fbpx

Вистиномер: Лага е дека тестови за ковид-19 во Демир Хисар се вршат во гаража

-

Пост на Фејсбук шири дезинформација за тоа каде се земаат брисови за ковид-19 во Демир Хисар, пишува Вистиномер.мк, во новата анализа.

Во објавата се пласира фотографија на која нејасно се насетуваат две медицински лица во некаква заштитна облека, која може да биде медицинска – но иста таква се користи и при употреба на инсектициди во земјоделството и овоштарството – како стојат во гаража и се тврди дека тоа е пункт за тестирање за ковид-19 во Демир Хисар:

Ова е здравството на монстpумот Заев и сатанистот Филипче. Пола милион за арачиновци, а демирхисарци во гаража. Па, не може помизерно од ова… дно, се вели во објавата.

Постот за кратко време стана вирален, а во моментот на анализирањето од страна на Вистиномер.мк има околу 600 интеракции (реакции, коментари и споделувања).

Од коментарите под постот може да се забележи дека дезинформацијата е лесно прифатена.

Вистиномер.мк ја проверил информацијата во врска со прикажаното на фотографијата и текстуалната содржина на постот, при што е утврдено дека станува збор за манипулативна употреба на фотографија, поточно нејзино користење во манипулативен контекст, со цел да се измамат Фејсбук корисниците.

Притоа, било испратено прашање до Министерството за здравство дали е точно дека гаражата прикажана на фотографијата е пункт за тестирање за ковид-19 во Демир Хисар.

Тестирањето на граѓани во Демир Хисар, се врши во Здравствениот дом во градот. Брисевите за ковид 19 се земаат во посебна просторија во склоп на здравствената установа. Фотографијата која ни ја приложувате во меилот е лажна, односно не е пункт за земање брисеви во Демир Хисар, одговориле од Министерството за здравство.

Од Здравствениот дом во Демир Хисар испратиле и фотографии од просторијата во која се земаат брисови за ковид-19.

Од фотографиите јасно може да се види дека тоа не се врши во гаража.

Според тоа, може да се заклучи дека фотографијата и тврдењето во постот се лажни. Граѓаните треба да бидат особено внимателни во однос на она што се постира на социјалните мрежи и убаво да се информираат пред да носат некаков заклучок. Лажни фотографии на социјалните мрежи многу лесно се шират, брзо стануваат вирални и тоа особено фотографии од ваков тип кога целото внимание на јавноста е насочено кон пандемијата, нагласува Вистиномер.мк.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...