fbpx

Вистиномер: Не е точно дека мејнстрим медиумите не известуваат за нападите на Израел врз Газа

-

Не е вистина дека медиумите не известуваат за нападите на Израел врз Газа. Веста се најде во светските и домашните медиуми во секцијата за исклучително важни вести односно ‘брејкинг њуз’,  фотографииите кои се споделуваат во написот се преземени од медиуми што само дополнително потврдува дека медиумите известувале за тоа, a фотографиите се потресни и експлицитни и сами по себе ја доловуваат ситуацијата во Газа, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели:

Израел гаѓа цивилни објекти и убива деца во Газа, ама одеднаш тоа не е важна вест за мејнстрим медиумите! Вознемирувачки фотографии и видеа.

Во сoстав на постот споделен е напис од сајтот Коловрт, каде се вели дека изминатите месеци главните мејнстрим медиуми известувале за, како што се релативизира во текстот, „наводни воени злосторства во Украина од страна на Русија, а сега тие медиуми не знаат дека Израел гаѓа цивилни објекти, куќи и згради во Газа, притоа повредувајќи и убивајќи голем број невини деца“.

Потоа, текстот се демантира самиот себе и тврди дека некои медиуми сепак известуваат за тоа што се случува во Газа, меѓутоа се спори начинот на кој тоа се правело, наводно без емоции или осуда за начинот на војување на израелската армија.

Се чини дека никој нема ништо против што ракетите паѓаат буквално на улица, се тврди во постот.

Меѓутоа, тврдењето дека медиумите не известуваат за израелските напади врз појасот Газа се демантира во моментот кога ќе почне да се пребарува оваа тематика односно медиумското известување за посочените дејствa. Дури и самите фотографии споделени во текстот на Коловрт се објавени токму од медиумите.

На следниот линк можат да се пронајдат дел од фотографиите во текстот на Коловрт, објавени токму од медиум со новинарски извештај во кој се известува за 15 убиени лица и 125 повредени во нападот на Израел врз Газа. Малезијан Инсајт известува дека Малезија ги осудила нападите. Ен Би Си Њуз известува со опширно видео за нападите, притоа споменувајќи дека починало петгодишно девојче во бомбардирањето, пренесува снимки од расплакани Палестинци, изјави од членови на семејството на убиеното девојче кои прашуваат што лошо таа сторила за нејзиниот живот да заврши на таков начин. Ваквото известување, воопшто не е онакво какво што Коловрт го опишува во постот што го рецензираме, односно станува збор за известување во кое се пренесуваат емоции и трагични судбини. Освен тоа, известувањето на Ен Би Си Њуз е со предзнак ‘брејкинг њуз’, што сугерира на важноста и приоритетот кој настанот ја добил при уредувањето на вестите. Ал Џезира пак, известува со вести и со видеа во низа, на неколку часа, за нападот и за епилогот од него.

Специјален известувач за Обединетите Нации го осудува нападот и неговата изјава ја пренесува Ал Џезира.

Дојче Веле известува дека ова е најголемата ескалација во конфликтот на Блискиот Исток по повеќе од една година и дека израелската армија врши воздушни напади врз Појасот Газа, а милитантните Палестинци возвраќаат со ракети. И Би Би Си известува за нападот со видео материјали и текстови.

Написи има и во Вашингтон Пост.

И во македонските медиуми има опсежни известувања за ситуацијата на Блискиот Исток, за што во постот што го рецензираме медиумите се неправедно прозвани и обвинети дека известуваат само за руската инвазија во Украина, а не и за нападите од страна на Израел врз Палестина.

Дел од фотографиите за кои Коловрт обвинува дека медиумите не ги пренесувале или ги пренесувале без емоција, се преземени токму од медиуми.

Фотографиите зборуваат сами за себе и демонстрираат трагични настани, така што новинарски коментар иако може да има, не е неопходен за да се изрази осуда или да се покаже емоција, како што се вели во текстот кој го рецензираме.

Сето ова се прави во контекст да се минимизираат или релативизираат настаните, односно руската инвазија врз Украина, и за селективно известување да се обвинат медиуми кои инаку професионално, неселективно известуваат и за Газа и за Украина.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека медиумите не известуваат за нападите на Израел врз Газа. Веста се најде во светските и домашните медиуми во секцијата за исклучително важни вести односно ‘брејкинг њуз’, потоа фотографииите кои се споделуваат во написот на Коловрт се преземени од медиуми што дополнително потврдува дека медиумите известуваат за тоа, a фотографиите се потресни и експлицитни и сами по себе ја доловуваат ситуацијата во Газа. Во медиумското покривање на нападот од Израел врз Газа, се споделуваат и изјави од семејствата на загинатите, што укажува на тоа дека новинарите се сензибилизирале во контекст на тоа да ја доловат човечката димензија на оваа трагедија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...