Фото: Википедија, Автор: NIAID-RML

Објава на Фејсбук на македонски јазик шири дезинформации околу ковид-19 без никакви докази. Освен ова или паралелно со ова, шири и антиваксерство, повикувајќи ги луѓето да не се вакцинираат, пишува „Вистиномер“ во анализа, што подолу ја пренесуваме во целост.

Во објавата во која се мешаат и Трамп и наводна Q армија, се наведува:

Доброутро на сите .

Вие гледате ВЕЛИКО БУДЕЊЕ на човештвото,најголемиот пресврт во историјата на нашето постоење.

Ковид е измама.

Одбивајте вакцини.

Најдоброто допрва доаѓа Q

Напред Трамп и Q ,сите сме со вас.

Оваа објава започнува со зборовите „велико будење на човештвото“, во смисла дека претстои некаков пресврт во човечкото секојдневие, а под тоа, читајќи ги последователните зборови, се разбира дека таа промена се однесувала на корона вирусот и болеста ковид 19.

Клучните две пораки се ковид е измама и одбивајте вакцини.

На прв поглед може да изгледа непотребно да се разобличува првата порака дека ковид е измама, но, сепак, со оглед на сè уште огромниот број „неверници“ или лица со колеблив став околу вирусот и болеста, не е одвишно да повториме некои работи.

Светската здравстена организација (СЗО) пандемијата ја прогласи на 11 март 2020 година. Раководството тогаш на брифингот за причините за пандемијата соопшти:

Во последните две недели бројот на заразени со корона вирусот надвор од границите на Кина се зголемува. Бројот на земји, кои пријавија случаи позитивни на овој вирус, се триплираше. Во моментов имаме 118.000 заразени во 114 држави во светот. Вкупно 4.291 лица досега ги загубија своите животи, а илјадници други се борат за своите животи низ болниците.

Состојбата на пандемија, со мали исклучоци на неколку влади и лидери, ја прифатија сите земји во светот. Оттогаш па до денеска, 10.05.2021, кога е пишувана оваа рецензија, од корона вирусот Сарс-Ков2 во светот се заразиле над 159 милиони луѓе, над 136,5 милиони оздравеле, а над 3,3 милиони умреле како последица од ковид-19 (Бројките се од веб страната wordlometers, еден од најреспектабилните статистички сајтови во светот, кој користи исклучиво официјални податоци на здравствените системи во секоја земја).

Така што, нема сомневање дека објавата оти ковид е измама е кристално чиста лага, која може да ја пласираат само некои кои ја имале таа среќа да не се сретнат лично или во кругот на семејството и пријателите со таа болест или со вирусот или пак имаат некои скриени агенди.

Антиваксерскиот повик да се одбиваат вакцините е нешто што на прв поглед личи на право и слобода на авторот на постот, бидејќи во најголемиот дел од светот, а согласно и препораките на СЗО, вакцинацијата против корона и против ковид е на доброволна основа. Но, тоа не значи дека повикот не е базиран врз лага. Зашто тоа би значело дека цела биохемиска и медицинска наука во светот, која работеше на пронаоѓање ефективни вакцини, како и на презентација на поствакциналните ефекти врз пандемијата – се, исто така, лага.

За разобличување на оваа лага повторно ќе се послужиме со статистиката што ја нуди worldometars. Како пример ќе земеме три земји каде што вакцинацијата е масовно спроведена и каде што имунитетот на ниво на крдо, т.е. масовниот имунитет е веќе достигнат или е близу, па може да се видат предностите од вакцинацијата.

На пример, земја која предничи во тој процес е Израел, каде што над 60 отсто од населението е веќе вакцинирано. Израел речиси целосно се отвори, укинати се сите тешки рестриктивни мерки, а бројките на новозаразени и на починати е во континуирано опаѓање од март па до денес, така што починати се пријавуваат по еден или ниеден, како што е на 10.05.2021. (погледнете ги бројките и графиконите).

Добар пример е и Велика Британија. И таму вакцинацијата е започната уште при крајот на декември и се спроведува масовно. Бројката од над 1.800 починати во еден ден на 20 јануари, сега на почетокот на мај е сведена на двајца починати на 9.05.2020 (види тука графици и бројки).

Во 330 милионските САД, каде што во јануари умирале по 4.500 луѓе од ковид 19, последните неколку дена тие бројки се сведени на околу 200 до околу 800 на ден, а за 09.05 бројката на починати е 241 лице. (и тука видете ги бројките и графиците).

Според погоре изнесените факти, објавата што ја рецензираме може да се оцени како лага, т.е. невистина, пишува „Вистиномер“ во анализата.