fbpx

Вистиномер: Карпош не го доби ветениот голем парк со ботаничка градина

-

Во изборната програма „Живот во Скопје, за сите“ со која градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов се претстави на локалните избори во 2017 година, вети нов градски парк со ботаничка градина „за нови зелени простори во Карпош“, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Ветување: Нов градски парк со ботаничка градина

Како логичен продолжеток на зелениот појас по течението на Вардар и Градскиот парк, во делот помеѓу СЦ „Борис Трајковски“ и „Карпош 4“, создаваме нов градски парк со првата ботаничка градина во Македонија. Го надоместуваме изгубеното зеленило меѓу зградите во оваа скопска општина, со заеднички простор во најубавиот дел од општината, стои во програмата.

[Извор:  Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.19 – датум, октомври 2017 г. ]

Истиот парк го најави и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, во едно од неговите предизборни обраќања.

Се обврзуваме и им ветуваме на карпошани дека планираме целосно да го заштитиме постојното зеленило и дополнително преку вакви паркови, да го надградиме зеленилото на општината. Ставаме точка на криминалното владеење во општина Карпош, ставаме точка на уништувањето на паркови и зеленило за сметка на бетонски згради и урбаната мафија, вети Богоев на 2 октомври 2017 година.

[Извор: Јутјуб  – датум, октомври 2017 г. ]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалниците на Град Скопје и на Општина Карпош, Петре Шилегов и Стефан Богоев пред четири години ветија изградба на голем парк во Карпош 4, во кој, меѓу другото, требаше да има и ботаничка градина. Ова ветување дадено пред локалните избори во 2017 година „Вистиномер“ го оценува како неисполнето.

Изградбата на овој парк во Карпош  беше најавена на крајот на јануари 2020 година. Градоначалниците на Општина Карпош и Град Скопје, Богоев и Шилегов, тогаш на прес-конференција зборуваа за деталите околу уредувањето на овој простор, информирајќи дека Градот ќе распише конкурс за избор на идејно решение за паркот.

Градоначалникот на Карпош, Богоев тогаш истакна дека оваа локација долги години претставувала  место каде што се фрлал градежен шут, се палеле огнови на отворено и се создавале диви депонии.

Грдата децениска слика ќе биде заменета со ново зеленило кое редовно ќе се одржува, со ботаничка градина, како и содржини за рекреација на младите, на возрасните, односно за сите граѓани, рече Богоев.

Шилегов тогаш потенцираше дека јавните градски претпријатија почнале да го отстрануваат шутот и отпадот од оваа депонија и да ја расчистуваат површината.

На овој простор ќе бидат поставени содржини за спорт и рекреација, а ќе биде предвиден и простор за ботаничка градина, за што разговаравме со граѓаните во нашата предизборна кампања. Дополнително, планирана е изведба на сервисна улица и два моста. Една по една, неуредените јавни површини ги претвораме во паркови. Непристапните и небезбедните површини, кои се диви депонии и диви паркиралишта ги уредуваме и ги отвораме за сите граѓани. Подигнуваме нови зелени површини. На овој начин вложуваме во подобра животна околина, но и во подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух,  рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

На почетокот на февруари минатата година Град Скопје распиша јавен повик  за избор на идејно решение за изгледот на новиот парк со површина од 60.000 метри квадратни долж Кејот на реката Вардар – после Алпинистичката карпа до бунарите на река Лепенец.

Фото: Принтскрин -skopje.gov.mk

Потоа, лани во март почна расчистувањето на просторот за новиот парк, за каде што беше предвидена и ботаничка градина, но освен расчистување на теренот досега (27.09.2021) не се случи ништо друго околу изградбата на ветениот парк.

Фото: Официјален ФБ профил на Град Скопје

Во декември минатата година, Шилегов во неговото новогодишно обраќање рече дека 2021 ќе ја започне со неколку проекти, меѓу кои и новиот парк заедно со ботаничката градина.

Следната 2021 е година во која почнуваме со Смарт сити, БРТ системот на Трамвај без шини, го започнуваме новиот мост на Љубљанска, а завршуваме со мостот на АСНОМ. Ако биде се во ред и условите го дозволат тоа ќе започнеме со изградба на новиот Луна парк и ботаничка градина, најави Шилегов на 28 декември 2021 година.

Тимот на „Вистиномер“ во неколку наврати изминатиот месец испрати прашања до кабинетот на градоначалникот Шилегов за текот на реализацијата на овој проект, но до објавувањето на овој текст оттаму не добивме одговор.

Градоначалникот на Карпош, Богоев, пак, ни одговори дека еден дел од паркот е направен со завршувањето на изградбата на спортско – адреналинскиот парк, а дека останатиот дел Град Скопје треба да го уреди наесен.

Во продолжение на оваа зона предвидуваме продолжување на паркот до бунарите на реката Лепенец. Претходно, општина Карпош во соработка со град Скопје и дел од јавните градски претпријатија го расчистија теренот кој претставуваше децениска депонија. Кабастиот отпад и шутот се отстранети, подигнати и очекуваме градот Скопје периодов (есенва) да продолжи со уредување, раззеленување на тој потег, изјави Богоев за „Вистиномер“.

Дека паркот треба се уредува наесен, ама без да прецизира кога и што точно ќе се прави, изјави и Шилегов за време на прес-конференцијата на отворањето на спортско-адреналинскиот парк.

Паркот одлично се вклопува во околината на кејот на Вардар, во близината на градскиот парк, а очекувам овој парк да си најде свое место и да се вклопи во паркот во Карпош 4 чија што реализација ја остваруваме оваа есен, рече Шилегов на 2 септември. (1,13 до 1,25 минута од видеото)

Тимот на „Вистиномер“ ја посети локацијата на којашто треба да биде овој нов парк со ботаничка градина. Но, таму нема парк и ботаничка градина, ама на дел од површината забележавме дека се одвиваат градежни активности за нови станбени згради.

Фото: meta.mk
Фото: meta.mk

Бидејќи на карпошани и скопјани на претходните локални избори во 2017 година им беше ветен „нов парк и ботаничка градина“, а четири години подоцна – на неполн месец пред новите локални избори, споменатиот парк не е направен, ова ветување на Шилегов и на Богоев го сметаме за „неисполнето“.

Фото: Вистиномер

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...