fbpx

Вистиномер: Не е точно дека мајмунските сипаници се предизвикани од вакцината против ковид-19

-

Постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Мајмунските сипаници не се предизвикани од вакцините против ковид-19 бидејќи ниедна од нив не го содржи вирусот на мајмунски сипаници. Мајмунските сипаници постоеле и во времето кога коронавиурсот не постоеше, а следствено на тоа немаше ни вакцини против него. Човекот кој зборува во видеото не приложува ниеден доказ кон своите бизарни тврдења. Невистинито е и тврдењето во постот дека вакцините против ковид може да пренесат вирус од човек на човек, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека според според кинески експерт, мајмунските сипаници се настанати како последица на ковид вакцините

Во едноминутното видео кое се споделува со превод на англиски јазик, непознато кинеско лице кажува дека мајмунските сипаници се 100 проценти предизвикани од вакцините против ковид-19 (од 8 до 10 секунда во видеото), дека симптомите кои ги имаат жените и мажите се исфрлање на гениталиите, градите и делови од телото каде има жлезди што, исто така, било последица на вакцините против ковид- 19 (од 22 до 30 секунда во видеото). Понатаму се наведува и дека неколку луѓе добиле симптоми на ковид-19, но имале негативен тест, што значело дека  „се заразиле од тие луѓе околу нив што примиле вакцина“ (од 30 до 44 секунда).

Потоа се додава дека вирусот се сменил и не е повеќе варијанта на коронавирусот, туку е различен вирус и дефинитивно тоа го причинува вакцината против ковид-19 (од 45 до 52 секунда во видеото), за да се заврши со заклучокот дека:

Ова е катастрофата од вакцинацијата против ковид-19“ (од 57 секунда до крајот на видеото).

Прво, не е точно дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат мајмунски сипаници бидејќи ниедна од нив не го содржи вирусот на мајмунски сипаници. Понатаму, аденовирусите и вирусите на сипаници се различни фамилии на вируси кои предизвикуваат различни болести. Аденовирусниот вектор користен во некои вакцини не е можно да предизвика инфекција кај вакцинираните луѓе.

Мајмунските сипаници се предизвикани од истоимениот вирус на мајмунски сипаници, припадник на родот на Orthopoxvirus од фамилијата Poxviridae. Тоа е вирусна зоонозна болест која првенствено се јавува во областите на тропските прашувми во Централна и Западна Африка и повремено се пренесува во други региони. Мајмунските сипаници се манифестираат клинички типично, со треска, исип и отечени лимфни јазли и може да доведат до низа медицински компликации. Станува збор за самоограничувачка болест, со симптоми кои траат од 2 до 4 недели и може да се манифестираат и со тешка клиничка форма. Во последно време смртноста е од 3 до 6 проценти.

Мајмунските сипаници се пренесуваат на луѓето преку близок контакт со заразено лице или животно или со предмети контаминирани со вирусот. Вирусот се пренесува од едно на друго лице преку близок контакт со оштетена кожа, слузокожа, телесни течности, респираторни капки и контаминирани материјали како што е постелнината. Клиничката презентација на мајмунските сипаници личи на големи сипаници, инфекција прогласена за искоренета ширум светот во 1980 година. Вакцините користени за време на програмата за искоренување на големите сипаници, исто така, обезбедуваат заштита од мајмунските сипаници. Развиени се и понови вакцини од кои една е одобрена за превенција од мајмунските сипаници. Антивирусно средство кое претходно е развиено за третман на големите сипаници, исто така, е лиценцирано за третман и на мајмунските сипаници.

Вирусот на мајмунските сипаници е обвиен двоверижен ДНК вирус кој припаѓа на родот Orthopoxvirus од фамилијата Poxviridae. Постојат две различни генетски линии на вирусот на мајмунски сипаници – централно-африканска (Конго) и западно-африканска. Централно-африканската линија историски предизвикува потешка болест и се смета дека е повеќе пренослива. Мајмунска сипаница кај луѓе за првпат била идентификувана во 1970 година во Демократска Република Конго кај 9-годишно момче во регион каде што големите сипаници биле елиминирани во 1968 година. Оттогаш, повеќето случаи се пријавени во руралните, дождовни шуми на Сливот на Конго, особено во Демократска Република Конго, а случаи на луѓе сè повеќе се пријавуваат од цела Централна и Западна Африка. Од 1970 година, случаи на мајмунски сипаници се пријавени во 11 африкански земји – Бенин, Камерун, Централноафриканска Република, Демократска Република Конго, Габон, Брегот на Слоновата Коска, Либерија, Нигерија, Република Конго, Сиера Леоне и Јужен Судан. Вистинскиот товар за здравствениот систем од мајмунска сипаница не е познат. На пример, во 1996-1997 година, беше пријавена епидемија во Демократска Република Конго со помала смртност и повисока инциденца од вообичаеното.

Очигледно од погоренаведеното е дека мајмунските сипаници постоеле и во времето кога коронавиурсот не постоеше, а следствено на тоа немаше ни вакцини против него. Оттаму, не може да биде вистина дека мајмунските сипаници се предизвикани од вакцината против ковид-19. Станува збор за вирус кој постоел децении претходно пред појавата на вакцината против ковид. Така на пример, во 2017 година, Нигерија регистрира голема епидемија, со над 500 сомнителни случаи на мајмунски сипаници и над 200 потврдени случаи, со смртност од околу 3 проценти. Во 2017 година, немаше вакцина против ковид-19. Друг пример е оној од 2003 година, кога се случи првата епидемија на мајмунски сипаници надвор од Африка и тоа во Соединетите Американски Држави и беше поврзана со контакт со заразени миленичиња од прериските кучиња. Овие миленичиња биле сместени заедно со гамбиски стаорци кои биле увезени во земјата од Гана. Оваа епидемија доведе до над 70 случаи на мајмунски сипаници во САД.

 

Како се пренесуваат мајмунските сипаници?

Според Институтот за јавно здравје, преносот од животно на човек може да се случи преку директен контакт со крв, телесни течности или кожни или слузокожни лезии кај заразените животни. Во Африка, докази за инфекција со вирусот на мајмунска сипаница се пронајдени кај многу животни, вклучувајќи верверички, гамбиски стаорци, глувци, различни видови мајмуни и други. Природниот резервоар на мајмунски сипаници сè уште не е идентификуван, иако најверојатно тоа се глодарите. Консумирање на несоодветно зготвено месо и други животински производи од заразени животни е можен фактор на ризик.

Преносот од човек на човек може да настане при близок контакт со респираторни секрети, оштетувања на кожата на заразено лице или неодамна контаминирани предмети. Преносот преку респираторни честички обично бара продолжен контакт лице в лице, што ги става здравствените работници, членовите на домаќинството и другите блиски контакти на активни случаи во поголем ризик. Сепак, најдолгиот документиран синџир на пренос во заедницата се зголеми во последниве години од шест на девет последователни инфекции од човек на човек.  Ова може да го одрази паѓањето на имунитетот во сите заедници, поради прекинот на вакцинација против големите сипаници. Преносот може да се случи и преку плацентата од мајка на плод (што може да доведе до појава на вродени мајмунски сипаници) или за време на близок контакт за време и по раѓањето.

Иако вакцинацијата против големи сипаници даваше заштита во минатото, денес лицата помлади од 40-50 години (во зависност од земјата) може да бидат поподложни на мајмунски сипаници поради престанокот на кампањите за вакцинација против големи сипаници на глобално ниво, по искоренувањето на болеста. Компликациите на мајмунските сипаници вклучуваат секундарни инфекции, бронхопневмонија, сепса, енцефалитис и инфекција на рожницата на окото со последователно губење на видот. Степенот до кој може да се појави асимптоматска инфекција е непознат, пишува на веб-страницта на Институтот за јавно здравје.

 

Како се дијагностицираат мајмунски сипаници?

Оптимални дијагностички примероци за мајмунски сипаници се примероци од кожни лезии – кората или течност од везикули и пустули, и крусти. Такви примероци кај коронавирусот не се земаат, туку само примероци од носот и грлото. Примероците од лезијата мора да се чуваат во сува, стерилна туба (без медиум за транспорт на вируси) и да се чуваат на ладно. PCR тестовите на крв  кога станува збор за мајмунските сипаници обично се неубедливи поради краткото времетраење на виремија во однос на времето на собирање примероци по почетокот на симптомите и не треба рутински да се собираат од пациентите. Антивирусен агенс познат како тековиримат (tecovirimat) кој беше развиен за лекување на големи сипаници, беше лиценциран од Европската медицинска асоцијација (EMA) за мајмунски сипаници во 2022 година, врз основа на податоци од студии на животни и луѓе. Сè уште не е широко достапен. Докажано е дека вакцинацијата против големи сипаници е околу 85 проценти ефикасна во спречувањето на мајмунските сипаници.

Ниту вакцините против ковид-19, ниту пак самиот коронавирус, може причинско-последично да се поврзе со мајмунските сипаници, кои претставуваат вирусна зоонозна болест која се јавува првенствено во тропските дождовни шуми во Централна и Западна Африка и повремено се проширува во други региони. Во минатото, пред појавата на вакцините против коронавирусот, евидентирани се повеќе епидемии на мајмунски сипаници, што е уште една потврда дека вакцините против коронавирусот не ги предизвикуваат мајмунските сипаници.

 

Аденовирусот во вакцините е деактивиран 

Точно е дека некои вакцини против ковид-19 имаат аденовирус во нив, но тоа не може да доведе вакцинираните лица против ковид-19 да се заразат со сипаници бидејќи аденовирусот во вакцините е деактивен и не предизвикува никаква болест.

Тоа е вирус во многу различна класа од ковид-19. Претежно живее во резервоари за животни, така што случајно доаѓа до луѓето и може да предизвика спорадични заболувања и релативно мали избувнувања, рече д-р Шира Дорон, лекар за заразни болести и болнички епидемиолог во медицинскиот центар Тафтс во Бостон, за ABC News.

Вакцината „Оксфорд/АстраЗенека“ содржи аденовирус како вектор, изменета верзија на сој на вирус кој вообичаено влијае на шимпанзата.

Овој модифициран вирус се користи како вектор за пренесување на генетските информации што го шифрираат протеинот SARS-CoV-2. Кога вакцината ќе влезе во клетките во телото, генетскиот код се користи за производство на протеинот. Ова му овозможува на имунолошкиот систем да развие антитела за заштита од инфекција со Ковид-19 во иднина. Модифицираниот вирус е генетски модифициран така што не може да расте или да предизвика инфекција кај луѓето, пишуваатпроверувачите на факти на Фулфект.

Вакцините против ковид-19 користат различни типови аденовируси. На пример, „АстраЗенека“ користи аденовирус на шимпанзо, додека вакцината „Џонсон и Џонсон“ користи аденовирус од тип 26.

Во двата случаи, аденовирусот е инактивиран, што значи дека не може да предизвика болест, пишува Форбс.

Доктор Ејми Едвардс, од Универзитетските клиники Хоспиталс Рејнбоу Бејбиз енд Чилдрен, специјалистка за инфективни болести, укажува дека има клучни разлики кои ги прават мајмунските сипаници многу понесериозна закана отколку ковид-19. Тие разлики, според неа, се тоа што мајмунските сипаници не се шират лесно, инфицираните лица лесно може да се идентификуваат, полесно може да се контролира епидемија и има две вакцини ефективни против мајмунски сипаници.

Уште од мај почна да се споделува теоријата на заговор дека мајмунските сипаници се нуспојава од вакцината на „Фајзер“.

Мајмунските сипаници не се нус-појава на вакцината против ковид-19 на „Фајзер“. Вакцината на „Фајзер“ против ковид-19 не содржи живи вируси и е комплетно синтетичка. Освен тоа, не предизвикува никаков вирус да се шири од човек на човек. Со мајмунските сипаници, трансмисијата од човек на човек се случува со близок контакт со инфициран материјал од кожата на инфицираната личност, низ респираторни капки и пролонгиран контакт, велат од „Фајзер“ за „Ројтерс“.

Наспроти изнесеното во постот што го рецензираме дека симптомите со исфрлање на гениталиите и местата на телото каде има жлезди е последица од вакцината против ковид, од Агенцијата за регулирање на лекови за „Фул Фект“ потврдиле дека нема докази за каузална врска меѓу ковид вакцинацијата и мајмунските сипаници. Освен тоа мајмунските сипаници се откриваат со ПЦР тест кој се зема од раната односно од исфрлените делови, па неможно е погрешно да се дијагностицира.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Мајмунските сипаници не се предизвикани од вакцините против ковид-19 бидејќи ниедна од нив не го содржи вирусот на мајмунски сипаници. Човекот кој зборува во видеото не приложува ниеден доказ кон своите бизарни тврдења. Невистинито е и тврдењето во постот дека вакцините против ковид може да пренесат вирус од човек на човек. За тоа „Вистиномер“ веќе пишуваше овде.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...