fbpx

Вистиномер: Јавното обвинителство функционира со само една третина од предвидените кадри

-

Кратење на буџетите, недостаток на ресурси, недостаток на вработени на крај резултира со лоши резултати во борбата против корупцијата. Јавното обвинителство треба да има водечка улога во борбата против корупцијата, но, за жал, во Северна Македонија е главна кочница, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Недоволниот број на стручни соработници и друг помошен персонал го оптоварува функционирањето на судовите и јавните обвинителства. Отсуството на стратегија влијае врз правилното планирање и распределба на човечките и буџетските ресурси. Ова е наведено во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија за 2019 година (стр. 19).

Овој проблем не само што не е решен туку и во последниот извештај објавен во октомври 2021 година на страница 21 е наведено: Во наредната година, земјата треба, особено, да ги спроведе стратегиите за човечки ресурси за правосудната и јавнообвинителска мрежа, да ги користи како показател за проекциите за следните вработувања;

Ова го потврдија и изворите кои ги консултираше Вистиномер за оваа сторија. Според Нури Бајрами, член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), јазот помеѓу потребите и расположливите ресурси е многу голем.

Согласно последниот извештај во 2019, Јавното Обвинителство треба да има 1.143 работни места, но од нив само околу 470 се пополнети. Многу смета немањето на кадар и капацитети во институциите. Тоа сите институции во системот за борба против корупцијата ги прави неефикасни, смета Бајрами.

Ваков наод има и „Блупринт“ групата за реформи во правосудството. Во својот извештај од март 2020 година, оваа група на експерти во резимето наведува: „податоците во однос на кадровската екипираност на стручната служба на јавното обвинителство укажува дека само 31% од предвидените места, согласно систематизацијата се пополнети во јавнообвинителската служба што особено ја отежнува работата на јавните обвинители“.

Уште полоши денови ги очекуваат јавните обвинители оваа година. Димитар Николовски, извршен директор на Евротинк – Центар за Европски стратегии, направи анализа на буџетите на институцијата.

Бројките се многу поразителни. И за двете ставки постои сериозен надолен тренд. Од 12 милиони евра во 2019 година на 9 милиони евра во 2021 година. Во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција е уште полоша состојбата. Ако во 2019 година се одвоени 3,7 милиони евра од буџетот, во 2022 се проектирани само 1 милион евра. Секоја година се намалува одвоениот буџет за овие институции, смета Николовски.

Тој додава дека Владата декларативно кажува дека се бори против корупцијата, а практично, со кратењето на буџетите тие порачуваат дека немаат намера да ја екипираат најважната институција за борба против корупцијата, а тоа е Јавното обвинителство.

Лошо поставеното Обвинителство отсекогаш било проблем во работењето на останатите институции од системот за борба против корупцијата.

Немањето на човечки ресурси влијае врз работата на секоја институција. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција кубури и со сретства, и со луѓе, и со ресурси. Министерството за правда и Судскиот совет треба што побрзо да ги екипираат јавните обвинителства во државата. Без ресурси не може да има никаков ефект во борбата против корупцијата, смета Ариф Муса, поранешен член на Антикорупциската комисија.

Тој додава дека без силно Јавно обвинителство сите останати институции ќе имаат проблеми со ефективноста и ефикасноста во работењето.

 

Резултатите на јавното обвинителство се под просекот

Резултатите кои ги постигнува Јавното обвинителство се далеку од посакуваните. Доколку направиме споредба со останатите држави од регионот или, пак, државите членки на Советот на Европа, можеме да заклучиме дека и покрај воочениот тренд на намалување на бројот на јавните обвинители, оптовареноста со предмети по јавен обвинител во нашата држава е многу ниска во споредба со европскиот просек и во споредба со состојбата во развиените европски држави. Па, така, според последните достапни информации од 2016 година, додека број на обвинители на 100.000 жители на ниво на Европска комисија за ефикасноста на правдата на Советот на Европа (CEPEJ – European Commission for the Efficiency of Justice of the Council of Europe) изнесувал 11,7, а во С. Македонија овој број изнесува 8,3.

Според податоците достапни од Извештајот на CEPEJ од 2018 година, со податоци кои се однесуваат на 2016 година, земајќи ја состојбата со бројот на јавните обвинители на 100.000 жители, макеоднскиот јавен обвинител во просек работел 1,4 предмети, додека просекот на CEPEJ за истиот период е 3,1.

За професорот Владимир Пивоваров, ресурсите не се главниот фактор за лоши резултати.

Проблемот на Обвинителството не е во ресурсите. Главниот проблем таму е што тие се неработници. И 10.000 луѓе да имаат работите таму ќе бидат исти. Треба да се смени пристапот на работа на Обвинителството и треба да се интегрираат системите на повеќе институции да работат. Многу значи да имаме интегриран пристап, од едно место да се следи криминалот, смета Пивоваров.

Тој додава дека во денешно време, ако 1 секунда, криминалецот е пред вас, веќе ви е избеган.

 

 

Недостаток на ресурси или недостаток на визија

С. Македонија со измените на Законот за истражна постапка, истрагите целосно ги довери на обвинителствата со што во голема мера се зголемија обвластувањата на Јавното обвинителство. Ова е италијански модел на уредување на обвинителствата. Тој предвидува обвинителствата да имаат и истражни тимови, составени од службеници со полициски обвластувања, односно проактивни истражители, за разлика од Австрија и Германија, кои имаат пасивен модел.

Професорот на Правниот факултет во Скопје, Гордан Калајџиев, смета дека законски обвинителите имаат многу обвластувања да работат проактивно, но, де факто, ништо не работат.

Буквално чекаат полицијата да им сработи. Полицијата секогаш ги прави и првите испрашувања на осомничениот и му даваат на обвинителот практично решен случај на крај. Тие одлучуваат дали понатаму ќе го пуштат со форма на истрага или со обвинувања, а не да го работат заедно со полицијата. Го имплементираме италијанскиот модел, но некако бавно ни оди. Недостатокот на луѓе во Обвинителството создава прераспределување на моќта помеѓу нив и полицијата. Кога Обвинителството нема сопствени истражни капацитети, се доведува во ситуација да одлучува врз основа на тоа што го сработила полицијата. Обвинителството се сведува, како што си беше порано, на еден вид правна служба на полицијата. Тоа значи дека полицијата ќе има многу поголема моќ да одлучува кој да се гони, иако тоа по Уставот е прашање за Обвинителството. Дали полицијата ќе го сработи делото и ќе го донесе пред Обвинителство или не, е на некој начин избор или пренесена моќ врз полицијата. Вака има поголема можност полицијата да забошоти некои предмети или ќе има политички влијанија да не гони криминалци. Полицијата е и онака под дирекна власт на политиката, која ги назначува министрите во МВР, што дирекно води кон поголема корупција. Корупцијата и политизацијата одат рака под рака“, смета Калајџиев.

Тој додава дека Обвинителството не смее да зависи од полицијата. Мора да има свои капацитети за истражување.

Република Северна Македонија покажа дека кога сакаат политичарите, борбата против корупцијата можат да ја водат на многу поефикасен начин и екипираност, како што беше случајот со Специјалното јавно обвинителство. За жал, од овие состојби и односот на државата кон Обвинителството, таква желба не препознаваме, пишува „Вистиномер“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Без ниту еден доказ се обвинува НАТО, ИСИС и Ал Каеда за петкратното убиство на Смилковско Езеро

Во објавата што ја рецензираме произволно се тврди дека ЦИА ја креирале Ал Каеда и ИСИС и дека НАТО стои зад масакрот на Смилковско Езеро. За ова не се...