fbpx

Вистиномер: Кју Анон поддржувачите шират измислици дека Бајден и неговата сопруга се клонови

-

Тврдењата за наводен двојник на американскиот претседател Џо Бајден и на неговата сопруга Џил не се втемелени во реалноста и во фактите, туку се производ на бујна фантазија испреплетена со заговорнички приказни на Кју движењето за наводна контрола и доминација на светот од страна на длабоката држава и поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп како спасител на светот од злите глобалисти, трговци со деца итн… Претседателот Бајден има јавни настапи речиси секој ден, медиумски настапи, вклучен е во менаџирање и коментирање на внатрешните и меѓународните политички процеси, вклучително и за воената инвазија на Русија врз Украина и неможно е сите тие комплицирани процеси да ги спроведува негов двојник, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека Џил Бајден, сопругата на американскиот претседател Џо Бајден, како и самиот Бајден се „клонови”.

16.08 2022
Клонот Сопруга на клонот Бајден,ковид позитивна.
Повлекување .
4 вакцини примени, пишува во постот.

Во објавата е прикажан скрин шот од медиумско известување дека првата дама на САД, Џил Бајден е позитивна на ковид-19, па се тврди дека и таа е клон, а не само наводно нејзиниот сопруг. Исто така, е наведен и зборот ,,повлекување”, кој иако не е јасно артикулиран во реченична конструкција, инсинуира дека Бајден ќе биде повлечен од функцијата претседател на САД, тврдење кое што „Вистиномер“ веќе го има рецензирано. Зборот „повлекување“, инаку, од страна на приврзаниците на теоријата на заговор Кју Анон, честопати се користи како жаргон дека посочените лица ќе бидат отстранети од нивните позиции, односно дека ќе бидат повлечени.

Ваквите тврдења за наводен двојник на американскиот претседател Бајден и на неговата сопруга не се втемелени во реалноста и во фактите, туку се производ на бујна фантазија испреплетена со заговорнички приказни на Кју движењето за наводна контрола и доминација на светот од страна на длабоката држава и поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп како спасител на светот од злите глобалисти, трговци со деца итн…

Претседателот на САД, Бајден има јавни настапи речиси секој ден, медиумски настапи, вклучен е во менаџирање и коментирање на внатрешните и меѓународните политички процеси вклучително и за воената инвазија на Русија врз Украина и неможно е сите тие комплицирани процеси да ги спроведува негов двојник.

Поддржувачите на теоријата на заговор Кју Анон, на социјалните мрежи ширум светот (а како што се гледа од постот што го рецензираме и во Македонија), пласираат неверојатни и сосема непоткрепени тврдења и верувања, кои заеднички формираат сет на веќе масовно препознатливи карактеристики на Кју теоријата на заговор достојни дури и за анализи во најголемите светски медиуми. 

Дијапазонот на лажни тврдења и неверојатни измислици кои ја следат Кју Анон теоријата на заговор е широк и многу често го вклучуваат претседателот на САД, Бајден. Неодамна тој падна од велосипед, а настанот беше искористен да се инсинуира дека не е тој вистинскиот Бајден туку дека има двојник поради тоа што рацете му изгледале „како на млад човек”.

 

Кју Анон теорија на заговор  – злобна држава, двојници, педофилија

Оние кои веруваат во теоријата на заговор Кју Анон, ја обожуваат и ја пласираат и теоријата за дупликати на политичарите, особено затоа што ѝ припишуваат речиси неограничена моќ на „злобната длабока држава“, а во својот жаргон добрите момци ги нарекуваат „бели капи (шапки)”.

Тие веруваат дека особено моќна научнофантастична технологија е способна речиси за сè, дури и да создаде клонови односно дупликати од разни политички фигури. Ова е особено згодно за теоретичарите на заговори меѓу кои и на поддржувачите на Кју Анон теоријата на заговор, зашто им дозволува да тврдат дека луѓе како Хилари Клинтон и Џо Бајден всушност биле уапсени или убиени и едноставно да тврдат дека лицето што се појавува во јавноста е клон или двојник.

„Би Би Си“ пишува дека илјадници луѓе веруваат во оваа теорија на заговор и своите тврдења ги пласираат на социјалните мрежи уште од 2017 година, како и дека бројот на следбеници се зголемил за време на пандемијата со коронавирусот. Според „Би Би Си“, стотици илјади ако не и милиони луѓе веруваат во барем еден дел од бизарните теории на Кју Анон.

И популарноста на Кју анон не се намали од настани коишто комплетно ја демантираат. На пример, најраните постови пласирани од поддржувачите на Кју Анон се однесуваа на истрагата спроведена од специјалниот обвинител Роберт Милер. Поддржувачите на Кју Анон тврдеа дека интересот на Милер во руското мешање во изборите во САД од 2016 година, е само приказна која треба да ја покрие вистината што се случувала наводно во позадина, а која според нив е истрага за ланец на педофилија.

Поддржувачите на Кју Анон честопати и во реалниот живот, а не само на интернет координираат напади врз политичари, јавни личности и новинари, за кои сметаат дека го прикриваат наводниот скандал за ланецот на педофилија. Твитер вели дека презема дејствија против Кју Анон поради потенцијалот за штета офлајн, а не само онлајн.

Неколку поддржувачи на Кју Анон се уапсени откако се заканиле дека ќе дејствуваат и офлајн. Во еден случај од 2018 година, тешко вооружен човек, блокираше мост над Хувер Дем, а потоа призна вина откако беше обвинет за тероризам (името на човекот е Метју Рајт).

 

Обожувачи на Трамп

„Ројтерс“ во јануари 2021 година пишува дека наспроти невистините кои поддржувачите на Кју теоријата на заговор ги пласирале претходно, дека ќе има „велико будење на човештвото”, Доналд Трамп ја напушти претседателската функција и немаше масовни апсења за наводните кабалистички или сатанистички елити кои имале наводен ланец за педофилија. Кју Анон поддржувачите го обожуваат Трамп и се противат на Демократскта партија во САД, што исто така е причина „клоновите“ за кои зборуваат во своите невистинити постови, секогаш да се од Демократската партија во САД. Инаку овој термин ,,велико будење на човештвото” често го користи и Мајк Тајсон, псевдоним на лицето кое стои зад профилот од каде е споделен постот што го рецензираме и еден од поистурените проповедници на Кју Анон во Северна Македонија.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека Бајден и неговата сопруга имаат двојници и дека Бајден ќе биде повлечен од претседателската функција.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска: Членството во НАТО отвора можност за развој на науката и технологијата

„Членството во НАТО на сите членови на академската заедница- професори, истражувачи и студенти им отвора нова димензија на поддршка, на можност за соработка со колегите од сојузничките и партнерски...