fbpx

Вистиномер: Лага е дека со одбивање вакцини ,,си ги спасувате бебињата”

-

Имунизацијата претставува едно од најзначајните и најисплатливите достигнувања на јавното здравство во денешницата, бидејќи кога најголем број деца од една заедница се вакцинирани, поединечните случаи на заболувања ретко прераснуваат во епидемија. Меѓутоа, доколку некои од децата не ги добијат потребните вакцини, зголемен е ризикот од заболувања за сите. Благодарение на вакцините, некои болести, како што се големите сипаници, целосно се искоренети, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Кампањата против вакцинација против ковид-19 се проширува и за останатите вакцини, а со опасни и неиздржани постови и апели, се доведува во прашање и благосостојбата и здравјето на децата, овојпат таргетирајќи ја редовната, стандардна имунизација на децата.

Во објавата што ја рецензираме а која е објавена во пост на Фејсбук, се тврди следното:

Одбивајте вакцини во породилишта. По секоја цена. Сакате доказ: барајте писмена гаранција од производител и потпис од доктор. Спасете си ги бебињата.

Во наративот експлицитно не се кажува дека вакцините се опасни, ама тоа се подразбира со оглед на наративот кој апелира дека со тоа „ќе си ги спасите бебињата”.

УНИЦЕФ во 2018 година објавува дека имунизацијата претставува едно од најзначајните и најисплатливите достигнувања на јавното здравство во денешницата, затоа што кога најголем број деца од една заедница се вакцинирани, поединечните случаи на заболувања ретко прераснуваат во епидемија. Меѓутоа, доколку некои од децата не ги добијат потребните вакцини, зголемен е ризикот од заболувања за сите. Благодарение на вакцините, некои болести, како што се големите сипаници, целосно се искоренети. Некои се на прагот да бидат искоренети, како на пример полио, а многу други се ставени под контрола и се наоѓаат на патот до целосно искоренување, како што се дифтерија, пертусис (голема кашлица), мали сипаници, тетанус, итн.

Вакцините го спасуваат животот на децата и може да го запрат ширењето на болестите. И покрај овој факт, во 2017, повеќе од половина од најранливите деца во светот сѐуште не ги добиваат основните вакцини кои се потребни за здрав живот. Освен тоа, сѐ поголем број деца не ги добиваат вакцините кои може да го заштитат нивниот живот заради зголеменото влијание кое се врши со кампањите против вакцините и гласините кои се шират за безбедноста и квалитетот на вакцините. Научен факт е дека вакцините дејствуваат и дека тие се безбедни. Всушност, тие се повеќе од безбедни — со нив може да се спаси живот!, се вели во објавата на УНИЦЕФ.

Во Северна Македонија се предвидени 11 задолжителни вакцини, од кои повеќето се поливалентни вакцини против поголем број болести како што се туберкулоза, полиомелитис, морбили, рубеола, хепатитис Б, паротитис епидемика (заушки), хемофилус инфлуенца тип Б, човечки папиломен вирус, дифтерија, тетанус и пертусис.

УНИЦЕФ потсетува дека пристапот до вакцинација доведе до драматично намалување на смртноста кај децата под петгодишна возраст од заболувања кои можат да се спречат преку вакцинација. На глобално ниво, околу 2–3 милиони детски животи се спасуваат секоја година благодарение на вакцините. Во Македонија, стапката на опфат со вакцинација е многу блиску до посакуваните 95 проценти, иако се забележува тренд на опаѓање за некои вакцини, особено за МРП (морбили, рубеола и паротит) вакцината. Во 2016, околу 3.860 од 22.013 деца ја немаат примено таа вакцина, а тоа значи дека опфатот со МРП изнесува само 82 проценти. Дури 19.4 милиони деца ширум светот не добиваат вакцини бидејќи опфатот со вакцинација не стига до нив.

BCG вакцината се дава при отпуштање од родилиште. До крајот на првата година детето се вакцинира со BCG вакцина без претходно туберкулинско тестирање. HepB вакцина се дава во првите 24 часа од раѓање како поединечна вакцина. Вакцинирањето во Северна Македонија е задолжително, вакцинацијата е бесплатна, а вакцинирањето и ревакцинирањето се вршат согласно календарот за вакцинација. Право на секое дете е да биде вакцинирано, должност на секој родител е редовно да го носи своето дете на вакцинација, а обврска на здравствените лица е редовно да ја извршуваат вакцинацијата кај децата.

Повикот да се бара потпис од лекар како доказ дека вакцините нема да му наштетат на новороденчето е правно неиздржан. Ниту еден лекар нема обврска да потпишува писмени гаранции за светски докажани работи меѓу кои и дека вакцините се ефикасни во спречувањето туберкулоза или хепатитис Б. Туберкулозата е инфективна болест предизвикана од бактеријата микобактериум туберкулозис и најчесто ги напаѓа белите дробови. Околу 10 милиони луѓе во светот годишно заболуваат од туберкулоза а 1.5 милиони умираат од оваа болест годишно, според податоците на СЗО.

Во 2019 година, 1.41 милион луѓе починале како последица на туберкулоза, додека бројот на заразени стигнал до 10 милиони во истиот период. Тоа ја прави туберкулозата една од најчестите причинители за смрт меѓу инфективните болести на денешницата.

Според инфектолози кои ги контактирал Би-Би-Си, непосредно по раѓањето имунитетот на новороденчињата не е доволно силен за сам да се одбрани од заразните болести како туберкулозата, па затоа за развој на клеточниот имунитет за кој се потребни 6 недели, вакцината му се дава на бебето веднаш по раѓањето. Иако туберкулозата кај децата на почетокот не мора да предизвика сериозни последици, сепак последиците можат да се појават во подоцнежните фази од животот.

Очекувано е по вакцинацијата кај некои деца да се јават реакции кои брзо поминуваат: болка, црвенило, оток, покачена температура, намален апетит, плачливост. Сепак, овие реакции се незначителни во споредба со последиците од болеста која се јавува кај деца кои не се вакцинирани.

Со оглед на тоа што вакцините во родилиштата се безбедни, спречуваат болести и смртни случаи кај бебиња, оценуваме дека не е вистина дека родителите треба да си ги „спасуваат бебињата во родилиштата и да одбиваат вакцини по секоја цена“ како што лажно тврди авторот на постот, инаку повеќегодишен антиваксер. Администрирањето на некои вакцини за новороденчиња е задолжително и целата програма за задолжителна имунизација може да ја погледнете овде.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Конгрес на СДСМ: Пендаровски едногласно избран за претседателски кандидат

Едногласно на 27-миот Конгрес, СДСМ го избра кандидатот за претседател, Стево Пендаровски, соопшти лидерот на СДСМ, нарекувајќи го Пендаровски „вистинскиот претседател за сите граѓани и кандидат кој ги споделува...