fbpx

Вистиномер: Ковид дезинформациите опасни исто колку и коронавирусот

-

Не е реткост на социјалните мрежи да се шират наративи за вакцините против ковид-19, кои не само што ја поткопуваат довербата за нивната ефикасност, туку во себе содржат и теории на заговор, односно недокажани, непоткрепени тврдења, според кои една мала група на „злобници“ сакаат да го уништат останатиот дел од светот. А, сето тоа заради профит на големите фармацевтски компании, но и за реализација на наводниот план за намалување на светската популација. Многу често во овие заговорнички теории против вакцинацијата, се прави разлика меѓу вакцините кои потекнуваат од Западот и оние кои доаѓаат од Русија, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Во еден таков контекст западните вакцини се мета на широко распространети заговорнички теории, а најчесто е напаѓана онаа на „Фајзер“ и „Бионтек“, за која тенденциозно и произволно се тврди дека предизвикува низа здравствени проблеми, па дури го менува и генетскиот код.

За време на неколкуте протести против вакцинцијата во Република Северна Македонија, можеше да се слушне дека вакцините се „експериментални”, иако тоа не е точно. Сите ковид вакцини кои се употребуваат во земјата имаат одобрение за употреба и подлежат на контролни процеси и клинички испитувања. Се говореше и дека „длабоката држава” – како синоним за наводна политичка организација на сите светски моќници, сака да спроведе масовна депопулација на планетата, да воспостави контрола врз населението и да го пороби.

Во војната за превласт врз здраворазумското мислење на граѓаните, се ширеа конспирации за користење на наночипови преку кои, наводно, на населението  ќе му биде воспоставена контрола на севкупниот социјален живот, иако во дозата на вакцината воопшто нема простор  да се вметне чип. Течноста за борба против коронавирусот која спаси илјадници животи и ги намали последиците од болеста врз здравјето на светското население, всушност стана поле за геополитичка виртуелна тепачка меѓу антивакциналното лоби и остатокот од светот кој реши да се вакцинира. Честопати тој дел од граѓанството кој се вакцинираше, лажно беше претставуван како поробен, присилен и изманипулиран.

ГЛОРИФИКАЦИЈА НА СПУТНИК ЗА СМЕТКА НА ФАЈЗЕР

Фактот што руската вакцина „Спутник В“, не доби одобрение за употреба во повеќе западни држави, беше злоупотребуван за да се глорифицира нејзината ефикасност на сметка на ефикасноста на вакцината на „Фајзер“.

Принтскрин eeas.europa.eu

Делегацијата на Европската Унија во Азербејџан, има направено список на најчести про-Кремљ дезинформации што може да се сретнат на социјалните мрежи и тие воопшто не се разликуваат од оние кои се веќе распространети во Македонија.

Клучните наративи што се забележуваат во овие дезинформации се следните: дека вакцините не се ефикасни и дека се штетни, теории на заговор за Бил Гејтс и „длабоката држава“, се глорифицира руската доминација и успех, се тврди дека Западот ја дискредитира руската вакцина, како и други конспирации за „лошиот Запад“ и за Биг Фарма.

Како еклатантен пример за пропагандата против западните вакцини, особено онаа произведена од „Фајзер“, е тоа што поради нејзината поинаква техника на функционирање со мРНК механизам,  беше невистинито и лажно посочувана како да е токсична за организмот, па дури се препорачуваше и 40 дневен пост на вода за „детоксифицикација“.

За разлика  од вакцината на „Фајзер“ за која  упорно се пропагираше дека по вакцинацијата треба да се користат не само „волшебни напитоци“, туку дури и опасни лекарства за да се спасите, за руската вакцина „Спутник В“ немаше никаква негативна кампања (независно што е базирана на друга технологија).

ШИРЕЊЕ НЕСИГУРНОСТ, СТРАВ И НЕДОВЕРБА

Комуникологот Сеад Џигал за „Вистиномер“ вели дека целта на дезинформирањето за ковид-19 и за вакцините, најчесто е дестабилизација на општествата кон кои се насочени овие дезинформациски кампањи, преку ширење несигурност, страв и недоверба кон институциите на тоа општество.

Последиците по јавното здравје се сериозни бидејќи овие дезинформации може да ги поларизираат и фрагментираат општествата, но и значително да ги ослабнат и подложат на влијание, зависност или контрола од некој надворешен фактор. Во денешниот глобално вмрежен и интегриран свет, термин на Мануел Кастелс, судирот на геополитичките интереси често се манифестира низ таканаречени „информациски војни” кои се само дел од современото хибридно војување, каде противникот не мора физички да го уништите или да го потчините за да ја добиете „војната”, доволно е со „интоксикација” од дезинформации да го ослабнете и тој така лесно може да биде совладан, вели Џигал.
Запрашан како можеме да се заштитиме од дезинформациите преку медиумската писменост особено на социјалните мрежи, комуникологот посочува дека медиумската писменост е неопходен чинител во намалувањето на штетните ефекти од дезинформациите, со тоа што таа го јакне нашиот „информациски имунитет”, односно способност да се заштитиме од манипулации и злоупотреби од лажните информации.
Медиумската писменост ја јакне свеста за опасноста од дезинформациите и помага во развивање на конкретни вештини за заштита од нив, како што се проверка на информации, препознавање на манипулативните содржини во медиумите преку практикување на безбедни начини за барање и користење на информациите, објаснува тој.

КОВИД ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ ОД СРБИЈА ПРЕСЛИКАНИ ВО С. МАКЕДОНИЈА

Фактот што српскиот јазик е лесно разбирлив за голем дел од македонските граѓани, придонесе дезинформациите од српското говорно подрачје лесно да бидат пренесувани и примани во земјава. Според едно истражување на Универзитетот за новинарство во Нови Сад, поддржано од „Дојче Веле“ – Академијата во Србија,  дезинформациите што неточно советуваат како да се излекува коронавирусот сочинуваат дури 33 проценти од сите дезинформации во Србија.

И во земјава беа пресликани истите наративи дека ковид не е опасна болест туку измама, како и дека се лекува со гаргара, лук и солена вода.  Во магичната листа на надрилекарства беше посочувана и сода бикарбоната , а исто така се тврдеше и дека ако се напиете ракија и слатко од пелин, ќе ја „убиете короната“. Сепак, не може точно да се процени колкава е опасноста по јавното здравје од следењето на ваквите пораки за безопасноста на коронавирусот, така што не е познато колку од граѓаните паднаа покосени пред оваа пропаганда.

Во врска со овие совети за „ефикасно“ лекување на коронавирусот кои беа застапени во Србија, а потоа како со индиго се пресликаа и во Северна Македонија, во споменатата анализа на новинарскиот Универзитет во Нови Сад (на страница 24),  се вели дека „кога човек ќе се најде пред потенцијална опасност (коронавирусот н.з), тогаш кај него се активира инстинктот на итност што го води кон моментална акција“.

Водејќи се од овој инстинкт, многу граѓани даваа неделотворни , па дури и опасни совети за превенција на коронавирусот. Една пејачка ги посоветува граѓаните превентивно да пијат комбинација од ракија и фервекс, а по Вибер и Вацап, се ширеше таканаречен „израелски рецепт“ според кој лимонот и сода бикарбоната, измешани со топла вода „веднаш го убиваат вирусот“. Како превентивна мерка или потенцијален лек, се споменуваа алкохол, темјан, водена пареа и друго. Ваквите совети граѓаните си ги препраќаа едни на други, со најдобра намера неводејќи сметка за потеклото на тие совети и можните контраиндикации, стои во анализата на дезинформациите во Србија.

За ширењето лажни вести во време на ковид пандемија, шефот на Политичкиот оддел во Регионалниот совет за сорботка (РЦЦ), Амер Капетановиќ, вели дека е речиси еднакво опасно како и ширењето на коронавирусот.

Лажната приказна доаѓа до луѓето шест пати побрзо од вистинската, а во време на криза е изразена тенденцијата на дел од населението повеќе да верува во гласините, отколку на официјалните информации, како последица на емотивната реакција на стравот.

Така, информациите се шират и натаму, и иако, повеќето тоа го чинат без лоша умисла и едноставно затоа што не се доволно информирани да ги препознаат непроверените информации, сепак тоа може да предизвика проблеми во целото општество. Кога лажните информации и дезинформации се повторуваат и се продлабочуваат, вистинската опасност е во тоа што информациите базирани врз вистината ќе имаат ограничено влијание, напоменува
Капетановиќ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...