Вистиномер: Не e изграден нов затворен пазар во Струга

Фото: Порталб.мк

„Вистиномер“ анализираше изборно ветување на сегашниот градоначалник на општина Струга, Рамиз Мерко. Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Ветување: Изградба на затворен зелен пазар во Струга со јавно-приватно партнерство 

[Извор: Предизборна програма на кандидатот за градоначалник на Општина Струга “За Општината што ја сакаме”, 2017 год; датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, во неговата предизборна програма „За Општината што ја сакаме” (стр. 16) со која излезе на локалните избори во октомври 2017 година, вети изградба на нов затворен пазар во Струга. Ова ветување на градоначалникот Мерко, не е исполнето.

Директорот на Општинското јавно претпријатие, Иван Клечкароски, прашан за лошата состојба на постоечкиот пазар во Струга, за порталот „Инфомагазин“ (март 2019 г.), изјави дека нема пари за сериозни поправки на пазарот, а нема ни за изградба на нов пазар.

Исто така, при проверка на  официјалната веб-страница на Општина Струга нема ниту една информација поврзана со изградбата на нов затворен пазар во Струга. Имено, меѓу објавените информации за седници, јавни повици, како и други известувања поврзани со работата на Општината, нема каква било информација за нов затворен пазар.

Некаква најава или информација за изградва на нов пазар, нема ниту на официјалната Фејсбук страница на Општина Струга, но и на Фејсбук страницата на градоначалникот Рамиз Мерко, каде вообичаено ги промовираат сите реализирани проекти, или, пак, проектите кои се во тек или во план да почнат во блиска иднина. Мерко не ја спомна изградбата на новиот пазар ниту во своето интервју за „Порталб“, меѓу проектите планирани во неговиот мандат .

Исто така и проверката на локалните медиуми во Струга, но и на пребарувачите на вести, покажа дека нема информација за изградба на нов затворен пазар, ниту пак, информација за таква иницијатива.

Дека нема нов пазар во Општина Струга, ни потврдија и локалните жители на Општина Струга кои велат таков проект не е ни започнат.

Имајќи ја предвид горенаведената проверка, ова изборно ветување на градоначалникот Мерко го сметаме за неисполнето, пишува „Вистиномер.