Фото: Adrian Grycuk / CC BY-SA 3.0 PL

Пост на Фејсбук дезинформира дека Eвропскиот суд за човекови права (ЕСЧП) донел одлука според која важи аболицијата на поранешниот претседател, Ѓорѓе Иванов. Всушност, се работи за тоа дека се започнати постапки пред ЕСЧП по поднесени апликации на 10 поранешни функционери, обвинети во случаите на СЈО, а не дека е донесена одлука, пишува „Вистиномер“ во својата нова анализа.

Објава на социјалната мрежа Фејсбук сподели линк кој води до напис во кој се вели дека Судот за човекови права во Стразбур, наводно, одлучил дека аболицијата на поранешниот претседател, Ѓорге Иванов, од април 2016 година, со која беа аболицирани 54 лица – важи, односно не може да биде повлечена или укината.  Написот е од портал (кој, пак, се повикува на друг медиум), кој дезинформира дека „предметите кои сега се во фаза на судење по обвинение од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) паѓаат во вода, мора да се запрат, а обвинетите или осудените да бидат ослободени од прогон или казна“.

Ова тврдење не е точно. Истиот ден кога  дел од медиумите ја објавија оваа информација, таа беше демантирана од министерот за правда, Бојан Маричиќ.

Министерот на Фејсбук напиша дека информацијата објавена во некои медиуми, оти Судот за човекови права во Стразбур ја прогласил аболицијата на поранешниот претседател Иванов како важечка – претставува „класична лажна вест“.

Класична лажна вест е дека судот во Стразбур одлучил аболицијата на Иванов да важи. Она што е точно е дека пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, одредени лица обвинети или осудени во постапките на поранешното СЈО почнаа постапка со која ги проблематизираат тековните судски постапки во Северна Македонија, од аспект на аболициите на Иванов, наведува Маричиќ во објавата.

Притоа, појаснува дека Eвропскиот суд за човекови права (ЕСЧП) на 25 септември оваа година, на одговор до Владата на Република Северна Македонија доставил две групи на апликации кои се поднесени против државата пред овој меѓународен суд, a во однос на предмети кои се тековни пред домашните судови и се во врска со прислушуваните разговори.

Но, овие апликации не се одлучени од страна на ЕСЧП, туку на 25 септември само се доставени на одговор до Владата на Северна Македонија, а постапката за нивно одлучување треба допрва да почне наредната година, тврди министерот.

Исто така, тој нагласува дека:

Апсолутна шпекулација се информациите за евентуалните последици по тековните предмети пред домашните судови, кога предметните постапки пред ЕСЧП се во почетна фаза на комуникација, а за исходот од постапките, секако ќе треба да се почека одлуката на ЕСЧП која може да дојде и по 3 години. Сепак, со ширењето на лажната вест дека предметите потонале се врши притисок врз домашната правосудна власт да не одлучува по овие предмети. Но, исто така се открива и визијата за Правдата во очите на опозицијата. Нивна единствена визија за правда е аболицијата на Иванов. Судските процеси ќе продолжат по постоечките закони на нашата држава, а правда мора да има за сите.

И Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права тврди дека не е точно оти Европскиот суд (ЕСЧП) одлучил дека важи аболицијата на експретседателот Иванов за 54 лица од предметите на СЈО.,

Оттаму, преку соопштение до јавноста појаснуваат во која фаза е постапката, посочувајќи дека  до Стразбур се поднесени апликации против државата со кои се бара да важи аболицијата, но оти за тоа нема одлука, туку постапката е во тек. И од Бирото велат дека на 25 септември годинава добиле допис од ЕСЧП во кој биле доставени две групи на апликации поднесени против државата и оти постапката сега е во фаза кога државата треба да достави одговор до Стразбур.

Од Бирото нагласуваат дека не е точна информацијата дека има одлука оти аболициите важат, па не може да стане збор и за тоа дека паѓаат во вода најголем дел од предметите на СЈО и сега треба „спогодбено спроведување на одлуката на Стразбур“.

Поранешната судијка во Европскиот суд Маргарита Цаца-Николовска во изјава за телевизијата „Канал 5“ вели дека „тоа што судот почнал да постапува по предметот нема поврзаност со тоа каква одлука ќе биде донесена во иднина“.

Што се однесува до целокупната постапка, генерално гледано, судот може да донесе неколку одлуки. Она што е важно е дека судот може да донесе одлука каде што ќе прифати да постапува по постапката, но во колку најде понатаму дека не е прифатлива, може да донесе одлука за неприфатливост. Ако ја прогласи прифатлива, постапката продолжува понатаму да работи, вели Цаца-Николовска

Објаснувајќи ја процедурата, поранешната судијка во ЕСЧК посочува:

Постапките се дојдени до Стразбур и сега почнува постапка земете како најобична тужба, доставена е тужба и треба да се даде одговор на тужба тоа е нешто кое треба државата сега да го направи. Треба да одговори на тоа што е во апликацијата и во исто време евентуално да одговори и на некои прашања поставени од судот при доставување на апликацијата за опсервација. Од кога државата ќе го достави тоа свое видување тие опсервации одат до странката, односно до тој што ја поднел апликацијата за тој да даде одговор на тие опсервации и понатаму судот влегува во постапување.

Така што, јасно се гледа дека станува збор за тековни постапки пред ЕСЧП по повод поднесените апликации, а не за тоа дека Судот донел одлука и дека важи аболицијата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, како што дезинформира постот на Фејсбук.

Инаку,  се работи за апликации на 10 поранешни функционери обвинети во случаите на поранешното СЈО, кои ја тужат државата пред Судот во Стразбур: Никола Груевски, Сашо Мијалков, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Кирил Божиновски, Киро Тодоровски, Тони Трајковски, Едмонд Темелко, Владимир Талески и Тони Јакимовски.