fbpx

Вистиномер: Измислена изјава на Черчил со години се шири на Фејсбук

-

Не е вистина дека Черчил изјавил оти целата историја на Европа е поврзана со Македонија и затоа сите ја негираат, како и проширениот дел од изјавата, прикажан во постот што го рецензираме. Во објавата не е посочен никаков извор, ниту, пак, со пребарување на Гугл може да се најде дека британскиот премиер во времето на Втората светска војна некогаш рекол такво нешто за Македонија, пишува Вистиномер.мк.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели дека „Винстон Черчил изјавил дека целата историја на Европа е поврзана со Македонија и затоа сите ја негираат“. Потоа во постот се дава проширена верзија на наводниот исказ на Черчил, во која се вели:

Целата историја на Европа е поврзана со Македонија. Европа ја подели Македонија во 1913 година, за време на Првата светска војна најголемите битки се водени на Македонска територија. 

Правени се обиди за асимилација на Македонците, за среќа безуспешни. 

На крајот, во еден дел од Македонија, Македонците создадоа своја Држава во рамки на Југославија. Но, таквата причина ја исплаши Грција, па направи егзодус над Македонците. 

Македонците се потомци на Филип и Александар и имаат право да живеат во своја држава.

 Се плашам, дека нивната пребогата историја во иднина ќе им донесе преголеми проблеми кои ќе им ги наметнат Бугарија и Грција затоа што имаат страв од постоењето на Македонија и Македонците.

Винстон Леонард Спенсер Черчил, живеел од 1874 до 1965 година и е еден од поважните политичари на дваесеттиот век. Во времето на Втората светска војна бил премиер на Велика Британија. Завршил воена академија по што служел војска. Черчил се смета за еден од најголемите лидери во дваесеттиот век, а покрај ангажманот во политиката, познат бил и како оратор, офицер во Британската армија, историчар, писател. Тој има добиено Нобелова награда во областа на литературата во 1953 година и неговите цитати до денеска нашироко се споделуваат.

Токму фактот што станува збор за политичар кој има голем број на цитати, е искористен за во „морето“ од пораки кои Черчил ги запишал, да се протне и една непостоечка – онаа во постот што го рецензираме.

Не е вистина дека Черчил изјавил дека целата историја на Европа е поврзана со Македонија и затоа сите ја негираат, како и проширениот дел од изјавата  прикажан во постот што го рецензираме. Во објавата не е посочен никаков извор, ниту пак, со пребарување на Гугл може да се најде дека британскиот премиер во времето на Втората светска војна некогаш рекол такво нешто за Македонија.

„Вашингтон пост“ има објавено анализа за состојбата на Балканот во поглед на историските конфликти меѓу државите, во која е кажано дека Черчил рекол дека Балканот има продуцирано повеќе историја отколку што може да свари. Но, ништо конкретно за македонската историја, посебно не за ситуацијата во Првата светска војна, ниту за асимилација на Македонците, за егзодус, ниту дека Македонците се потомци на Филип и Александар.Черчил никогаш не се осврнал ниту на прашањето на меѓусоседските односи меѓу Македонија, Бугарија и Грција, ниту, пак,  рекол дека „се плаши дека македонската пребогата историја во иднина ќе им донесе преголеми проблеми на Македонците кои ќе им ги наметнат Бугарија и Грција зашто имаат страв од постоењето на Македонија и на Македонците”.

Станува збор за комплетно фабрикувана изјава, којашто е споделена како да е кажана од Винстон Черчил, иако тоа никогаш не се случило. Во склоп на постот, има и фотографија од Черчил, како и делови од неговата биографија, за да се измамат корисниците на социјалната мрежа дека станува збор за преземена информација од некој официјален извор (со оглед на тоа што дел од наведената биографија на Черчил е вистинит).

Постот е исклучително вирален со над 200 споделувања и повеќе од 450 коментари бидејќи е напишан во политички сензитивен момент, со цел да се распламти национализмот базирано на невистина.

Оваа дезинформација „Вистиномер“ ја пронајде и во 2018 година, кога првпат била објавена на сајтот „Македонска нација“.

Во објавата на „Македонска нација“, се меша вистината со невистината, па така првиот дел од текстот е точен (дека Черчил рекол дека Балканот има продуцирано повеќе историја отколку што може да конзумира е вистинита изјава на Черчил), но потоа се додава фабрикуваниот и невистинит измислен дел за Македонија и македонизмот. И во 2019 година, порталот Македонска нација уште еднаш го објавил истиот текст, односно направил комплетен репринт на измислицата.

Не е првпат на социјалните мрежи неточно да се атрибуираат изјави на познати и моќни политички фигури било од сегашноста, било од минатото, кои што имаат за цел да создадат слика дека овие моќни политички фигури даваат изјави во кои им држат лекции на Грците и ја глорифицираат македонската историја. Последен таков пример за кој „Вистиномер“ пишуваше беше измислената изјава на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во која наводно, ги  „прегазил Грците“  и им кажал дека „со години вршат терор врз Македонија и Македонците и немаат право да зборуваат за демократија”.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека постот што го рецензираме е невистинит. Винстон Черчил никогаш не изјавил дека целата историја на Европа е поврзана со Македонија и затоа сите ја негираат, ниту пак, кажал дека Европа ја подели Македонија во 1913 година и дека се правени обиди за асимилација на Македонците. Черчил не кажал ни дека Македонците се потомци на Филип и Александар ниту пак, изјавил дека му е страв дека македонската пребогата историја во иднина  ќе донесе преголеми проблеми за земјава, наметнати од Бугарија и Грција кои имаат страв од постоењето на Македонија и Македонците.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...