакцините се состојат од голем број состојки од кои ниедна не може да емитува радио бранови на кратка далечина, како што е блутутот. Вакцините не содржат микрочипови или што било слично на микрочипови.

Ако ја погледнете апликацијата блутут на мобилниот телефон, веројатно ќе видите голем број на други достапни уреди со кои вашиот уред некогаш се поврзал. Ова се уреди во околината околу вас, се наведува во текстот на проверувачите на факти „Фулфект“.

И „Ју Ес Еј Тудеј“ исто така наведува дека нема поврзаност меѓу вакцините и блутут.

Блутут технологијата користи радио бранови за комуникација меѓу уреди во близина. Ковид вакцините не вбризгуваат ниеден елемент кој би можел да се поврзе на електронски пат со помош на блутут, наведуваат оттаму.

Истите факти ги објави и „Ројтерс“ проверувајќи ги лажните тврдења изречени во друго видео, во кое наводно „вакцината на „АстраЗенека“ има во себе чип кој ги поврзува вакцинираните со блутут“.

Кен Колдеруп, директор за маркетинг во  Bluetooth Special Interest Group (Bluetooth SIG), организација која се занимава со развој на блутут, за „Ројтерс“ изјави дека не постои начин да се развие блутут чип кој ќе биде толку мал за да се додаде во вакцината и да се вбризга низ игла која се користи за администрирање вакцини.

Најмалите познати блутут чипови и понатаму се со димензии поголеми од 2  на 2 милиметри, без дополнителните компоненти неопходни да се направи функционален блутут предавател како што е антена или извор на напојување, вели тој.

Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) во посебна секција за разоткривање на митовите поврзани за вакцините наведува дека „вакцините против ковид-19 не содржат микрочипови“, кои пак, се неопходни за функционирање на блутут технологијата. Исто така се доадава дека „вакцините се развиени за борба против болеста и не се администрираат за да се следи вашето движење.“

Вакцината против ковид-19 нема да ве направи магнетни и не содржи метали, никел, железо, кобалт, литиум како ни производи како микроелектроника, електроди, се посочува во информацијата на ЦДЦ.

Исто така, списокот на состојки во вакцините недвосмислено укажува на тоа дека е невозможно да бидат препознаени од блутут технологија која користи радио бранови за комуникација со уредите во близина.

Имајќи ги предвид општопознатите факти дека вакцините не содржат чипови или што било друго што би можело да ги поврзе со блутут, како и начинот на функционирање на блутут технологијата и нејзиното поврзување со уредите, станува јасно дека прказната за луѓе кои може да се поврзат со уреди по пат на блутут после вакцинација е уште една теорија на заговор. Вакви теории  на заговор кои имаат за цел да инсинуираат дека вакцината против коронавирусот е штетна, „Вистиномер“ побиваше во текот на целата вакцинална кампања.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...