fbpx

Вистиномер: Како известуваа медиумите за трагедијата во Цетиње: Претпоставки, нагаѓања, дезинформации

-

Во незапамтената трагедија која се случи во Цетиње на 12 август настрадаа 11 лица – вклучително и Вук Бориловиќ кој ги изврши убиствата, а шестмина беа ранети. Во текот на хаотичната ситуација и паниката што се создаде меѓу граѓаните, од главниот град почнаа да пристигнуваат првите информации за ова злосторство, а дел од нив, најчесто објавени во регионалните медиуми, содржеа непроверени и неточни тврдења поврзани со деталите за сторените убиства, пишува црногорскиот портал за проверка на факти „Раскринкавање“, пренесува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Погрешен број убиени, неточна идентификација на жртвите 

ТАТКО НА ТРИ ДЕЦА УБИ 11 ЛУЃЕ… СОПРУГАТА БИЛА ПРВАТА ЖРТВА, А ИЗГЛЕДАА КАКО СРЕЌЕН ПАР (…)“– дел од насловната конструкција на текстот објавен во „Информер“.

 Вук Бориловиќ уби 11 лица, а рани шестмина во цетињската населба Медовина. Мештаните велат дека убиецот прво ја убил својата сопруга, а потоа излегол на улица и пукал во луѓето што му се нашле на патот “, се додава во текстот во кој има и приватни фотографии на кои се гледаат членовите на семејството на Бориловиќ.

НЕЗАПАМТЕНИОТ МАСАКР ГО НАПРАВИЛ ПОРАДИ ДОЛГ!?  Убиецот бил во конфликт со соседите, имал жена и три деца, СИТЕ ГИ УБИЛ, е насловот на текстот што го објави „Курир“ повикувајќи се на информациите добиени од разговорот со „роднина на убиецот“.

Пишувањето на „Информер“ и „Курир“ го пренесоа и други медиуми низ регионот.

Како што соопшти дежурната обвинителка, Андријана Настиќ по завршувањето на увидот, во Цетиње биле убиени 11 лица – вклучувајќи го и напаѓачот.

Настиќ објасни дека на лице место затекнале девет мртви лица. Во меѓувреме, како што изјави таа за телевизијата „Вијести“, од Клиничкиот центар на Црна Гора добиле информација дека уште две лица им подлегнале на повредите.

Подетални информации за случувањата во Цетиње соопшти директорот на полицијата, Зоран Брѓанин преку видео порака доставена до медиумите:

Според досега познатите околности, денеска околу 15 часот и 30 минути, триесет и четиригодишниот В.Б. од Цетиње пукал во семејство чии членови биле подстанари во неговата куќа во населбата Медовина. Тој со употреба на огнено оружје – ловечка пушка, им ги одзел животите на две деца, едното на возраст од осум, а другото единаесет години, и ја повредил нивната мајка која на повредите им подлегнала во медицинска установа. Потоа излегол и со истото огнено оружје пукал кон жителите на оваа населба, при што убил уште седум лица, а ранил шест.

Значи, врз основа на официјалните информации потврдени од страна на обвинителството и полицијата, јасно е дека Бориловиќ (врз основа на досегашната истрага) не е осомничен за убиство на 11, туку на 10 лица и дека неговата сопруга и децата не биле цел на нападот.

 

Непроверени информации за тоа кој го усмртил напаѓачот

По објавувањето на првите информации за трагедијата во Цетиње, некои медиуми (овде, овде…) ја информираа јавноста дека полицијата се обидувала да го совлада напаѓачот, кој одбил да се предаде и пукал во полицајците, и дека „полицајците потоа испукале повеќе истрели во правец на напаѓачот, кој во таа прилика беше убиен“

Во погорелинкуваните текстови на порталите кои ја објавија оваа информација, во моментот на пишување на оваа анализа, информацијата сè уште не е променета.

Некои портали подоцна ја променија ваквата информација, без назнака за претходната објава.

 

Еден од примерите – Принтскрин: 22:47/ 12.08.2022; Објавa од порталот B92 на Facebook, изменетата верзија достапна овде

Обвинителката Настиќ соопшти дека напаѓачот бил усмртен од негов сограѓанин.

Меѓутоа, сепак, директорот на полицијата, Брѓанин не ја соопшти оваа информација.

Потенцирам дека околностите на целиот настан, вклучително и загубата на животот на В.Б. сѐ уште се утврдуваат, а за сите детали јавноста ќе биде информирана преку медиумите, рече директорот на полицијата.

Еден ден подоцна полицијата соопшти дека сѐ уште утврдува дали Бориловиќ, кој вчера уби 10 лица, починал како последица на тешко ранување или од куршумот кој подоцна бил испукан од граѓанин. За ова се огласи  и министерот за внатрешни работи Филип Аџиќ.

Досега спроведените мерки и дејствија укажуваат дека еден од проектилите испукани од полициските службеници го погодил В.Б. и притоа тешко го ранил. По наизменичното користење на огнено оружје од страна на полициски службеници и В.Б., според нивните изјави и пријави, во еден момент немало повеќе употреба на оружје од страна на В.Б., соопштија од полицијата, пренесуваат медиумите.

 

Политичка конотација

Порталот „Барски“ направи неприфатлив пропуст при известувањето за настаните во Цетиње, кој објави текст со наслов „Хорор во Цетиње: Функционер на СД уби 11, а рани голем број луѓе“.

Фото: Принтскрин / Објава на порталот Барски на Фејсбук

Известувајќи на овој начин, порталот дава погрешен контекст на случувањата, бидејќи членството во било која политичка партија само по себе не е и не смее да биде доведено во корелација со стореното кривично дело.

Текстот подоцна беше избришан (без известување, исправка или извинување до читателите), па моментално не е достапен на нивната веб-страница, ниту пак, на Фејсбук.

 

Полицајци со пушки?

Според непотврдени информации од теренот, по масакрот во Цетиње, Клиничкиот центар во Подгорица е под опсада. Како што дознаваме, полицајци со пушки ја чуваат болницата, каде што се донесени некои од ранетите од крвавиот инцидент, се вели во текст објавен на Курир.

Овие тврдења не се потврдени со фотографии кои го илустрираат текстот, ниту пак со видео снимки, а од полицијата во ниту еден момент немаше известување за засилени мерки на безбедност пред Клиничкиот центар.

На видеото што го снимил фоторепортерот на „Побједа“, Драган Мијатовиќ, а кој „Курир“ го вклучил во текстот, не се гледаат полицајци со пушки. Мијатовиќ ни потврди дека додека се носеле ранетите од Цетиње, околу Клиничкиот центар имало полиција и инспектори, но дека тие не носеле пушки. 

 

Новинарски интерпретации на злочинот – сатанизација на осомничениот напаѓач

„Крвав настан“, „крвава драма“, „масакр“, „крвава акција“ – се само некои од описите во медиумите за трагедијата која се случи во Цетиње во која загинаа 11 луѓе.

Некои медиуми осомничениот напаѓач го нарекуваа и „масовен убиец“, „монструм“….

Фото: Еден од примерите – Принтскрин од објава на порталот Информер на Фејсбук

Извештаи за истраги и за судски случаи треба внимателно да ја известат јавноста за криминал, кривично гонење и судска пресуда. Личноста е невина сè додека судот не го докаже спротивното, дури и кога тој/таа ја признае вината. Ова се однесува дури и во случаи кога вината е очигледна за јавноста, пишува во Кодексот на новинари/новинарки на Црна Гора.

Исто така, медиумите изнесуваа и различни информации во врска со мотивот на нападот како на пример, „незапаметен масакр направен поради долг“, „си умислил дека му фрлиле магија“, „расправија поради имот“…

Станува збор за непотврдени наводи и гласини.

Засега не е јасно што го поттикнало В.Б. на ваков грозоморен чин, во кој и самиот го загуби животот, објави во првото обраќање директорот на полицијата.

Ниту во следното соопштение на Полициската управа не беше соопштен мотивот поради кој напаѓачот усмрти повеќе луѓе.

Во интерес на јавноста, укажуваме дека врз основа на прибраните информации постојат индиции, врз основа на изјави на лица од непосредната околина на В.Б., кои укажувале дека имало промени во неговото однесување, но не и на потенцијално извршување на ваква кривично дело, а по тој повод бил закажан специјалистички преглед на В.Б. Исто така, нагласуваме дека нема информации, ниту пак е пријавено во полиција дека имало претходни конфликти, ниту пак напад во последниот период од страна на В.Б. врз семејството кое било потстанар во куќата. Оттаму, извршувањето на ова тешко кривично дело не треба да се доведува во причинско-последична врска со какво било незаконско однесување од претходен период, се вели во соопштението на Полициската управа.

Објавите на „Курир“, „Блиц“ и „Информер“ добиваат оценка „пристрасно известување“.

Оценка „пристрасно известување“ добива медиумски извештај за кој може јасно да се утврди дека фаворизира факти, ставови и заклучоци кои одговараат на одреден наратив, често непочитувајќи го правото на контактирање на втората страна кога станува збор за тврдења кои се штетни за нечиј углед или кој одредено лице го прикажуваат во негативно светло. Еден од облиците на пристрасно известување е и селективно прикажување на фактите, каде што се истакнуваат факти кои одат во прилог на одредена теза, додека пак, се изоставуваат фактите кои не ја потврдуваат тезата. Ваквите медиумски извештаи најчесто се пропратени со мошне емоционален начин на пишување. Тие можат и не мораат да бидат неточни, ама по правило не ја прикажуваат целата слика и сите страни на приказната, туку само фактите кои одговараат на преферираниот наратив.

Објавата на „Информер“ дека Бориловиќ убил 11 луѓе и својата сопруга добива оценка „дезинформација“.

Оценка „дезинформација“ добива медиумски извештај кој во себе содржи „микс“ од факти и невистинити или полувистинити содржини. Во вакви случаи, медиумите не мора нужно да бидат свесни за невистинитите информации кои се објавени заедно со точните. Освен тоа, ваква оценка добиваат и извештаите кои имаат лажни атрибуции или наслови кои не го отсликуваат текстот во смисла на вистинитост на информациите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...