fbpx

Вистиномер: Не е точно дека нуспојавите од ковид вакцината се пренесуваат од вакцинираните на невакцинираните

-

Текстот што се споделува во оваа објава на Фејсбук погрешно интерпретира студија изготвена од научници од универзитетот во Колорадо. Наспроти  тврдењето во написот дека „нуспојавите од вакцината против ковид-19, се пренесуваат на невакцинираните”, студијата на ниеден начин не го тврди ова. Фактички, станува збор за студија која не е прегледана од научната заедница, но во која се признава улогата на вакцините во заштитата од ковид-19 и создавањето на имунитет. Во неа нема ниту збор за несакани ефекти, како што невистинито се наведува во постот што го рецензираме, кој антителата од вакцините ги изедначува (неосновано и неоправдано) со нуспојави, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделува медиумски напис  во кој се тврди дека студија покажува оти „нуспојавите од вакцината против ковид-19, се пренесуваат на невакцинираните”.
Овој пост и текстот што го придружува, претставуваат школски пример за често користената тактика и метода на антивакциналните движења кои шират дезинформации на интернет и на социјалните мрежи, каде со научни студии кои се погрешно интерпретирани, од кои се изоставени или превидени клучни делови – се злоупотребуваат за на таков начин да се создаде недоверба во вакциналниот процес, да се пренесат невистинити тези и да се манипулира со јавното мислење.

 

Што пишува во текстот, а што во студијата?

Сижето на текстот кој е споделен во рецензираниот пост, е дека научна студија од Колорадо покажала дека луѓето коишто се вакцинирани, на блиските од нивното окружување, конкретно на децата од нивното домаќинство, им ги пренесуваат нусефектите од примената вакцина против ковид-19.

Но, студијата што се цитира на ниеден начин не го тврди ова невистинито интерпретирање на нејзините резултати. Фактички, станува збор за студија која не е прегледана од научната заедница, но во која се признава улогата на вакцините во заштитата од ковид-19 и создавањето на имунитет. Несаканите ефекти од вакцината коишто се содржани на упатствата за употреба, претежно се благи и траат еден до два дена, но во цитираната студија не се споменати ниту еднаш, а уште помалку во контекст дека се преносни од организам на организам.

Сепак, во текстот што го рецензираме се тврди дека научници од универзитетот во Колорадо откриле дека вакцинираните здравствени работници ослободуваат антитела од претходно примената вакцина против ковид-19. Во постот се тврди дека тоа значело дека вакцинираните луѓе буквално ги исфрлаат антителата предизвикани од вакцините против ковид-19.

Дури и да е така (а во продолжение ќе објасниме што всушност и навистина се тврди во научната студија), клучно е да се сфати дека антителата, не претставуваат нусефекти. Антителата се имунитет, односно заштита од ковид-19!

Понатаму се тврди дека во студијата, вакцинираните родители исфрлале честички предизвикани од вакцината за ковид-19 врз нивните невакцнирани деца, по што децата создале хуморален имунитет пренесен од нивните родители. Но наспроти ваквото тврдење, во студијата нема ништо за исфрлање на нуспојави и нивно пренесување од родител на дете, односно од организам на организам.

На следниот линк може да ја погледнете целосната студија на 8 страници во целост. Накратко објаснета, студијата има за цел да покаже дали антителата односно заштитата против ковид-19, која може да биде не само од вакцина туку и од прележување на ковид 19, може да се пренесе од човек на човек, исто како што и коронавирусот може да се пренесе од човек на човек! Научниците во студијата посочуваат дека нивните податоци покажуваат, дека ова е нов механизам за создавање на имунитет на стадо, на начин што антителата преку воздухот може да се пренесат од имуните на неимуните лица. Повторно потсетуваме, дека овој имунитет, не мора да е исклучиво вакцинален, туку може да е и природен, односно создаден со прележување на Сарс Ков 2, што е многу важно, бидејќи на таков начин комплетно се исклучува вакцината од целосната слика.

Во студијата се вели дека вакцините против ковид-19 имаат значителна ефикасност против сериозен тек на болеста и смрт кај вакцинираните, независно од тоа за која варијанта станува збор, вклучително и против омикрон. Со студијата се сака да се покаже дали системскиот имунитет генериран од вакцините, а кој се наоѓа во носот и плунката во устата може респираторно да се пренесе, аеросолно.

Студијата покажала дека навистина, од маските на вакцинираните здравствени работници се ширеле антитела специфични на Сарс Ков 2 на крајот од работниот ден по целодневно носење. Во плунката на вакцинираните научниците нашле и ИгГ и ИгА антитела, исто како и во маските. Откако го увиделе ова, научниците поставиле хипотеза дека и антителата може да се пренесат меѓу индивидуи, исто како што може и коронавирусот да се пренесува од човек на човек. За да ја проверат оваа хипотеза, научниците од студијата, зеле примероци од нос на деца што живеат со родители со имунитет на Сарс Ков 2, вклучително родители кои биле невакцинирани, родители кои биле вакцинирани и родители кои во моментот имале ковид -19. Иницијалната споредба на примероците од носот на децата што живееле со вакцинирани родители, покажала дека имаат иГГ антитела, а тие деца со невакцинирани родители, немале антитела. И најважно, заклучокот од студијата е дека аеросолното (преку воздух) пренесување на антителата, исто така може да е причинител за заштита и да претставува досега непризнаен механизам преку кој се пренесува имуна заштита. Исто така, се додава дека вакцинацијата кај родителите го намалува ризикот од инфекција со ковид-19 кај невакцинираните деца во истото домаќинство. И толку! Нема ниту збор за некасани ефекти, како што невистинито се наведува во постот што го рецензираме, кој антителата од вакцините ги изедначува (неосновано и неоправдано) со нуспојави.

Несаканите ефекти од вакцините, воопшто не се исти кај секој човек и не можат да се пренесат. Начинот на кој едно тело ќе реагира на вакцината може да се разликува од начинот на кој друго лице ќе реагира на истата вакцина. Дефиницијата за нуспојава и за антитела, не само што е различна ,туку е и дијаметрално спротивна и не може да се прави никаква корелација меѓу двата термина. Имунитетот кој е евидентен преку антителата, не е нуспојава.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е точно дека научна студија покажала дека нусефектите од вакцините против ковид-19 се пренесуваат од вакцинираните на невакцинираните.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Двете изборни среди училиштата ќе ги одработуваат на 18 мај и на 1 јуни

Основните училишта во текот на вчерашниот ден добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН), дека деновите во кои ќе се одржат изборите, ќе треба да се одработат...