Photo by Castorly Stock from Pexels

Речиси две години во ковид пандемијата светот се бори со заразата како знае и умее. Здравствените власти ширум светот од почетокот на пандемијата и без постоење на вакцина, се најдоа пред голем предизвик: Како да го третираат коронавирусот?, пишува „Вистиномер“.

Подолу го пренесуваме текстот во целост:

Набрзо стана јасно дека специфичен лек нема, а дека сите лекарства кои се користат и во домашни и во болнички услови, се само за ублажување на симптомите на коронавирусот, кои кај различни луѓе се манифестираа на различен начин. Некои ја поминуваа инфекцијата со вирусот со лесни симптоми и без последици, а други завршуваа в болница и со постковид компликации кои траат и со месеци и за кои е потребна рехабилитација.

„Ремдесивир“ – првиот набавен лек за третман на ковид-19

Во земјава, пак, се појавија недоумици, има или нема протокол за болничко лекување на ковид-19? Дали во сите болници ковид се лекува на ист начин, или, пак, има разлики? Министерството за здравство, уште на крајот на 2020 година го набави лекот „Ремдесивир“. Токму за овој лек, министерот за здравство, Венко Филипче изјави дека го има во сите болници.
Во сите болници ја има целата терапија, скапиот лек „Ремдесивир“ којшто го набавивме уште за време на претходниот бран е насекаде дистрибуиран и во сите ковид центри го има, рече Филипче во август 2021 година.
„Ремдесивир“ беше набавен преку договорот за заедничка набавка склучен со Европската комисија. „Ремдесивир“ е одобрен лек од Европската медицинска агенција ЕМА. На веб-страницата на ЕМА пишува дека овој лек се користи кај возрасни со пневмонија, на кои им е потребна кислородна поддршка. Главната студија којашто покажува дека овој лек нуди надеж за болните од ковид-19, вклучи 1.063 хоспитализирани пациенти. 120 од нив имале блага до средна клиничка слика, а 943 тешка клиничка слика. „Ремдесивир“ се покажало дека може да го забрза времето во коешто пациентите се опоравуваат, така што тие поминувале пократко време во болница. Оние третирани со „Ремдесивир“, се опоравиле за 11 дена, а тие што примиле плацебо, за 15 дена. За пациентите на кислородна поддршка, времето за опоравување било 12 дена за оние кои што примиле „Ремдесивир“, споредено со 18 дена за оние кои не примиле. Сепак, немало разлика меѓу тие што примиле или не примиле „Ремдесивир“, а веќе имале тешка клиничка слика и почнале да го користат лекот кога веќе биле на механичка вентилација. Тоа уште еднаш потврдува, дека во случајот со ковид-19, временскиот период на примање на терапиите е многу важен. Што порано, тоа подобро.

Моноклонални антитела

Оваа терапија се прослави откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја прими уште кога беше во фаза на експериментална терапија. Овие лекови се состојат од антитела кои го блокираат шилестиот протеин на Сарс Ков 2 и така спречуваат вирусот да се поврзе со човековите клетки и да навлезе во организмот. Министерството ги набави овие антитела, ама не се даваат секому и ги нема секаде. Единствената јавна здравствена установа во земјава која има моноклонални антитела е Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Овие ампули се чуваат на специфична температура во фрижидери. Моноклоналната коктел терапија се состои од лековите “CASIRIVIMAB и IMDEVIMAB”,  одобрена за употреба од Европската агенција за лекови (ЕМА).
Министерството за здравство по бројни преговори успеа да се приклучи кон Заеднички договор за рамковна спогодба на кој ексклузивно право имаат земјите-членки на Европската унија, за приоритетна достапност на моноклоналната „коктел терапија“. Рамковната Спогодба со производителот Рош од Швајцарија, ја склучија 19 земји членки на ЕУ, нашата држава и Норвешка. Во рамките на Проектот за итно справување со кризата предизвикана од вирусот ковид-19, реализиран од страна на Светска банка, обезбедени се средства за оваа набавка.
Терапијата се дава на нехоспитализирани пациенти кои се лекуваат од ковид-19. Досега ја примиле дваесетина пациенти со поголем број на коморбидитети заболени од ковид-19. Вкупно се набавени 1.200 дози. За да се дојде до моноклонални антитела, пациентот мора да не е кислородно зависен, да не развил клиничка слика, а притоа да има сериозни коморбидитети за фатален исход од болеста. Досега на Инфективната клиника моноклоналните антитела се дадени кај млади пациенти со акутни хематолошки заболувања, луѓе кои имале трансплантации, пациенти со малигна болест на почеток, а не во терминален стадиум.
Според директорката на Инфективната клиника, доктор Милена Стевановиќ, ниеден кај кого се аплицирани овие антитела, не развил тешка клиничка слика. Светската здравствена организација ги воведе моноклоналните антитела во својот официјален протокол за лекување ковид.

 

„Молнупиравир“

Овој лек против ковид-19, во земјава уште го нема, ама Министерството за здравство на 21 октомври годинава најави дека ќе го нарача.
Лекот „Молнупиравир“ е во форма на таблета и може да го примаат сите пациенти кои се позитивни на ковид-19. Лекот се дава во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот, а досегашните клинички испитувања покажуваат дека хоспитализацијата со овој лек е намалена за 50 проценти. Министерството за здравство укажува дека лекот и вакцината против ковид-19 не може да се споредуваат. Вакцините против коронавирусот спречуваат тешка форма на болеста, компликации при хоспитализација или смртен исход. Вирусот ковид-19 брзо мутира и најголема ефикасност даваат вакцините, а целта е постигање на колективен имунитет, како би се заштитиле од новите соеви на SarsCoV2, информираа оттаму.
Според наведеното на официјалната страница на ЕМА, „Молнупиравир“ не се препорачува за бремени жени.
Овој лек кој моментално не е авторизиран во ЕУ, може да се користи за да се третираат возрасни со ковид-19 кои не се на кислородна поддршка и кои се во највисок ризик да развијат сериозен ковид-19. Молнупиравир треба да се администрира што порано откако ќе се дијагностицира ковид 19, и 5 дена по појавата на симптомите. Капсулите треба да се земаат двапати дневно во времетраење од 5 дена, се вели на страницата на ЕМА.
Се додава дека кај оние пациенти на кои двапати дневно им бил администриран овој лек, намален бил ризикот од смртност и хоспитализација, ако третманот започне рано, во првите пет дена по појавата на симптомите.

Кортикостероиди и антикоагулантна терапија

За оние пациенти во болница, на некои пациенти исклучиво под медицински надзор и со индикација, се даваат и антикоагулантнти терапии за да се спречи опасноста од тромбови. Под истите услови се дава и „Дексаметазон“ кој е кортикостероид, во надеж дека ќе се спречи воспаление. Во болниците има и „Тоцилизумаб“, моноклонално антитело кое делува како имуносупресив. Комбинираната терапија не треба да се дава на пациенти кои не се на кислородна поддршка.

Крвна плазма од прележаните

Уште на почетокот од ковид пандемијата, кога немаше вакцини, крвната плазма од прележаните пациенти им се даваше на некои од заболените. Логиката за ова беше дека антителата кои ги создава организмот со прележување, може да му помогнат на болниот пациент. Формуларот за донирање може да го погледнете на следниот линк.

До средината на 2021 година, со крвна плазма третирани во земјава биле 1.431 ковид пациент, соопштија од Институтот за трансфузиона медицина.

Со ваквиот највисок чин на хуманост, граѓаните кои се оздравени имаат можност да им помогнат на тие кои во моментот се борат со корона-вирусот. Преку даруваната конвалесцентна плазма, антителата на оздравените пациенти се користат во сузбивање на болеста кај друго лице со ковид-19, посочуваат од Институтот.

Дарителот на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека бил болен од ковид-19 и да биде барем 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест дека нема присуство на вирус.

„Ивермектин“

Во јануари оваа година лекот „Ивермектин“ стаса во Р. Северна Македонија, а во државата беше  донесен со интервентен увоз. На 12 јануари од Министерството за здравство ја информираа јавноста дека лекот „Ивермектин“ е достапен за граѓаните во аптеките по цена од 299 денари.

Овој лек може да се зема само со лекарски рецепт од матичен лекар или лекар специјалист. Истиот може да се употребува во домашно и болничко лекување, и да се земе превентивно, исклучиво со лекарска препорака, доколку лице било во контакт со ковид позитивен.

Повеќе клинички студии кои ја евалуираат ефикасноста на „Ивермектин“ кај пациенти со ковид-19 се во тек и/или нивните крајни резултати сè уште не се публикувани во научни списанија, но прелиминарните резултати сугерираат дека „Ивермектин“ има поволен ефект во профилакса на ковид-19 кај експонирани лица, како и во терапија на пациенти со лесна, средно-тешка и тешка клиничка слика, соопштија од Министерството за здравство.

Наредниот ден, на 13 јануари Министерството за здравство информираше дека стручниот колегиум за ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија и алергологија и Ковид-19 центрите при интернистичкиот блок, изготвиле мислење за употребата на лекот „Ивермектин“ кај пациенти со ковид-19.Тогаш беше соопштено дека „Ивермектинот“ не е на позитивната листа на лекови кои потпаѓаат на товар на ФЗО РСМ, а согласно Решението на МАЛМЕД, истиот лек се издава исклучиво на рецепт и се применуваат одредбите за издавање на розев рецепт.

Министерството за здравство потенцира дека „Ивермектинот“ е антипаразитски лек со широк спектар на делување, неговата примена треба да биде исклучиво под лекарски надзор без разлика дали станува збор за домашно лекување или хоспитализација. Апелираме граѓаните на своја рака да не го пијат лекот „Ивермектин“, бидејќи единствено лекар може да утврди дали постојат индикации за користење на лекот и доколку постојат во која доза и во комбинација со кои други лекови може да се користи Ивермектинот,  известија оттаму.

Но, иако се употребува во повеќе земји, ставовите за ефикасноста на овој лек во битката со коронависрусот се поделени.

За напомена е дека сите овие лекарства, дадоа свој придонес во борбата против пандемијата, особено кога вакцините не беа развиени. Сега за превенција од тешка форма на болеста и смртен исход, медицинските власти ширум светот препорачувааат вакцинација, којашто е најефикасното оружје не само за индивидуална заштита, туку и колективен имунитет и заедничко здравје во сите општества, пишува „Вистиномер“.