Фото: Alexandra Koch @ Pixabay.com

Не е вистина наведеното во постот дека мајмунските сипаници се инфекција која се шири само меѓу геј популацијата, ниту пак, такво нешто изјавиле од СЗО. Вирусот може да се прошири со сексуален и несексуален близок контакт и неговата преносливост не е само за оние со определена сексуална ориентација, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели:
29.06 2022
СЗО изјавува дека мајмунските сипаници „во моментов“ не претставуваат глобална здравствена вонредна состојба,која се шири само меѓу ГЕЈ популацијата.
Не е вистина дека СЗО истакнала дека мајмунските сипаници се шират „само меѓу геј популацијата“.
И покрај тоа што Светската здравствена организација не го активираше највисокото ниво на одговор за глобалната појава на ширење на мајмунски сипаници, сепак, ја нарече оваа појава интернационална грижа. Има повеќе од 3 илјади случаи на мајмунски сипаници во повеќе од 50 држави поради што СЗО посочи дека моменталното ширење предизвикува загриженост и поради тоа одблиску се следи ситуацијата.
Директорот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејсус ги опишува мајмунските сипаници како здравствена закана која продолжува и затоа ги упатува здравствените власти во земјите од светот да го подобрат мониторирањето и следењето на контактите, тестирањето и да осигураат дека лицата во висок ризик имаат достап до вакцини и антивирални терапии.
Комитетот за итни случаи на СЗО беше свикан за да оцени колкаво е нивото на закана од мајмунските сипаници моментално во светот и иако тој одлучи да не го активира највисокото ниво на алертност во СЗО како одговор на ширењето, сепак повика на јавноздравствена интернационална загриженост.
Тедрос рече дека ширењето на мајмунските сипаници, предизвикува сериозна загриженост поради тоа што се шири рапидно во земји каде вирусот вообичаено го нема.
Историски, мајмунските сипаници се шират во ниски нивоа во слабо населени места во западна и централна Африка, но сегашната ситуација, 84 проценти од случаите кои се пријавени ширум светот се во Европа, што е многу невообичаено.
Она коешто го прави моменталното ширење особено загрижувачко е рапидното, континуирано ширење во нови земји и региони и ризикот од понатамошна трансмисија меѓу вулнерабилните популации, вклучително меѓу лицата кои се имунокомпромирани, бремените жени и децата, рече Тедрос.

Тој додаде дека истражувањето и испитувањето на мајмунските сипаници во Африка е запоставено, поради што и луѓето во другите делови од светот се под зголемен здравствен ризик.

Мајмунските сипаници примарно се шират со близок физички контакт кога инфицираното лице споделува контаминиран материјал со други, како на пример облека или постелнини. Вирусот може да се пренесе преку респираторни капки ако инфицираното лице има рани во устата или во грлото. Повеќето луѓе се опоравуваат од мајмунски сипаници за две до четири недели без специфичен медицински третман. Почетните симптоми се слични на оние на грипот, како треска, главоболка, болки во телото, истоштеност и потечени лимфни жлезди. Исфрлање на телото слично на чир или мозолчиња, подоцна се појавува и тогаш луѓето се најинфективни.

Дали мајмунските сипаници се шират само меѓу геј популацијата?

Спротивно на дезинформацијата во постот што го рецензираме, мајмунските сипаници не се сексуално пренослива болест или болест која може да ја добие само геј популацијата и не се шири само меѓу мажи кои имаат сексуални односи со други мажи, пишува „Ројтерс“.
Станува збор за претежно блага вирална инфекција која е типична за централна и западна Африка. Повеќето, но не сите од дијагностицираните со оваа инфекција, се мажи кои имаат секс со мажи, според СЗО. 
Повеќе експерти за „Ројтерс“ изразиле загриженост за ваквото тврдење кое е невистинито и може да предизвика штети.
Да се каже дека е болест која само ја има меѓу геј популацијата е и невистинито и нефер. Сексуалноста и сексуалната ориентација на лицето не е начин на пренесување. Секој може да ги добие мајмунските сипаници доколку има контакт со инфицирано лице, вели за „Ројтерс“ доктор Андреј Ли, професор по јавно здравје на Универзитетот Шефилд.

Станува збор за вирална инфекција што се пренесува преку капки, контаминирани предмети и близок контакт со инфицирано лице.

Вирусот може да се пренесе со близок физички контакт, но тој може да биде и сексуален и несексуален.

И Светската здравствена организација вели дека мајмунските сипаници не се сметаат за сексуално пренослива инфекција.

Иако може да се пренесат преку секс, исто така може да се пренесат и со допирање на материјал кој го користела инфицирана личност, нивното кивање и кашлање и друг контакт кожа на кожа.

Искуството покажува дека стигматизирачката реторика брзо може да го оневозможи одговорот базиран на докази, со тоа што ќе предизвика циклуси на страв, одвратувајќи ги луѓето подалеку од здравствените услуги, оневозможувајќи го откривањето на случаите и охрабрувајќи неефективни, казнени мерки, вели Метју Кавана, директор на УНАИДС.

„Би Би Си“ пишува дека мајмунските сипаници не се шират побрзо меѓу геј и бисексуалните мажи и дека секој може да биде инфициран. Матео Прочазка, епидемиолог од британската здравствена агенција за „Би Би Си“ изјави дека инфекцијата не е поврзана со сексуалноста и дека грижата е генерална како јавноздравствена закана за сечие здравје.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина наведеното во постот што го рецензираме, дека мајмунските сипаници се инфекција која се шири само меѓу геј популацијата, ниту пак, такво нешто изјавиле од СЗО. Вирусот може да се прошири со сексуален и несексуален близок контакт и неговата преносливост не е само за оние со определена сексуална ориентација.

Напишете коментар