Скеч од комичното шоу „Saturday Night Live“, во кој Џим Кери и Маја Рудолф се во улоги на Џо Бјаден и Камала Харис, е злоупотребен за ширење невистини за новиот американски претседателски пар, пишува Вистиномер.

Манипулативна објава на Фејсбук дезинформира дека демократот Џо Бајден заедно со неговата сопруга Џил, наводно во сатанистички дух и обележја ја прославувале победата на претседателските избори во САД. Во овој пост се вели:

НОВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА НАЈСАТАНИЗИРАНАТА ДРЖАВА НА СВЕТОТ ПРОСЛАВУВА САТАНИСТИЧКА ПОБЕДА ВО АМЕРИКА СО СОПРУГАТА, ФАЛЕЈЌИ СЕ СО САТАНСКИОТ ТРОРОЖЕЦ !!! ЖИВЕЕМЕ ВО ЕРАТА НА АНТИХРИСТОТ !!! БОГ НА ПОМОШ !!!

Во прилог на тврдењето е прикажана и фотографија на која, наводно, се Бајден и неговата сопруга. Но, сето ова не е точно. За што, всушност, се работи?

Прво, на фотографијата воопшто не е претседатескиот пар, туку комичарите Џим Кери и Маја Рудолф во шоуто „Saturday Night Live“. Во овој скеч од познатото шоу, Кери го доловува ликот на Бајден, а Рудолф е во улогата на Камала Харис, идната потпретседателка на САД. Во скечот се појавува и актерот Алек Болдвин кој го глуми актуелниот американски претседател Доналд Трамп.

Како што може да се види во краткото видео , тука е прикажан комичен поглед на финалето и резултатите од претседателските избори. Па, во тој дух, Бајден (Кери) и Харис (Рудолф) во „победничкиот говор“ им се заблагодаруваат на гласачите. Рудолф е облечена во бел костум каков што носеше Харис кога ја прифати кандидатурата. И додека Трамп (Болдвин) одбива да го признае поразот, Кери и Рудолф (Бајден и Харис) видно расположени, се смеат и аплаудират. Кери го нарекува Трамп губитник – „лузер“, а заедно со Рудолф со прстите прават знак „L“. На крајот од шоуто Кери, Рудолф и Болдвин насмеани извикуваат: „Saturday Night Live“

Значи, не станува збор за некаков сатански симбол, како што се тврди во постот, ниту пак, дека се во прашање Бајден и неговата сопруга. Во случајов е злоупотребен скеч од комичното шоу во „Saturday Night Live“, во кој Кери и Рудолф во улоги на Бајден и Харис, му порачуваат на Трамп дека е губитник.

Сепак, наспроти тоа што се работи за чиста невистина, за жал овој пост е прилично популарен на социјалната мрежа Фејсбук, каде има 103 споделувања во моментот кога е пишувана оваа рецензија.