Фото: Pixabay.com

Еден од елементите на добра, реформирана администрација прифатен од ОЕЦД и ЕУ е и прашањето за испораките на услугите кон граѓаните и правните лица, бизнисот, т.е. изградба на администрација насочена кон потребите на граѓаните, што ќе нуди лесно достапни услуги. Ова, меѓу другото,  се посочува во Извештајот на „Метаморфозис“ за реформите во јавната администрација насловен како: „Администрирањето“ со администрацијата – клучен предуслов за реформите, во кој се прави пресек на состојбата со реформскиот процес од 2021 година, заклучно со 31 март 2022 година, пишува Вистиномер.мк.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Според повеќето анализи и извештаи што се однесуваат на ова поле од  реформирањето на администрацијата, работите се многу поразлични од 2017 година и е забележан напредок. Ама овој напредок повеќе се однесува на клучните закони што се нужни за испораката на услугите, но не и во повеќето области од услугите што ги нуди администрацијата. Во 2019 година клучните законски прописи се донесени од Собранието на РСМ – Закон за централен регистер на населението, Закон за електронско управување и електронски услуги и Закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Но, за да се спроведе по вертикала нудењето поефикасни, што често значи и дигитални услуги што ги нуди администрацијата, потребна е синхронизација и измени на стотици закони. Владата донела таков заклучок за усогласување на 150 закони во различни области во март 2021 година. и на тоа работи посебна работна група координирана од кабинетот на премиерот, а на различни форуми што расправаат за ова прашање, на пример, реформи во правосудството, се споменувала и бројката од над 200 закони.

Нашето истражување покажува дека во јули и август 2021 година Владата расправала за ова прашање. Најпрво премиерот и вицепремиерот присуствувале на состанок со работната група за подготовка на измени и дополнувања на закони заради дигитализација на процеси, при што е подвлечена определбата на Владата да го турка овој процес како приоритет со крајна цел современа дигитализирана администрација, која ќе испорачува такви услуги кон граѓаните и бизнисот, а неколку недели подоцна на седница на Влада според информација од вицепремиерот, било заклучено дека до крајот на август сите потребни закони за процесот на дигитализација да бидат изменети и усогласени и доставени до Собранието.

Колку од ова е остварено останува нејасно, со оглед дека настапи неактивност поради изборните кампањи за спроведување на локалните избори, па усогласувања за ново владно мнозинство, па нова влада итн. Сепак, факт е дека современа администрација и дигитализирани услуги насочени кон граѓанинот е дел од Програмата на новата Влада за периодот 2022-2024 година, а и натаму е приоритет на Владата запишан на листата со општи стратешки приоритети што се еднакви по значење, како и стратешки приоритет за 2022 година. Дека, сепак, се работи на усогласување на законите покажуваат неколку такви измени што беа предложени и усвоени од Собранието до крајот на минатата година од областа на трудот и социјалната заштита, а крупен законски исчекор ќе биде направен со усвојувањето на измените на Законот за матична евиденција, кој од ноември 2021 година беше поставен на ЕНЕР на јавна расправа и чии измени се токму од аспект на електронската евиденција и идентификација, за постапките поврзани со матичната евиденција на граѓаните. Исто така, потврда има и од еден од експертите од фокус-групата, кој наведе неколку закони што се изменети токму од аспект на дигитализирање на услугите, споменувајќи ги Законот за социјални права, Законот за правата на децата, Законот за здравствена заштита во делот на доделување концесија за примарна здравствена заштита, законите за основно, средно и високо ообразование, подзаконски акти за доделување стипендии итн.

Но, минатата година граѓанскиот сектор направи анализа на законодавството што е клучно за дигитализација на услугите и утврди недоследности на дел од основните закони, како и непостоење законска измена кај некои клучни закони кај институциите што треба да даваат услуги, како што се законите за лични и патни документи. Во анализата изготвена од Институтот за општествени и хуманистички науки од Скопје, направен е прилично критички осврт откако се разгледани трите основни закони (оние од 2019 година), кои се важни за дигитализацијата на услугите и нивната усогласеност со Законот за општа управна постапка:

„За поздравување е напорот за воведување дигитализација во водењето на матичните книги уште пред носењето на законите за дигитализација од 2019 година. Реализацијата, пак, е предмет на критичка анализа, која покажува претпочитање на инерцијата од преддигиталната ера, филозофијата на администрирање наследена од ерата на т.н. заробена држава (отуѓена од „малиот човек“), односно инерција на авторитарниот и неефикасен јавен апарат. Ќе си дозволиме да споделиме впечаток дека во начинот како се замислени постапките, нивните противречности и фактот дека решавањето на противречностите е оставено на обичниот граѓанин наместо на административниот апарат, гледаме еден вид садизам на моќната држава наспроти „претпоставено корумпираниот граѓанин“. Провејува пристапот на законодавецот според кој и обичен лапсус и технички пропуст е третиран како криминален гест наместо резултат на неукост, lapsus callami, којшто државата, ако е устроена според принципите на ЕПТП, треба да го решава со добра волја и проактивност“ – се наведува во воведот на анализата.

Освен ова, се даваат и препораки какви треба да бидат измените на законите за лични и патни документи:

„Посебните закони за лични документи, вклучително и изводите, треба да се подредат што е можно попотполно на трите закони за дигитализирана администрација, а во духот на ефикасната и евтина постапка, која е темелен принцип на Законот за општа управна постапка (ЗОУП), како и на Европската повелба за темелните права во делот каде што се објаснува правото на добра администрација. Слични забелешки имаме и во однос на другите закони за лични документи обработени во студијава, како и придружните стратешки документи за дигитализација, кои ќе ги сумираме во заклучоци и препораки.“

Еден од експертите од фокус-групата  оцени дека трите главни закони се генерално добри и дека треба да се прават само фини дотерувања на некои делови од законите, потенцирајќи го притоа Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.

И во извештајот на СИГМА од ноември 2021 година се нотира различната состојба од 2017 година, дека во однос на земјите од Западен Балкан оваа состојба е нешто над просекот во РСМ, но дека во промените во пракса, односно во имплементацијата, има различни резултати:

„Подобрувањето на политиките во оваа област е придружено со мешани резултати во однос на нејзиното спроведување. Имаше значаен развој на случувања, кои имаат големо влијание врз испораката на јавните услуги, како што се воспоставувањето на Централниот регистар на население, Платформата за интероперабилност и Националниот портал за е-услуги. Сепак, анализата на примерок од услуги покажува дека само пријавувањето и плаќањето персонален данок има значително подобрување со воведувањето на новиот систем е-Персонален данок во 2018 година, вклучувајќи ги и претходно пополнетите даночни пријави што ги подготви УЈП за сите даночни обврзници. Во случајот со другите услуги, нема поголем развој од 2017 година. На пример, за обновување документ за лична идентификација, не постои можност за поднесување е-образец“ – се наведува во набљудувачкиот извештај од ноември 2021 година.