fbpx

Вистиномер: Коронавирусот е изолиран

-

Кина го изолира вирусот и го идентификува како коронавирус, а од 13 јануари ја сподели геномската секвенца со Светската здравствена организација. Веб-страницата на Американската национална библиотека за медицина, го објави целосниот геном од изолираниот вирус, земен во раните фази, како и неговата обновена верзија. Во научен труд во детали се објаснува како САРС-КоВ-2 е изолиран и колку е есенцијално ова изолирање за тестовите и за вакцините кои подоцна се појавија, пишува „Вистиномер“.

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост на Фејсбук во кој се тврди дека коронавирусот не е изолиран.

Американските центри за контрола на болести, во нивните објавени документи, признаваат дека немаат примери за изолиран вирус СОВИД-19 – а истото важи и за Канада и Обединетото Кралство. Без изолиран вирус – и без генетско секвенционирање на вирусот – би било невозможно за Модерна, Фајзер или која било друга компанија да направат вакцина за „борба“ со вирусот – очигледно. Што го поставува прашањето – што има во овие таканаречени „вакцини за ковид 19“? Што и да е во вакцините, тие веќе предизвикаа многу последици и умирања. Запомнете, многуте случаи на смрт пријавени во системот VAERS на ЦДЦ претставуваат помалку од 1 процент од реалните бројки – на повредени или починатите – според студијата нарачана од ФДА, се истакнува во постот.

Ова тврдење е неточно.

Да се изолира вирусот од инфицирани луѓе, значи да се добие чист примерок од вирусот за проучување. Официјални информации од стручни лица од различни земји, вклучително Кина како прва земја, говорат дека коронавирусот е изолиран.

Во постот што го рецензираме, дополнително е изваден од контекст и цитат од кинескиот епидемиолог доктор Ву Зунју. Во овој цитат погрешно се претставува дека Ву Зунју, наводно, кажал дека геномот на коронавирусот што го објавија кинеските истражувачи во јануари 2020 година – и кој Западот наводно го користел за да ги направи вакцините за  ковид – е целосна измама.

Наспроти оваа лага, Универзитетот во Пекинг, објави видео од Пекингшкиот форум одржан во декември 2020 година, каде Ву Зунју зборува за коронавирусот и неговото изолирање. Зунју забележува дека на 7 јануари 2020 година, Кина го изолирала вирусот и го идентификувала како коронавирус, а од 13 јануари ја споделила геномската секвенца со Светската здравствена организација. Веб-страницата на Американската национална библиотека за медицина, го објави целосниот геном од изолираниот вирус, земен во раните фази, како и неговата обновена верзија.

„Ен Би Си“ емитуваше сторија за потеклото на коронавирусот. Во сторијата се тврди дека првиот кластер на случаи е забележан од пазар во Вухан, но не е јасно уште, дали тоа место е примарното место каде се појавил вирусот или не. Во постот што го рецензираме, се цитира докторот Ву Зунју, како вели „не го изолираа вирусот”, но ова не имплицира дека вирусот не постои. Цитатот што е изваден од контекст, се користи во различен контекст во прилогот на „Ен Би Си“, каде новинарката го прашува докторот за потеклото на вирусот. Ву Зунју, како и претставници на кинеската влада, веруваат дека вирусот е донесен во Кина од надвор.

Тоа може да се забележи и од ова интервју со друг научник од институтот во Вухан (од 3 минута и 17 секунда до 4 минута и 44 секунда во ова видео). Тој кажува дека не е познато како вирусот влегол во Вухан и нема јасни одговори за тоа.

Има многу можности. Можеби влегол од инфицирани животни или луѓе, или преку ладниот ланец за транспорт на храна. Но вирусот не би било можно да протекол од институтот или од лабораторија. Има консензус меѓу академиците дека вирусот има природно потекло, вели тој. 

Истиот научник додава дека нема докази дека вирусот се пренел од животно на човек, зашто на пазарот во Вухан каде што биле научниците да собираат примероци, го нашле вирусот на рачките од вратите, на земјата и во канализацијата, но нуклеинската киселина од коронавирусот не била детектирана во смрзнатата храна (од 1.45 мин до 2.34 мин. на видеото).

Тврдењето во постот што го рецензираме дека американскиот центар за контрола и превенција на болести признал дека нема изолиран вирус САРС-КоВ-2 е лажно. На 20 јануари 2020 година, американскиот центар за контрола и превенција на болести, доби клинички примерок земен од првиот пријавен американски пациент инфициран со САРС-КоВ-2. Во овој труд, во детали се објаснува како САРС-КоВ-2  е изолиран и колку е есенцијално ова изолирање за тестовите и за вакцините кои подоцна се појавија.

Има бројни примери за изолирање на коронавирусот, на пример, во Кореа.

И во Северна Италија го изолирале вирусот.

Па и научници раскажуваат за медиуми чекор по чекор како го изолирале вирусот.

Во постот што го рецензираме се тврди дека вакцините предизвикале голем број повреди и смртни случаи и атрибуирањето на оваа невистина со системот ВАЕРС, е нешто што самата ВАЕРС кажува на официјалната страница дека не смее да се прави.

Самиот центар за контрола и превенција на болести во САД има тринаесетминутно видео во кое во детали е објаснето како да се пристапи во системот ВАЕРС, а кое е објавено од 2015 година

Во ова видео во 11.36 мин. е наведено:

Ограничувањата на ВАЕРС системот се тоа што нема невакцинирана група за споредба, не може да искалкулира колку често несаканите ефекти се случуваат, и генерално не може да утврди дали вакцината го предизвикала несаканиот ефект.

Дополнително, во постот што го рецензираме не се земени предвид и следните факти кои самиот систем ги наведува како забелешка:

Оние што ја администрираат вакцината се охрабрени да ги пријавуваат важните здравствени проблеми после вакцинацијата на ВАЕРС, без разлика на тоа дали веруваат или не, дека самата вакцина е причина за нив. Пријавите смее да вклучуваат непотполни, неточни, коинцидентни или неверификувани информации. Бројот на пријави не смее да се интерпретира или да се користи за да се донесуваат заклучоци за постоењето, сериозноста, интензитетот, фреквентноста или стапката на проблемите кои се поврзуваат со вакцините и ВАЕРС податоците треба да се интерпретираат во контекст на други научни информации. 

Портпаролката на Американската агенција за храна и лекови, Алисон Хант, за проверувачи на факти  во САД изјавила:

Пријавените случаи на ВАЕРС се неверификувани извештаи. Тоа што некој ќе пријави несакан ефект на ВАЕРС не е документација дека вакцината го предизвикала ефектот. Кога би имало зголемен број на смртни случаи тоа би го задржало вниманието на властите. Сите извештаи за несакани ефекти од вакцинацијата ги земаме серионзно, а во случајот на ковид-19 вакцините, Центарот за контрола и превенција на болести активно е ангажиран да ја следи безбедноста на овие вакцини. Секоја пријава за смрт по администрирањето на вакцината брзо и ригорозно се истражуваат заедно со Агенцијата за храна и лекови и Центарот за контрола и превенција на болести. Се прави опсервација на секој клинички случај. Дополнително имаме и голем број начини на кои ја мониторираме самата безбедност на вакцините, вели таа додавајќи дека досега нема зголемување на смртноста поради вакцините.

Сите овие изјави и забелешки за тоа како да се толкуваат пријавите на ВАЕРС, кои јасно се наведени на нивната страница, се со цел да не се шират антивакцинални наративи и паника дека вакцинта предизвикува смртност или повреди како што тоа се прави во постот кој го рецензираме.

Откако пријавата ќе дојде во ВАЕРС, следува долго и темелно испитување на медицинската историја на секој пациент, се бараат заеднички нусефекти од вакцините во големи дата бази и тие податоци се разгледуваат во контекст на поширока медицинска истражувачка пракса, а не само со скролање на екран каде таксативно се наведени информации. И други здравствени состојби, односно коморбидитети како и останати фактори, можеби влијаеле на смртта што настапила после вакцината.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека коронавирусот не бил изолиран и дека пријавите на ВАЕРС докажуваат причинско последична врска со вакцинацијата, пишува „Вистиномер“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Реакции по одлуката Саудиска Арабија да го предводи форумот за правата на жените на ОН

Саудиска Арабија е избрана да биде претседавач со комисијата на Обединетите Нации што ја промовира родовата еднаквост, а одлуката е критикувана од групи за човекови права поради исклучително лошото...