fbpx

Вистиномер: Не е точно дека „Модерна“ ја создала вакцината против ковид-19 пред да се појави коронавирусот

-

Вакцината на „Модерна“, спротивно на изнесеното во постот, не е создадена пред, туку по појавата на коронавирусот, а самата генетска структура на вирусот претставува основа за нејзиното создавање. Инаку, цела деценија пред појавата на коронавирусот се правени екстензивни истражувања на мРНК технологијата, што, пак, ѝ овозможи на „Модерна“ многу брзо да ја создаде вакцината против ковид-19, пишува Вистиномер.мк.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека фармацевтската компанија „Модерна“, ја имала вакцината против ковид-19 уште пред да се појави коронавирусот.

Не е ни чудо што Модерна ја имаше вакцината пред вирусот. Директорот на Модерна Стефан Бансел помогнал да се изгради лабораторијата во Вухан. Сторијата оди вака.
Кинезите во 2004 го контактираат Ален Мерикс, сопственик на биоМерикс компанијата. Алан е личен пријател на Кси Џинпинг, бидејќи Кинезите немале искуство со градење на ниво 4 биолабораторија. Во тоа време директорот на биоМерикс е Стефан Бансел (иден шеф на Модерна), што значи ја надгледувал градбата на лабораторијата во Вухан. Во август 2021 се открива дека лабораторијата во Вухан има сериозни проблеми со вентилацијата. Глава да му се заврти на човек, пишува во постот што го рецензираме.

Не е точно дека вакцината на „Модерна“ е создадена пред коронавирусот. Точно е дека мНРК вакцината на „Модерна“ беше создадена прилично брзо, откако кинеските научници ја поставија генетската структура на коронавирусот на 11 јануари. Следните два дена, таа објавена генетска структура на вирусот претставуваше основа за „Модерна“ и Националниот институт за здравје да почнат со создавање на вакцината.

На 21 јануари, на роденденот на ќерка ми, добив телефонски повик од директорот на „Модерна“ кој во тоа време се наоѓаше на Светскиот економски форум, таму на конференцијата му пристапувале голем број јавни здравствени групи и го охрабриле да почне да работи на вакцина. Буквално одлучивме преку ноќ да се обидеме да го направиме ова, изјави Ноубар Афејан, коосновач на „Модерна“. 

Тој додава дека „Модерна“ ја доставила првата доза од својата вакцина против ковид-19 до Националниот институт за здравје за тестирање на 24 февруари 2020 година, а првата доза од вакцината е администрирана кај волонтер во Сиетл на 16 март 2020 година.

На 18 декември 2020 година, по тестирањето на вакцината против коронавирусот на „Модерна“ на 30 илјади волонтери, Американската агенција за храна и лекови ФДА, ја авторизираше истата за итна  употреба, а три дена подоцна, првата вакцина на „Модерна“ беше администрирана на здравствен работник во првите борбени редови во пандемијата, додава Афејан.

Значи, од ова произлегува дека вакцината на „Модерна“, спротивно на изнесеното во постот што го рецензираме, не била создадена пред, туку по појавата на коронавирусот, а самата генетска структура на вирусот претставувала основа за нејзиното создавање, што е и логично и вообичаено. Инаку, цела деценија пред појавата на коронавирусот се правени екстензивни истражувања на мРНК технологијата,  што пак, ѝ овозможи на „Модерна“ толку брзо да ја создаде вакцината против ковид-19.

 

Нема докази дека коронавирусот е произведен во лабораторија

Што се однесува на тврдењето изнесено во постот дека ексдиректорот на „Био Мерикс“, Стефан Бансел ја надгледувал градбата на лабораторијата во Вухан, за тоа нема докази.

Лабораторијата во Вухан е сертифицирана од Кинеската национална агенција за акредитации. На тоа претходел процес на детална проверка на инфраструктурата на лабораторијата, нејзината опрема и менаџмент, а како што изјавува Ванг Ронг од Кинеската национална агенција за акредитации, тоа го поплочило патот Министерството за здравство да даде одобрение за оваа лабораторија. Во лабораторијата се филтрира воздухот, како и водата и отпадот, а вработените истражувачи ја пресоблекуваат облеката и се тушираат и пред да дојдат во лабораторијата и пред да си одат од објектот.

Комплексот е всушност лабораторија опремена за патогени од класа 4, што значи опасни вируси кои се ризични за пренос од човек на човек, како на пример ебола. Лабораторијата е комплетирана во 2015 година и отворена во 2018 година, а Мерикс бил консултант во нејзината градба. Самото тоа што бил консултант, е подоцна искористено од теоретичарите на заговори за да се инсинуира дека системот за вентилација не бил соодветен, што допринело да се прошири коронавирусот од лабораторијата надвор. Меѓутоа, за ова тврдење, кое е во доменот на теориите на заговор, нема поткрепа, а голем број научници сугерираат  дека коронавирусот има потекло во живиот свет.

За коронавирусот кој ја предизвикува болеста ковид-19, има нула докази дека е изработен во лабораторија, извести тимот којшто своето откритие го објави на 17-ти март 2020 во списанието „Nature Medicine“.

Коавторот на истражувањето Кристијан Андерсен, вонреден професор по имунологија и микробиологија, изјавил:

Споредувајќи ги достапните податоци за секвенците на геномите за познатите видови на коронавирус, можеме да утврдиме дека SARS-CoV-2 потекнува од природен процес

„Гардијан“ има објавено две големи студии кои недвосмислено покажуваат дека коронавирусот потекнува од пазар во Вухан, а не од лабораторија.

Мајкл Вуробеј, еволуциски биолог на Универзитетот во Аризона и коавтор на двете студии изјави:

Кога ќе ги погледнете сите докази заедно, сликата е исклучително јасна дека пандемијата почна на пазарот Ханан.

Заклучокот на едната од студиите посочува на следното:

Географските кластери на најстарите познати случаи на ковид-19 и позитивните примероци кај сточните продавачи сугерираат дека пазарот за морски плодови Ханан во Вухан е изворот на пандемијата ковид-19.

Медицинските журнали посочуваат дека животните во природата се изворот на вирусот. На 21 април 2020 СЗО на брифинг нотираше дека достапните докази насочуваат дека коронавирусот има потекло од животни во Кина и не е манипулиран во лабораторија.

Веројатно е дека вирусот е од животинско потекло, рече портпаролката на СЗО Фадела Чаиб.

Ричард Ебрајт, професор по хемиска биологија на Рутгерс Универзитетот, во интервју за „Вашингтон пост“ рече дека базирано на геномот на вирусот и неговите карактеристики нема никакви индикации дека е производ на инженеринг.

Медицинскиот журнал „Лансет“, исто така, потврди дека најверојатниот извор на коронавирусот се животните.

Но, и покрај сите овие студии, изјави на стручњаци и други материјали и индикации, кои говорат за тоа дека новиот коронавирус е од животинско потекло или дека веројатноста е многу голема тој да е од животинско потекло, сè уште не е докажано, надвор од сите сомневања, кое е точното потекло на овој вирус. Но, тоа во никој случај не може, без никакви докази, да се искористи за тврдења дека лабораторијата во Вухан и нејзината вентилација одиграле улога во креирањето на вирусот. Едноставно, науката сè уште не може да го открие потеклото на вирусот.

Но, и покрај ова, сите горенаведени факти покажуваат оти не е вистина главното тврдење во овој статус, а тоа е дека „Модерна“ ја создала вакцината против ковид-19 пред да се појави коронавирусот. Начинот и периодот на креирање на ковид вакцината на „Модерна“ се добро познати и документирани. Исто така, нема ниту докази дека директорот на „Модерна“, Стефан Бансел, ја надгледувал лабораторијата во Вухан при нејзината изградба.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...