Фото: Исечок од видеото

Шваб не само што не е снимен од скриена камера и не дава некое бомбастично признание „дека ги има во џеб сите релевантни организации од сите сфери“, туку само дава опис на тоа кои партнери работат и се соработници со Светскиот економски форум. Видеото не е направено како дел од скриено снимање, туку е јавно достапно на Јутјуб каналот од 2007 година и во него нема ништо невообичаено. Повеќе проверувачи на факти од странство дојдоа до истиот заклучок, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели дека основачот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб, тајно бил снимен како признава дека „во џеб ги има политичарите, медиумите, а особено експертите и научниците”.

Во објавата пишува:

Kреаторот на „Големиот Ресет“, Клаус Шваб, немаше поим дека е снимен со скриена камера и се фалеше со марионетите што ги има во неговата џеб во Давос: „Ги имаме во нашите џебови, политичари, медиуми, а особено експерти и научници“ – Клаус Шваб.

Во продолжение на постот се пренесува директен цитат од изјавата на Шваб која според наведеното гласи:
Ако ги погледнам нашите засегнати акционери, го имаме бизнисот, се разбира, како многу важна публика и ја имаме политиката. Имаме континуирани партнерства со многу влади ширум светот. Се разбира, имаме невладини организации, имаме синдикати, ги имаме сите тие различно ориентирани медиуми, се разбира, и многу важни експерти и научници и академици, бидејќи ако гледаме во иднината, мислам дека треба да сме во потрага по нови решенија. а новите решенија ќе бидат и тоа како водени од технолошкиот развој.
Понатаму, се продолжува со цитирање на изјавата:
 – Имате дури и верски водачи, нели? – прашува човекот (веројатно новинар) со скриена камера.
– Верски водачи. Имаме и социјални претприемачи, многу важни социјални претприемачи, завршува Клаус Шваб.

Во состав на постот, поставен е и директен линк до сајтот Коловрт, кој во моментот на пишувањето на оваа рецензија не е достапен, бидејќи е означен како небезбеден. Сепак, во постот има и видео материјал, на кој се гледа дека Шваб директно гледа во камерата и се однесува како да знае точно дека е сниман. Зборува слободно и во ниту еден момент не изгледа како да е сниман со тајна камера.

 

Што говорат фактите?

Видеото е од 2007 година, а на него основачот на Светскиот економски форум, Клаус Шваб зборува за партнерите на Светскиот економски форум. Во постот што го рецензираме, невистинито се тврди дека Шваб е снимен од скриена камера. Исто така, во постот невистинито се тврди дека Шваб рекол оти во џеб ги има политичарите, медиумите, а особено експертите и научниците. Такво нешто тој во ниеден момент не изјавува. Видеото не само што не претставува материјал снимен со скриена камера, туку претставува извадок од интервју кое е јавно достапно на Јутјуб каналот на Светскиот економски форум. Во него, Шваб зборува со човек кој е надвор од кадарот, најверојатно снимател. Во клипот споделен во постот кој го рецензираме Шваб вели:
Ако ги погледнам нашите партнери, имаме луѓе од бизнисот, се разбира како многу важна публика, понатаму ја имаме политиката, имаме континуирани партнерства со многу влади ширум светот, се разбира невладини организации, трговски унии, ги имаме сите тие различни патишта, се разбира и медиумите. И многу важни се експертите, научниците и академиците бидејќи ако гледаме во иднината, мислам дека треба да разгледуваме нови решенија, а нови решенија ќе бидат исклучително водени од технолошкиот развој. Имаме религиски лидери, социјални претприемачи, многу важни општествени претприемачи.

Во ниту еден момент од интервјуто Шваб не ја дава цитираната изјава која е посочена во постот кој го рецензираме, дека наводно ,,ги има во џеб сите горенаведени”.

Исечокот од видеото е дел од 15 минутно видео достапно од 17 јули 2007 година на официјалниот канал на Јутјуб на Светскиот економски форум.

На почетокот на интервјуто, Шваб го поздравува францускиот претприемач Лоик Ле Мер, а зборувајќи со лицето зад камерата, Шваб открива дека се наоѓаат во седиштето на Светскиот економски форум во Женева Швајцарија. Тој воедно ги набројува сите партнери, од 3.53 минута до 4.38 минута.

Значи, Шваб не само што не е снимен од скриена камера и не дава некое бомбастично признание „дека ги има во џеб сите релевантни организации од сите сфери”, туку само дава опис на тоа кои партнери работат и се соработници со Светскиот економски форум. Видеото не е направено како дел од скриено снимање, туку е јавно достапно на Јутјуб каналот од 2007 година и во него нема ништо невообичаено.

Повеќе проверувачи на факти од странство дојдоа до истиот заклучок.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека Клаус Шваб снимен од скриена камера рекол дека во џеб ги има политичарите, медиумите, експертите и научниците.

Во видеото станува збор за одговор кој Шваб го дава на прашањето какви засегнати страни имаме, во врска со работните групи на состаноците на Светскиот економски форум во Давос во 2007 година. Во ниту еден момент економистот не се осврнува на тоа дека овие луѓе ги држи под свое, туку само кажува кои се партнерите и публиката на настанот. Интервјуто е снимено пред 15 години и нема врска со пандемијата, или некој актуелен политички или економски настан.

Светскиот економски форум има за цел да ја подобри состојбата во светот со здружување на бизнисмените, политичарите, академците и други лидери во заедниците за да се формираат програми на глобално, регионално и индустриско ниво.