Вистиномер: Клик-бејт наслов прикрива дека поранешен, а не актуелен амбасадор бара оставка од Заев

Фото: Влада на РСМ

Целта на овој наслов не е точно и сеопфатно да ја информира јавноста, туку да ја наведе во погрешна насока заради зголемување на читаност и кликови. Насловот е сензационалистички и манипулативен за читателите, затоа што кога ќе кликнат на текстот ќе сфатат дека се измамени и дека не станува збор за актуелен амбасадор, туку за поранешен македонски амбасадор во ОБСЕ, Арсим Зеколи, кој таа дипломатска функција ја извршувал пред многу години, пишува „Вистиномер“ во анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Текст којшто тврди дека амбасадор му се обраќа на македонскиот премиер Зоран Заев и му порачува да даде оставка, се шири масовно на социјалната мрежа Фејсбук и притоа со насловот, кој е сензационалистички и надвор од контекст, ги измамува читателите да добијат погрешен впечаток.

Амбасадор до Заев: Не мора да падне цела Влада, само ти мораш да заминеш

Вака кога ќе се прочита насловот, без име и презиме на амбасадорот, ниту податок за каков амбасадор се работи, се добива впечаток дека некој актуелен амбасадор искажал критика до премиерот Заев, односно му порачал да си замине. Исто така, нејасно е за каков амбасадор се работи – може да станува збор за амбасадор на Северна Македонија во некоја земја, а и за странски амбасадор во нашата држава.

Ваквиот наслов, освен што е сензационалистички, тој е и манипулативен за читателите, затоа што кога ќе кликнат на текстот ќе сфатат дека се измамени и дека не станува збор за актуелен амбасадор, туку за Арсим Зеколи, бивш амбасадор кој таа дипломатска функција ја извршувал пред многу години.

Во самиот текст, коректно се известува дека станува збор за „Екс дипломат и политички аналитичар“, иако насловот тврди дека се работи за амбасадор.

Арсим Зеколи е поранешен македонски амбасадор во ОБСЕ, Виена. Тој ја извршувал оваа функција пред 15 години, кога во март 2006 година бил назначен на оваа функција. Потоа во 2009 година тој бил назначен за шеф на мисијата на ОБСЕ во Ашгабад, Туркменистан.

Вака споделен текстот, со сензационалистички и манипулативен наслов, ги измамува читателите да донесат погрешен заклучок. Доказ за тоа се над 200 коментари под објавата, голем дел од нив поттикнати од непрецизниот и тенденциозен наслов се во негативен контекст. Од некои коментари се гледа дека дел од оние кои го виделе текстот помислиле дека станува збор за актуелен амбасадор.

Ваков наслов е креиран само за да привлече внимание и да се постигне што е можна поголема читаност на сајтот. Целта на овој наслов не е точно и сеопфатно да ја информира јавноста туку да ја наведе во погрешна насока заради зголемување на читаност и кликови, пишува „Вистиномер“.