Манипулација е и спинување ако ветувања на една политичка партија дадени за до крајот на мандатот, друга политичка партија и ги предочува како неисполнети во рок од една година од преземањето на власта. А, Мицкоски го прави токму тоа, се вели во анализата што ја објавува „Вистиномер“ за изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, која ја оценува како како извртена вистина, т.е. спин:
Спин: Имаме една година полна со лаги. Имаме една година полна со нереализирани ветувања, со неисполнети очекувања. Имаме една година позади нас каде што се изгуби она ветување за 500 евра просечна плата, се изгубија оние 100.000 денари ветувања за специјалистите доктори, се изгубија поголемите субвенции за земјоделците, се изгубија поголемите стипендии за младите луѓе, се изгубија сите оние средства кои што треба да бидат одвоени за подобрување на стандардот на младите луѓе, се изгубија ветувањата за поголеми пензии за пензионерите, се изгубија ветувањата за што уште не, а тоа е така затоа што не знаеја што ветуваат, ветуваа напразно и ветува само шарени лаги, истакна Мицкоски
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб страна – датум: 01.06.2018]
Контраспин: Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на зачестените средби со граѓаните во општините и населените места користи генерализирани реченици и оценки за владејачката СДСМ, со цел да прикаже дека сите ветувања што ги дале се неисполнети. Па, така, на средба со граѓани и симпатизери од Ѓорче Петров, Мицкоски искажа неколку извртени вистини, односно спинови за дел од ветувањата на владејачката партија.
Прво, не е целосна вистина дека владејачката партија управува цела една година.
Второ, не е вистина, односно извртена вистина е дека „имаме една година позади нас каде што се изгуби она ветување за 500 евра просечна плата“.
Трето, извртена вистина е дека се „изгубија оние ветени 100.000 денари за докторите специјалисти“.
Четврто, само делумно е точно дека за една година се изгубија поголемите субвенции за земјоделците.
Целата анализа на Теофил Блажевски можете да ја прочитате на „Вистиномер“.