fbpx

Вистиномер: Изјава на експерт за делта варијантата на ковид-19 вирусот не е „психопандемија“

-

Научни вистини и актуелни статистички показатели, кои укажуваат за опасноста од т.н. индиски сој или делта варијанта на корона вирусот, искажани од професор и признат медицински експерт, во објава на Фејсбук се претставени како ширење страв, паника и „психопандемија“, што е очигледна дезинформација, пишува „Вистиномер“ во анализа, што подолу ја пренесуваме во целост.

 

Објава на профил на Фејсбук на македонски јазик невистинито прикажува дека изјава на познат и признат експерт од РСМ за вируси и бактерии е всушност „психопандемија“ или ширење страв од моменталната пандемија во светот и кај нас со ширењето на корона вирусот.

Во објавата под наслов Психопандемија е напишано следното тврдење:

ПСИХОПАНДЕМИЈА

Запаметете му ја оваа изјава, еден ден ќе треба да одговара за неа. Се обидуваат уште сега да создадат пропагандна атмосфера на страв и паника, репетирана психопандемија за наесен, за кога планираат да ги нападнат и децата. И други нешта планираат. И тие ќе им пропаднат, како што насекаде им пропаѓаат планираните бројки за “вакцинирање”. Повеќе деновиве.

Под ваквата објава е закачен принтскрин од вест објавена на еден од порталите, во која се гледа професор д-р Никола Пановски. Во принтскринот се гледа насловот на веста „Д-р Пановски предупредува: Индискиот сој ќе удри наесен, мора да се вакцинирате“, а под тоа е пренесен и само поднасловот: Микробиологот д-р Никола Пановски вели дека се надева оти стабилизацијата на епидемиолошката состојба не е затишје пред бура.

Без да овозможи линк до целиот текст од изјавата на д-р Пановски до медиумот од каде е преземена веста, ваквиот наслов и поднаслов биле доволни за авторот на постот да тврди дека професорот шири страв и паника, дека станувало збор за „репетирана психопандемија“ како подготовка за наесен кога, веројатно, ваквите типови на лица што даваат вакви изјави и политичарите што ја водат земјава, „планирале да ги нападнат и децата“(со вакцини-н.з.).

А, медиумот од каде е земен принтскринот, без оглед на претераноста во насловот, бил коректен, па ставил линк од порталот Фактор, од каде е земена оригиналната вест и изјавата на д-р Пановски. Ако се проанализираат двете содржини на споменатите портали, прво што може да се заклучи е дека професорот не дава никакви лажни податоци или нешто што отстапува од изјавите на другите експерти во земјава и во светот, за моменталната состојба со пандемијата.

 

Каде има претерување во фактите?

Само еден краток преглед на десетина вести објавени на агрегаторот Тајм.мк на денот кога ја правиме оваа рецензија ја потврдува оценката за стравување на експертите и за состојбата околу пандемијата кога станува збор за индискaта варијанта од вирусот, а особено за нејзиното ширење низ светот, при што покарактеристични се неколку земји како Велика Британија, Израел, Австралија, итн, земји каде до скоро епидемиолошката состојба беше стабилна и мерките за борба против вирусот беа олабавени, а сега повторно се засилуваат. Впрочем, само ако се земе пребројувањето на Светската здравствена организација, каде бил проширен индискиот сој во првиот дел од мај годинава (55 земји) и пребројувањето каде е проширен еден месец подоцна, т.е. сега во јуни (најмалку во 85 земји од светот, вклучувајќи ја и Северна Македонија), јасно ја покажува сериозноста на состојбата со пандемијата обременета од ширењето на т.н. Делта варијанта на висрусот.

Второ, д-р Пановски во изјавата кажува две ноторни вистини. Дека, колку е поголем бројот на вакцинирани или прележани лица просторот за ширење на вирусот е помала:

Од вакцините ќе имаме многу поголема придобивка отколку без нив, а многу важен факт е тоа што голем број од македонското население го прележа вирусот, па тоа значи дека и индискиот сој кај нас нема да се шири многу брзо. Секако, тој ќе се шири, но нема да има случаи со тешки симптоми и тешка форма на болеста. Најважно е сега да се вакцинираме во што поголем број. Без 15.000 нововакцинрани дневно ништо не правиме.

И дека се очекува овој сој на вирусот да се шири на есен, кога луѓето се враќаат со своите активности повеќе во затворен простор:

Таков е вирусот, респираторен, активен во постудените месеци кога се собираат луѓето внатре и кога почнуваат со работа училиштата. Можно е да се засили, но да се надеваме дека состојбата нема да биде како што беше пролетта.

 

Коментари на коментарот, а не на фактите

Овие две изјави на д-р Пановски се потврдени од науката уште пред појавата на корона вирусот, а таквата состојба е потврдена и од досегашното искуство со корона вирусот и кај нас и во светот, бидејќи најжестоките бранови на заразени, заболени и починати се случуваа во постудените месеци од годината.

Но, дискусијата под објавата што ја рецензираме, ниту ги коментира ставовите на д-р Пановски, ниту се занимава со фактите, туку се занимава со тврдењето на авторот на објавата дека станува збор за ширење страв и паника и дека станувало збор за „психопандемија“.

Бидејќи ваквото тврдење не е засновано на никакви факти (кои патем авторот на постот ги најавува и со реченицата „повеќе деновиве“), тврдењето во објавата, кое содржи елементи од теориите на заговор (демек претерани се стравовите, децата ќе биле следна жртва што ќе ги вакцинирале намерно, а немало потреба од тоа, итн, итн), може да се оцени како дезинформација, односно невистина, пишува „Вистиномер“ во анализата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Излезноста до 15 часот е 35,9 отсто, 7 отсто повеќе од 2019 година

До 15 часот на првиот круг на претседателските избори гласале 392.066 гласачи  од вкупно 1.092.341, односно 35,89 отсто, соопшти Државната изборна комисија (ДИК). Излезноста е повисока во споредба со процентот...