fbpx

Вистиномер: Надал не добил ретка болест по вакцинацијата против ковид – дијагнозата ја добил уште во 2005 година

-

Од повеќе медиумски написи може да се види дека првпат Надал дијагноза Милер-Вајс ја добил уште во 2005 година, кога бил тинејџер. Порталот Тенис, пишува дека самиот Надал кажал дека оваа болест била закана за неговата кариера уште во 2005 година, а се вратила 16 сезони подоцна. Во 2005 немаше вакцини против ковид-19, ниту пак во 2020, година за која Надал вели дека „не можел да тренира и да се подготвува според стандардот каков што посакува“, пишува Вистиномер.мк.

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели дека тенисерот Рафаел Надал пред да се вакцинира бил здрав како дрен, а по вакцинацијата добил ретка болест.

Во сoстав на постот споделен е текст со информација дека Надал е далеку од врвната форма и физичка подготвеност, поради тоа што му е дијагностицирана ретка болест Милер-Вајс, која претставува дегенеративно заболување на коските и стапалата, позната како скафоиден остеохондрит. Во текстот, кој е информативен, се тврди дека станува збор за деформитет на една од коските сместени во средниот дел на стапалото, што е од суштинско значење за подвижноста, но и се вели дека шпанскиот тенисер, со помош на тимот и специјални мерки, успеал да ја забави прогресијата на болеста, но почнале да му страдаат колената, поради што морал да прави паузи во кариерата. Никаде во текстот не се тврди дека Надал ја добил болеста откако примил вакцина против ковид-19.

Од други медиумски написи може да се види дека првпат таа дијагноза ја добил уште во 2005 година, кога бил тинејџер.

Така, порталот Тенис, пишува дека самиот Надал кажал дека оваа болест била закана за неговата кариера уште во 2005 година, а се вратила 16 сезони подоцна. Во 2005 немаше вакцини против ковид-19.

Минатата година не можев да тренирам и да се подготвувам како што треба, да бидам компетитивен до стандардот како што посакувам, изјавил Надал во 2021 година, што значи дека проблеми имал и во 2020 година, повторно година во која немаше развиено вакцина против ковид 19.

Потоа, порталот го отвора прашањето дали Надал ќе може да се врати во форма на 35-годишна возраст, на истиот начин како што тоа го сторил кога имал 19 години, односно кога болеста првпат се појавила.

Во август 2021 година, порталот Тенисворлд пишува дека Надал страда од синдром, кој за првпат му е откриен во 2005 година.

Дента откако станав шампион во Мадрид, се почувствував лошо и по внимателна анализа ми кажаа дека имам проблем со стапалото. Во тој период многу доктори не го знаеја реашениетo, но на крајот ме дијагностицираа со оваа дијагноза, Милер- Вајс, рекол Надал.

На 18 декември 2021 година, Надал веќе е вакциниран целосно против ковид-19, меѓу другото и за да може да учествува на Австралија Опен. Тој е поддржувач на вакцината против ковид-19, ги следи препораките и советите на здравствените власти и смета дека тие што не сакаат да се вакцинираат се себични.

Меѓутоа, тоа што тенисерот е вакциниран во 2021 година, а неговата ретка болест е дијагностицирана уште во 2005 година, е сериозен и непобитен факт дека изнесеното во постот што го рецензираме, а во кој се тврди дека пред вакцината бил здрав како дрен, а по вакцината развил ретка болест, е невистинито. Вакцината против ковид 19 не би можела да влијае на ниеден начин врз ретката болест, со оглед на тоа што тенисерот со болеста се бори години наназад, со лекарски тимови, терапии и прави обиди да ја стави ситуацијата под контрола.

Поради сите горенаведени информации, оценуваме дека не е точно дека Надал добил ретка болест откако се вакцинирал, туку болеста ја добил во 2005 година, кога не постоеше коронавирусот, ниту пак вакцините против ковид-19.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...