принтскрин од објавата на македонски профили на Фејсбук

Вистиномер објави дека на социјалната мрежа „Фејсбук“ е постирана фотографија со краток опис во којшто неточно се тврди дека:

Грчки војник убива мајка и дете Македонци во Егејскиот дел на Македонија

Оваа фотографијата воопшто не е снимена во Егејскиот дел на Македонија и не станува збор за грчки војник. Со мало пребарување на Интернет може да се види дека илустрацијата е направена во 1942 година во Украина и на неа е прикажан германски војник од Втората светска војна, кој со пушка нишани во жена, која, пак, со своето тело се обидува да заштити дете кое го носи во своите пазуви.

Како што може да се види на „Википедија“, ова е, всушност, скратената верзија од една поголема фотографија на која се претставени нацистички војници како убиваат повеќе еврејски цивили во Иванхород (Ивангород) Украина. Идентитетот на фотографот не е познат, ама според наведеното, се смета дека најверојатно бил германски војник, имајќи предвид дека многу од нацистите ги фотографирале злосторствата во кои биле соучесници. Инаку, оваа страница на Википедија содржи редица извори, вкупно 10, кои го потврдуваат истото, меѓу кои и истражување направено од страна на угледниот германски неделник „Шпигел“ од 1964 година.

Но, ова не е сѐ. Истото објаснување за потеклото на оваа фотографија се појавува и при пребарување на Гугл со наредбата „Search Google for Image“. Со користењето на оваа наредба фотографијата се појавува дури 328 пати, односно на дури 328 различни страници и во оние кои содржат објаснување за она што се случува на фотографијата тоа е идентично со она од Википедија – дека станува збор за нацистички војник кој нишани во жена на територијата на Украина во текот на Втората светска војна.

Во самиот опис на фотографијата објавена на „Википедија“ пишува дека е прикажано „погубување на Евреи во Иваногород во Украина од страна на специјалните единици за убивање на германската војска.“ Исто така, посочено е дека фотографијата била испратена од Источниот фронт во Германија, но припадник на полското движење на отпорот, кој собирал документација за нацистичките воени злосторства, ја „запленил“ (пресретнал) во поштата во Варшава. Оригиналниот примерок го чувале Тадеуш Мазур и Јержи Томашевски, а сега се наоѓа во Историскиот архив во Варшава. Оригиналниот германски натпис на задната страна на фотографијата гласи: „Украина 1942, Еврејска акција [Операција], Ивангород“.

Целиот напис прочитајте го на Вистиномер.