Вистиномер: Не е точно дека името на ДИК е испишано прво на албански, па на македонски јазик

Фото: ДИК

На фотографијата прикажана во постот е претставен само половичен дел од паното позади членовите на Државната изборна комисија. Кога ќе се погледне целосната табла, се гледа дека од левата страна, најнапред на македонски јазик со кирилично писмо е испишано името на државната институција одговорна за спроведување на изборите, пишува „Вистиномер“ во анализата на една дезинформација.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Во пост на Фејсбук се прави обид да се предизвика нетрпеливост меѓу граѓаните кои зборуваат различни јазици во земјава, на начин што се манипулира дека таблата со името на државниот орган Државна изборна комисија, е испишан на начин што македонскиот е трет јазик, во колоната, а пред него се албанскиот и влашкиот јазик. Како илустрација за да се „докаже” ова тврдење, авторот на постот користи фотографија од телевизиски пренос на прес конференција на ДИК за локалните избори 2021 година.

 

Меѓутоа, фотографијата е „на половина”, односно на неа е претставен само половичен дел од паното позади членовите на Државната изборна комисија. Кога ќе се погледне целосната табла, се гледа дека од левата страна, најнапред на македонски јазик со кирилично писмо испишано е името на државната институција одговорна за спроведување на изборите.

И на веб-страницата на ДИК евидентно е дека паното со нејзиниот назив е на повеќе јазици од кои прв е македонскиот со кирилично писмо.

Од левата страна е испишано името на македонски јазик, а паралелно од десната страна на албански јазик. Името е така испишано не само на паното позади пултот каде што седат членовите и претседателот за прес-конференции, туку и воопшто во институцијата, како што може да се види од оваа фотографија.

Во Законот за употреба на јазиците во членот 1 е уредено дека во сите органи на државната власт во Република Северна Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е и јазикот што го зборуваат 20% од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, на начин определен со овој закон.

Во членот 7 од овој закон се вели дека називите на институциите и нивните подрачни единици во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик и во Скопје, ќе се напишат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо, како и на англиски јазик.

Називите ќе бидат со иста големина и фонт, при што називот на македонски јазик и писмо ќе биде напишан прв.

Во членот 15, пак, се вели дека на седниците на Државната изборна комисија и општинските изборни комисии во Скопје и единиците на локална самоуправа во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, при спроведување на изборите во работата и постапките на сите комисии, и други тела и институции подеднакво се користат, употребуваат и применуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо.

Оттука произлегува дека е законски уредено прашањето како ќе се именуваат таблите со називите на институциите во кои спаѓа и Државната изборна комисија, што во случајот е правилно направено согласно одредбите од Законот за употреба на јазиците. И наспроти лажното тврдење во постот што го рецензираме, на паното во ДИК називот е напишан на повеќе јазици од кои прв е македонскиот со кирилично писмо, пишува „Вистиномер“.