fbpx

Вистиномер: Изјави на Бил Гејтс извадени од контекст манипулативно се користат во антиваксерска кампања

-

Не е првпат Бил Гејтс и неговите настапи да се вадат од контекст, да се монтираат и да се злоупотребуваат за ширење на познатата теорија на заговор дека вакцинацијата е план за депопулација на светското население. Овие заблуди, што подолго време се шират низ интернет просторот, потекнуваат од ТЕД говорот на Гејтс во 2010 година, a  темата на којашто тој говори воопшто не е поврзана ниту со ковид, ниту со депопулација на населението преку вакцинација, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Фејсбук објава споделува исечок од изјава на доктор Владимир Зеленко, познат ширач на теории на заговор против вакцините, кој неточно интерпретира неколку изјави на Бил Гејтс со цел манипулирање и дезинформирање на јавноста

Во 2015 Бил Гејтс изјавува, поради глобално затоплување,  светската популација треба да се намали за 10-15% со употреба на вакцина

Во 2020 Бил Гејтс изјавил дека 7 милијарди луѓе треба да се вакцинирани

Е во 2021/2022 прашањето е – зошто треба да примаме вакцина од некој кој сака да ја намали светската популација?.. ( Владимир Зеленко, кој почина деновиве од тежок вид рак на плуќа)

Милијардерот и филантроп  Бил Гејтс повторно е мета во објави на социјалните мрежи и тој е една од најпогодените личности од дезинформациите кои се шират со разните конспиративни теории . Дезинформациите поврзани со Гејтс најпрво се шират на англиски јазик, а потоа се преведуваат и прилагодуваат на многу други јазици, вклучително и на јазиците од нашиот регион.

Таква е и оваа објава на којашто е споделено видео од Владимир Зеленко, во кое тој споделува повеќе дезинформации и неосновнани сомнежи.

Тврдењето дека Бил Гејтс во 2015 година рекол оти поради глобално затоплување, светската популација треба да се намали за 10-15 отсто со употреба на вакцина е неточно и целосно извадено од контекст. Овие заблуди, што подолго време се шират низ интернет просторот, потекнуваат од ТЕД говорот на Гејтс во 2010 година, а не во 2015 година, каде што тој зборува за начините за сведување на емисиите на јаглерод диоксид на нула. Темата на којашто говори Бил Гејтс во 2010 година во „Тед Разговорите“ воопшто не е поврзана ниту со ковид, ниту со депопулација на населението преку вакцинација.  Според него, еден од круцијалните фактори, кои ги доведуваат емисиите на јаглерод на неодржливо ниво, е растот на населението.

Светот денес има 6,8 милијарди луѓе и се движи кон постигнување на девет милијарди. Сега, ако направиме навистина одлична работа со измислување на нови вакцини, подобрување на здравствената заштита, ако има услуги за репродуктивно здравје, би можеле да го намалиме тоа, можеби, за 10 или 15 проценти. Но, и тогаш ќе имаме раст од 1,3 милијарди луѓе. (4 минута и 35 секунда од видеото)

Сепак, Гејтс со овој говор никако не сугерира дека глобалното население треба да се убие со користење на вакцини, како што манипулативно се тврди во објавата. Тој не говори за депопулација, туку говори за намалување на растот на населението на планетата. Тој е свесен дека населението ќе расте, само прашањето е дали ќе порасне од 6,8 на 9 милијарди или ќе порасне за 10-15 отсто помалку од ваквите предвидувања. Со оглед на ова, не станува збор за никаква депопулација, туку за намалување на растот на населението во иднината. Во однос на ова нема ништо спорно. Сите влади на светот водат популациска политика во зависност од своите потреби.

Во говорот Гејтс се фокусира на развојот на нови технологии за драстично да се намали емисијата на јаглерод диоксид и кратко ја споменува стапката на раст на светското население.

Сепак Зеленко во неговото обраќање го вади од контекст само овој дел од говорот и заклучува дека Гејтс сака да го намали светското население на планетата преку вакцинација.

Во објавата се тврди и дека Бил Гејтс ја прави вакцината, што не е точно. Според информациите, за сите вакцини одобрени од Светската здравствена организација, Бил Гејтс не фигурира како сопственик на која било од фармацевтските компании што ги направија различните вакцини против ковид-19, а кои се администрираат ширум светот.

Вакцините пак, напротив, не ги убиваат, туку ги спасуваат животите на луѓето. Доколку нечија скриена агенда беше да се намали светската популација, тогаш воопшто немаше да се произведуваат вакцини, туку корона вирусот ќе беше оставен слободно да циркулира и да одзема животи. ковид-19 одзема животи, а вакцините ги спасуваат животите.

Вакцините против ковид-19  беа предмет на бројни тестирања и постојано се проверуваат. Овие тестирања опфаќаат лица од различни возрасни групи, од двата пола, од различни етнички групи, како и лица  со здравствени проблеми.

Владимир Зеленко, кој почина неодамна, е доктор од Њујорк кој е познат по ширење теории на заговор особено против вакцините за ковид-19. Зеленко доби светско внимание откако го разви „Протоколот Зеленко“, експериментален третман за ковид-19, кој се состои од лек против маларија хидроксихлорокин, антибиотик азитромицин и цинк сулфат – и тврдеше дека успешно лекувал стотици пациенти користејќи комбинација од три лекови во текот на пет дена. Неговиот третман беше одобрен од тогашниот претседател Доналд Трамп, кој во мај 2020 година рече дека почнал да зема хидроксихлорокин против корона вирусот.

По неколку месеци, истражувачите фрлија сомнеж во ефикасноста на хидроксихлорокин. Студија покажала дека нема никаква корист од третманот, а други студии го истакнаа ризикот од опасни срцеви аритмии кај некои пациенти. Американската агенција за храна и лекови (ФДА) поради ова на 15 јуни 2020 година го забрани овластувањето за користење на овој лек кај итни случаи.

Не е првпат Бил Гејтс и неговите настапи да се вадат од контекст, да се монтираат и да се злоупотребуваат за ширење на познатата теорија на заговор дека вакцинацијата е план за депопулација на светското население.

Објавата, преку ширење на дезинформации, оди во прилог на антиваксерската кампања и предизвикува страв, паника и несигурност во јавноста дека вакцините се штетни, а несаканите ефекти можат да имаат смртни последици.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...