fbpx

Вистиномер: „Лук и вода“ не е чудотворен лек за корона вирусот

-

Објавата која циркулира на Фејсбук веќе седум месеци ги доведува во заблуда граѓаните дека со консумација на „стар кинески лек“ – напиток од 8 исецкани чешниња лук зовриени со 7 чаши вода, лесно се победува корона вирусот. Ваквата дезинформација е разобличена и оценета како лажна од повеќе сервиси за проверка на факти, а исто така, и Светската здравствена организација (СЗО) уште во февруари укажа дека нема докази оти употребата на лукот може да ги заштити луѓето од новиот корона вирус, пишува „Вистиномер“. 

Во низата дезинформации за „волшебни лекови“ кои се шират на социјалните мрежи, а кои, наводно, се многу ефикасни во  битката со корона вирусот, се и оние за чудотворната моќ на лукот. Таков е и овој пост, кој е објавен на Фејсбук на 13 март и досега има 11.000 споделувања, а  деновие е повторно актуелен и коментиран. Во него на јавноста ѝ се препорачува „стар кинески рецепт“ за ефикасно „заздравување“ и „излекување“ преку ноќ!

 

Во објавата, која циркулира веќе седум месеци, детално е опишана подготовката на рецептот, според кој 8 исецкани чешниња лук треба да се зовријат со 7 чаши вода, а потоа да се пие зовриената вода и да се јаде лукот, на крајот има и повик „рецептот“ да биде споделен до сите контакти. Со ваквата објава граѓаните се наведуваат на мислење дека на овој начин болеста лесно ќе се победи, што е крајно опасно доколку некој поверува во напишаното и со овој „лек“ го „брка“ вирусот, па доцна да побара лекарска помош.

Светската здравствена организација (СЗО) со цел да се разбијат некои митови, уште на почетокот на пандемијата укажа дека нема докази оти употребата на лукот може да ги заштити луѓето од новиот корона вирус:

Лукот е здрава храна која може да има некои антимикробни својства. Меѓутоа, не постои доказ од тековните анализи дека јадењето лук ги заштитува луѓето од новиот корона вирус.

 

Паѓа во очи и тоа што, иако оваа објава препорачува „лек на еден стар кинески лекар“, воопшто не го спомнува неговото име. Не е посочен никаков извор на информации, ниту, пак, линк кој би водел до некој научен труд за да се поткрепи кажаното. Исто така, се вели дека пациентите што го употребувале напитокот потврдиле дека тој е ефкасен, но тука повторно нема цитати или извор на информации.

Ваквата објава за чудотворната моќ на лукот во битката со корона вирусот се појави во јануари годинава, стана прилично вирална на социјалните мрежи и се рашири на насекаде низ светот. Таа уште во февруари е разобличена и оценета како лажна од Сервиси за проверка на факти како AFP Fact Check. Медицински експерти за сервисот на меѓународната новинска агенција со седиште во Париз, АФП, изјавиле дека нема докази кои го поддржуваат тврдењето оти коронавирусот се лечи со пиење превриена вода со лук. Сервисот пренесува изјава на д-р . Wasim Khawaja од пакистанскиот Институт за медицински науки, кој за АФП на 4 февруари, 2020 годинава кажал дека:

Нема научни докази за да се поткрепи тврдењето дека зовриена вода со лук го лечи новиот корона вирус, ниту, пак, има соодветно медицинско истражување на оваа тема.

Ваквите тврдења на социјалните мрежи дека овој зеленчук или билка го лечи новиот корона вирус се погрешни и може да бидат штетни за луѓето, бидејќи може да се потпрат на овие домашни лекови и да не одат тестираат во  болница, а тоа може да доведе до ширење на вирусот ако некој навистина е заразен од него .

Еден месец подоцна ваквите објави се оценети како невистинити и од американскиот сервис за проверка на факти Snopes, и од британскиот сервис BBC News .

Дека станува збор за непоткрепена информација оценија и хрватскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите, faktograf.hrкако и босанскиот сервис raskrinkavanje.ba. Рецензии за разни дезинформации поврзани со коронавирусот може да се прочитаат и на страниците на „Критинк“ и на „Вистиномер“.

Во секој случај, со оглед на опасноста од болеста – досега според последните податоци на СЗО на светско ниво има регистрирано 48.196.862 случаи, од кои 1.226.813 се починати, јавноста како единствено меродавни треба да ги прифати мерките на здравствените власти, кои, пак, се во согласност со препораките и советите од СЗО. Истовремено, нужно е да биде исклучително внимателна кон лековитите совети кои се шират на социјалните мрежи, а за кои никаде и никогаш не е докажано дека со нивна примена може да се победи корона вирусот, или кој и да било друг вирус. Бидејќи, како што укажува BBC News, преголемата консумација на лук може да биде штетна, а тоа го покажал случајот во Кина кога една жена, следејќи ги ваквите надрилекарства, завршила во болница со изгорено грло.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Во деновите пред изборите ќе има редовна настава, информира МОН

Деновите пред гласањето на претстојните избори, 23 април и 7 мај, ќе бидат работни за сите училишта. Притоа, во училиштата во кои ќе се одвива изборниот процес, наставата ќе...