Фото: Принтскрин ФБ пост

Двете фотографии  прикажани во постот немаат никаква врска меѓу себе. Едната е од 2007 година, другата е снимена цели 11 години подоцна. Освен што двете фотографии не се поврзани и што не станува збор за никаков авион за потпалување пожари, исто така нема никаква логика зад тврдењето дека се користат авиони за да се предизвикуваат пожари?! Оваа објава, иако е невистинита, манипулативна и нелогична, сепак привлекла големо внимание на социјалната мрежа Фејсбук и успеала да измами голем број корисници, пишува Вистиномер.мк. 

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Објава на социјалната мрежа Фејсбук, на која се споделени две неповрзани фотографии, тврди дека постојат авиони за палење на пожари. Ова е неточна информација.

15.07.2022

Авион,за палење пожари.

На објавата се споделени две фотографии, на едната е прикажно летало, а на другата чад во шумски предел. Со оваа објава, а и со коментарите под објавата се инсинуира дека станува збор за авион со којшто намерно се потпалуваат пожари.

Фотографијата од авионот не покажува никаков авион за палење на пожар. Оваа иста фотографија уште во далечната 2007 година односно пред цели 15 години ја има објавено и официјалната веб-страница на воената база Ендрјус, која е воен објект на САД лоцирани во Округот Принц Џорџ во Мериленд.

За овој авион, кој го нарекуваат Airborne Laser aircraft,  се вели дека иако изгледа како 747, тој се разликува од другите по својата предница која е во облик на стаклена сијалица и е направен за да соборува непријателски проектили од воздух при лет. Притоа за таа цел нема да користи куршуми, туку ласерски зрак.

Она што го прави ова револуционерно е тоа што можете да гаѓате цели со брзина на светлината – 186.000 милји во секунда, вели полковникот Џон Даниелс, програмски директор.

Воздухопловниот ласер се развивал како составен дел на системот за одбрана од балистички проектили за да ги заштити Соединетите Држави, нивните сојузници и нивните распоредени трупи од напад со балистички ракети, објаснува тој. Напреден систем за откривање и следење, најсовремена оптика и високоенергетски ласер ќе детектираат лансирање на проектил и ќе го следат за време на фазата на засилување.

Но, сето ова се пишувало во 2007 година кога овој авион бил само прототип. Тој бил дизајниран од американското министерство за одбрана во 2004 година. Но, во 2010 година, запрело финансирањето на овој проект, а програмата била прекината во декември 2011 година. Овој авион последниот лет го имал на 14 февруари 2012 година до воздухопловната база Дејвис-Монтан во Тусон, Аризона, за да се чува во складиштето во „Бонејард“. Авионот официјално не постои од септември 2014 година, откако му биле отстранети сите употребливи делови.

Тоа значи дека сега, во 2022 година, кога е објавен постот што го рецензираме, авионот за којшто се тврди дека предизвикува пожари воопшто и не постои. Тој не постои веќе цели осум години.

Втората фотографија, пак, чија цел е да прикаже дека пожарот е предизвикан од небото, е објавена од официјалниот профил на Твитер на националната шума Кламат која се наоѓа во северна Калифорнија. Објавата е од 24 мај 2018 година, а текстот на објавата вели дека станува збор за фотографија од пожарот Ноланд откриен во областа Салмон/Скот Ренџер. Но, поради големиот број на коментари дека на фотографијата има блесок од небото кој што води директно кон пожарот, од националната шума пишаа дополнителен коментар на објавата со објаснување дека станува збор за одблесок од леќата на апаратот со којшто е направена фотографијата и дека таа е направена од шумските пожарникари.

Ова значи дека двете фотографии апсолутно немаат никаква врска меѓу себе. Едната е од 2007 година, другата е снимена цели 11 години подоцна.

Освен што двете фотографии не се поврзани, и што не станува збор за никаков авион за потпалување пожари, исто така нема никаква логика зад тврдењето дека се користат авиони за да се предизвикуваат пожари и огромни  штети, како по човечките животи и материјалните добра така и по природата и природните ресурси?!

Оваа објава, иако е невистинита, манипулативна и нелогична, сепак привлекла големо внимание на социјалната мрежа Фејсбук и успеала да измами голем број  корисници.

Напишете коментар

Внесете го вашиот коментар
Please enter your name here