Вистиномер: Не е точно дека вакцината на „Фајзер“ има 1.291 несакан ефект

-

Не станува збор за листа на предизвикани несакани ефекти од мРНК вакцината на „Фајзер“, туку за листа на несакани ефекти на коишто „Фајзер“ се фокусирала и ги барала во пријавите што стигнувале до нив. Според извештајот, не се откриени нови здравствени ризици од вакцината, а 1.291 потенцијална опасност биле барани, но не биле најдени во пријавите. Во однос на изнесените заклучоци, се доаѓа до сознанието дека не се откриени нови ризици или загрижувачки информации за несаканите ефекти и дека бенефитот од вакцината е поголем од нејзините ризици, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се тврди дека вакцината на „Фајзер“ има 1.291 несакан ефект. Во објавата, исто така, се тврди дека „Американската агенција за храна и лекови не сакала да ја објави оваа информација во наредните 75 години, но благодарение на судија, таа информација доживеала бел ден. Потоа, се најавува линк до документот во коментар и истиот може да се погледне овде.

Објавата има над 100 допаѓања и речиси 30 споделувања.

Меѓутоа, документот за кој се вели дека докажува оти вакцината на Фајзер има 1.291 несакан ефект не го покажува тоа. Станува збор за документ кој е насловен „5.3.6. Кумулативна анализа на извештаи за несакани ефекти по одобрение на БНТ162Б2 примени до 28 февруари 2021 година“.

Во овој документ се наведени пријавите за несакани ефекти главно од системите за пријавување на САД и Велика Британија, како дел од обврската што ја има „Фајзер“ по добивањето одобрение за својата вакцина. Во овој документ, од 30 до 38 страница е споделен анекс (додаток), кој содржи листа на несакани ефекти од посебен интерес. За оваа листа несакани ефекти, во постот што го реценизираме, невистинито се тврди дека се предизвикани од вакцината на „Фајзер“. Но, тоа не е точно. Не станува збор за листа на предизвикани несакани ефекти од мРНК вакцината на „Фајзер“, туку за листа на несакани ефекти на коишто „Фајзер“ се фокусирала и ги барала во пријавите што стигнувале до нив. Листата на несакани ефекти од особен интерес не е специфична за „Фајзер“ вакцината, што е и јасно објавено на страница 16 од документот. Тоа е општа листа составена од експертски групи и регулаторни агенции, како што се тврди на страница 16, и е составена од Брајтон Колаборација, Аксес протоколот, Центарот за контрола и превенција на болести на САД, упатство од Велика Британија итн.

Или, едноставно кажано, листата на несакани ефекти од особен интерес е составена уште пред да почнат клиничките студии, а нови, несакани ефекти може да бидат додадени и подоцна.

Ова е јасно наведено и во самиот документ, кој е злоупотребен за ширење антивакцинална пропаганда.

На страница 5 од извештајот, јасно е објаснето дека во пријавите има такви кои спонтано се доставени до „Фајзер“, понатаму случаи пријавени до здравствените власти во државите, случаи објавени во медицинската литература, случаи од студии итн. На истата страница се наведува и дека многу надворешни фактори може да влијаат на тоа дали одреден несакан ефект е пријавен или не, но дека не е соодветно да се споредуваат вакцините врз основа на овие пријави, туку системот треба да се користи за детекција на сигнали. Исто така, се додава дека во некои пријави за несакани ефекти клиничките податоци како медицинската историја, валидноста на дијагнозата, времето од користењето на вакцината до појавата на болеста, дозата и користењето на други медикаменти, не е комплетно.

Потоа, на страница 6 се додава дека тоа што има поголем број на пријави за несакани ефекти од вакцината не значи дека некој несакан ефект е предизвикан од вакцината, туку дека може да е предизвикан од болест што пациентот дополнително ја има, медикаментите што ги зема или поради неговата медицинска историја.

Авторите на овие дезинформации првично би требало да го прочитаат извештајот од „Фајзер“ во кој не се откриени нови здравствени ризици од вакцината, наместо да бројат 1291 потенцијални опасности, за кои во извештајот е наведено дека биле барани, ама не биле најдени во пријавите. Доколку се прочита страница 29 од документот во однос на заклучоците, се доаѓа до сознанието дека не се откриени нови ризици или загрижувачки информации за несаканите ефекти и дека бенефитот од вакцината е поголем од нејзините ризици.

Спротивно на лажното тврдење дека податоците од овој мониторинг на пријави за несакани ефекти, ќе требало да останат тајни 75 години, Американската агенција за храна и лекови не побарала такво нешто. „Фајзер“ веќе јавно објави повеќе од 12 илјади страници од 329 илјади страници до јануари 2022 година и ќе ги достави сите документи за 5,5 години.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина оти вакцината на „Фајзер“ има 1.291 несакан ефект и дека наводната информација за нив требало да остане необјавена 75 години.

Македонија и Србија испитуваат можности за гасно поврзување

Македонија и Србија ќе ги испитуваат можностите за спојување со гасен интерконектор, кој треба ќе биде една нова директна врска меѓу од Јужниот гасен коридор на ЕУ и Трансбалканскиот...