fbpx

Вистиномер: Не е точно дека директорот на „Фајзер“ и вработените на ЦДЦ не се вакцинирале против ковид

-

Во постот е објавено старо видео кое е извадено од контекст, исечено во момент кога директорот на „Фајзер“, Алберт Бурла вели дека има 59 години и дека е здрав, а за него не се препорачува вакцина. Но,  оваа негова изјава е дадена на самиот старт на вакциналната камапања, кога немаше доволно вакцини и кога во сите земји во светот постоеше приоритетна листа за вакцинирање, според која предност им се даде на здрвствените работници и на ризичните групи. Директорот Бурла се вакцинирал тогаш кога му дошол редот. На 10 март 2021 година тој на својот Твитер профил објави дека е возбуден што ја примил и втората доза од вакцината на „Фајзер“ против ковид-19. Сите вработени во „Фајзер“, пак,  мораа да се вакцинираат до 15 ноември 2021 г., освен ако не приложат доказ за медицинска причина да не го сторат тоа, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели дека вработените во фармацевтската компанија „Фајзер“, инаку производител на вакцини против ковид-19, самите не ја примиле вакцината против ковид. Во постот се вели:

Како се чувствувате, се мисли на фајзеросаните, т.е. извакцинираните, кога знаете дека вработените во Фајзер не ја примиле ковид вакцината? Видео од шефот на Фајзер, Бурла 59 години, здрав и на негова доба не е препорачливо да се прима вакцината како што вели и самиот. А на сликата е извадок од весник каде стотици вработени во ЦДЦ не ја примиле вакцината, пишува во постот.

Во склоп на постот, објавено е видео кое е извадено од контекст, односно исечено е само во момент кога Бурла вели дека има 59 години и дека е здрав, а за него не се препорачува вакцина.

Но, многу е важно кога е дадена оваа негова изјава. А, тоа беше на самиот старт на вакциналната камапања (почеток на 2021 година) кога немаше доволно вакцини и кога во сите земји во светот постоеше приоритетен ред за вакцинирање. Да потсетиме дека во тоа време, имаше ограничено производство на вакцините против ковид-19, поради што граѓаните кои сакаа да се вакцинираат, сепак не можеа да да го сторат пред ризичните и приоритетни групи. Според приоритетната листа, први кои ги примија вакцина беа медицинските професионалци кои работеа во ковид центрите, понатаму повозрасните граѓани над 60 години со коморбидитети и сериозен ризик да развијат последици од ковид-19.

Исто така, не е вистина дека Бурла, директорот на Фајзер не се вакцинирал! Тој тоа го сторил, тогаш кога му дошол редот. На 10 март 2021 година директорот на „Фајзер“ на својот Твитер профил објави дека е возбуден што ја примил и втората доза од вакцината на „Фајзер“ против ковид-19.

Нема ништо што повеќе го посакувам на светот од тоа моите сакани и луѓето ширум светот да ја имаат истата можност да се вакцинираат. Иако патешествието е далеку од завршено, неуморно работиме да го победиме вирусот, напиша тогаш директорот на „Фајзер“.

Ама наспроти фактот што Бурла е вакциниран, сега повеќе од една година подоцна – во мај 2022 г., во постот што го рецензираме, се пласира дезинформацијата дека тој тоа не го направил. И тоа со злоупотреба на старо видео,  снимено во сосема поинаков контекст, односно во време кога Бурла чекал да се вакцинираат прво приоритетните граѓани од категориите наведени погоре.

Сите вработени во „Фајзер“ мораа да се вакцинираат до 15 ноември, освен ако не приложеа доказ медицинска причина да не го сторат тоа.

Уште во 2021 година, во екот на вакциналната кампања, одредени кругови кои ширеа дезинформации за да ги обесхрабрат и да ги поколебаат граѓаните во својата одлука да се вакцинираат, невистинито споделуваа дезинформации дека вработените на „Бионтек“, компанијата која заедно со Фајзер создаде една од вакцините против ковид-19, наводно не ја примиле истата.

Во врска со ова, на 22 декември 2020 година доктор Угур Сахин во интервју за „Дојче Веле“ запрашан зошто нема примено вакцина против ковид, изјави:

Не ни е законски дозволено да се вакцинираме во овој момент. Се разбира, сметаме (дека треба да се вакцинираат н.з.). Поважно ни е колегите и партнерите да бидат вакцинирани. Нашата цел е да произведеме над 1.3 милијарди дози до крајот на 2021 година, а тоа може да се направи само ако продолжиме со работа секој ден без никакви прекини. Треба да се погрижиме да ги заштитиме колегите и членовите на тимот од инфекција со ковид-19, бидејќи тоа би значело прекини, одложувања. Планираме да произведеме вакцини и за вработените и корпорациските партнери и членови на тимот.

Запрашан зошто законски не му е дозволено да се вакцинира, тој одговара дека има приоритетна листа.

Има приоритетна листа. Не е дозволено да се зема вакцината надвор од таа приоритетна листа. Исто е важно да напоменеме дека нам и на вработените не ни беше ниту дозволено да учествуваме во клиничките тестирања, зашто, според законот, не смее да се вклучуваат луѓе од компанијата во такви клинички тестирања, што е во ред. Но, сега се соочуваме со предизвикот да се осигураме дека и нашата компанија може да функционира и верувам дека ќе најдеме легално и фер решение за тоа, посочи тој.

Конкретно, Угур Сахин, основачот на Бионтек, во интервју дадено подоцна, во септември 2021 година, потврдува дека се вакцинирал меѓу првите.

Не само тој, туку и неговата сопруга Озлем Туречи е вакцинирана заедно со вработените на „Бионтек“. Тие двајцата, како основачи на „Бионтек“ изјавија во интервјуто дека се вакцинирани уште во јануари 2021 година, како и вработените на „Бионтек“.

И јавно достапни написи од „Ројтерс“ потврдуваат дека на сите вработени на „Бионтек“ им било понудено доброволно да се вакцинираат уште на почетокот на јануари 2021 година, кога поголемиот дел од светот не ни имаше достап до вакцините!

Што се однесува на делот од постот каде се вели дека стотици вработени во ЦДЦ (Центарот за контрола на болести на САД) одбиваат да се вакцинираат, проверувачите на факти на „Политифакт“ ја имаат демаскирано оваа дезинформација.

Како што пишуваат тие, јавно достапните податоци покажуваат дека речиси сите вработени во Одделот за здравје и човечки ресурси, во кои влегува и ЦДЦ, се вакцинирани. Односно, 96,4 проценти од федералните службеници на САД, до 23 ноември 2021 година, примиле барем една доза вакцина. До 8 декември, тој процент се искачил на 97.1 процент, што е исклучително висока бројка и не кореспондира со дезинформацијата дека вработените во ЦДЦ одбиваат да се вакцинираат.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е точно дека директорот на „Фајзер“, Алберт Бурла не се вакцинирал и дека стотици вработените во Центарот за контрола на болести на САД не се вакцинирани.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По вторпат транспортирано лице со мозочен удар од Унгарија со полициски хеликоптер

Лице со мозочен удар денеска беше превезено од Уггарија во земјава со полициски хеликоптер на МВР, опремен со потребна медицинска опрема за таков лет. Ова е вторпат да се...