fbpx

Вистиномер: Мицкоски гледа хонорари онаму каде што ги нема

-

Не е точно дека здравствените власти, вклучително и Комисијата за заразни болести седум месеци зборувале едно те исто – предвидувале две илјади заболени! Тоа беше на стартот од пандемијата – нова болест, многу малку се знаеше за вирусот и проекциите беа такви врз основа на тогашните сознанија и бројот на заболени. Сите знаеме дека таа бројка е одамна надмината, тоа не е податок што некој го крие, пишува „Вистиномер“ во најновиот Контраспин.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во Live Chat-от на Фејсбук (19.10.2020), барајќи оставка од членовите на Комисијата за заштита од заразни болести, ја даде следната изјава во која се забележува јасен спин:

Спин: Не може оваа Комисија за заразни болести да најде решение и тоа е очигледно. Повеќе од 7 месеци предвидуваат дека 2.000 луѓе ќе имаме инфицирани, а ние веќе имаме повеќе од 20.000 инфицирани, само во една недела имаме повеќе од 2.000 инфицирани, секојдневно имаме бројка на луѓе која што го губи својот живот, за жал, поради лошите и погрешни политики и мерки кои ги носи оваа политизирана Комисија за заразни болести и мене ме чуди упорноста што во овие 7 месеци ја имаат тие луѓе за беден хонорар, наместо да се соочат со јавноста и да поднесат самите оставка, народот ги повикува да поднесат оставка и упорно и упорно се држат до тој нивен беден хонорар, до тие бедни денари кои што ги земаат на грбот на здравјето на граѓаните. Дел од нив ми се и колеги, универзитетски професори и единствено нешто што можам да кажам е дека треба да им е срам за тоа што го прават затоа што се богатат на здравјето на граѓаните. Барем малку треба да имаат доблест, чести и честитост и кога ќе видат дека не се успешни во тоа што го прават, наместо да ги бројат бедните пари кои што ги зимаат од даночните обврзници да си дадат оставка. Малку моралот еднаш да биде пред и над лукративноста, вели Мицкоски и додава:

За жал до овој момент тие луѓе не само што немаат намера да поднесат колективна оставка, туку продолжуваат да му слугуваат на Зоран Заев во погрешните политики, а тоа нас не чини секојдневно со 400-тини, 500-тини новозаразени, и со нови 5,6,8, 10, 12 луѓе починати.

[Извор:Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ  Изјава на Мицкоски на ФБ – Live Chat (од 24,30 до 26,40 мин. од видеото), датум: 19.10.2020]

Контраспин: Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во видео-обраќање на Фејсбук, спинувајќи ја вистината жестоко ја нападна Комисијата за заразни болести и ги повика членовите да си дадат колективна оставка. Па, барајќи од членовите на Комисијата да имаат „морал и доблест“ и да си заминат од ова тело, Мицкоски вели дека „повеќе од 7 месеци предвидуваат дека 2.000 луѓе ќе имаме инфицирани, а ние веќе имаме повеќе од 20.000 инфицирани…

Ова, кажано на ваков начин, не е точно. Вистината е поинаква. На почетокот кога се појави вирусот кај нас, кога букна епидемијата, предвидувањата навистина беа дека ќе има 2 илјади заболени. Но, тоа беше на стартот од пандемијата – нова болест, многу малку се знаеше за вирусот и проекциите беа такви врз основа на тогашните сознанија за состојбите со коронавирусот и бројот на заболени во Р.С. Македонија. Првиот регистриран случај на коронавирус во земјата е на 26 февруари, а според официјалните податоци на Институтот за јавно здравје, за околу еден месец подоцна (22.03.2020)  имаше регистрирано  вкупно 136 заболени од Ковид-19 и два смртни случаја. Значи, се работи за период кога има помалку заболени.

Во меѓувреме ситуацијата се смени, се зголемуваше бројот на заболени, се воведоа рестриктивни мерки, полициски час, карантин… Потоа имаше благо стишување на состојбите, па на почетокот на летото повторно имаше нов бран на заболени и таа бројка од 2.000 заболени фактички е одамна надмината. Така што, не е точно дека здравствените власти, вклучително и Комисијата за заразни болести седум месеци зборувале едно те исто – предвидувале две илјади заболени!

Тоа е просто невистина. Познато е дека секојдневно има прес-конференции на министерот за здравство, Венко Филипче и на други здравствени авторитети, дека јавно се објавуваат извештаи од кои се гледа оти бројот на заболени драстично се зголемува. Според последните податоци (19.10.2020) вкупната бројка на Ковид-19 дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 23.788 и има 846 смртни случаи. Тоа се податоци кои сите ги знаеме, следејќи ги дневните извештаи за тоа каква е ковид-сликата во државата.

Во најмала рака некоректно е да се тврди, и тоа со огромна леснотија, дека секојдневно имаме бројка на луѓе која што го губи својот живот, поради лошите и погрешни политики и мерки кои ги носи оваа политизирана Комисија за заразни болести“. И ова го кажува човекот кој речиси два месеца ги вади на протести неговите сопартијци, свесно изложувајќи ги на опасност да бидат инфицирани со коронавирусот.

Да потсетиме и дека токму Мицкоски на крајот на април беше „фатен“ од медиумите како оди во теретана во време кога овие објекти не работеа, тој негираше, но, не ја убеди јавноста дека бил „наместен“.

Два месеца подоцна, во јуни, тој беше „уловен“ и во внатрешноста на кафеана во Дебар Маало во Скопје, што во тоа време беше забрането. И, додека инспектори од Пазарниот инспекторат, кои се посомневале дека во внатрешноста на локалот има гости, два и пол часа чекале сопственикот да ги пушти внатре, забележувајќи како Мицкоски ја напушта кафеаната. Подоцна тој на својот профил на Фејсбук призна дека заедно со двајца свои познаници бил во ресторан во Дебар Маало, „дека не бил доволно информиран за новите протоколи и дека е подготвен да плати паричната казна поради тоа.

И, сега после едно вакво однесување, има ли образ Мицкоски да зборува за „лоши, погрешни политики и мерки на Комисија за заразни болести?

Мерките се исти насекаде во светот, препорачани од Светската здравствена организација (СЗО), а за тоа што апелите – молбите не допираат до сите луѓе, не се виновни членовите на Комисијата.

На крајот, но секако не и најмалку важно, Мицкоски ги повикува членовите на Комисијата на доблест, чест и честитост и да не се држат до нивниот беден хонорар“па  наместо да ги бројат бедните пари кои што ги зимаат од даночните обврзници да си дадат оставка за моралот еднаш да биде пред и над лукративноста“.

За каков и колкав хонорар говори Мицкоски? Зарем тој не знае дека членовите на Комисијата работат без надомест?! Тоа не е некаква тајна, го знаат многумина, ако не баш сите граѓани, на оние малку повеќе упатени ова сигурно им е познато. Тоа требало да го знае и Мицкоски како лидер на најголемата опозициска партија. Но, со вакви изјави тој со право да ја навлекува лутината на членовите на Комисијата (некои се јавија со реакција на социјалните мрежи):

Фото: Принтскрин

Имајќи ги предвид сите овие аргументи, без сомневање може да се каже дека оваа изјава на Мицкоски, дадена во текот на Фејсбук четот, содржи спин, при што врз грбот на Комисијата за заразни болести се напаѓа политичкиот противник и се прави обид да се заработат политички поени, пишува „Вистиномер“ во најновиот Контраспин.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...