fbpx

Вистиномер: Изборите во Франција не се „украдени“, Ле Пен го призна поразот

-

Официјалните резултати од претседателските избори во Франција, после 100 процентно пребројани гласачки ливчиња по вториот круг од изборите,  потврдуваат дека победник е Емануел Макрон. Неговата противкандидатка Марин Ле Пен, уште веднаш по објавата на излезните анкети, според кои таа освои 41,8 насто од гласовите, додека актуелниот Макрон, освои 58,2 насто, се обрати на нацијата и го призна изборниот пораз, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се тврди дека изборите во Франција на кои победи досегашниот и актуелен претседател Емануел Макрон, се „украдени“. Во поткрепа на тоа тврдење споделен е кајрон на кој се претставени Макрон и неговата противкандидатка на изборите, Марин Ле Пен. Според кајронот, Макрон освоил 14.214.825 гласови, а Ле Пен 14.432.396 гласови. Во долниот десен агол пак, процентуалната проценка е претставена како 58.5 проценти за Макрон и 41.5 проценти за Ле Пен.

Во самиот пост се вели:
25.04.2022
Макрон 14 214 825 58,5%
Жената има 14 432 396 41.5 %
Украдени избори
Дополна :
Razlika u glasovima 17%. Q = 17, nije slučajno. 🐸🐸🐸🐸. Čekamo.
Постот е споделен 69 пати, има 113 реакции и 15 коментари до моментот на пишувањето на оваа рецензија, од што заклучуваме дека е исклучително вирален, односно проширен меѓу поголема популација на социјалната мрежа.

 

Дали победата на Макрон е „украдена“?

Противкандидатката на Макрон, Марин Ле Пен, веднаш по објавата на излезните анкети, според кои таа освои 41,8 отсто од гласовите, додека актуелниот Макрон, освои 58,2 насто, се обрати на нацијата и го призна изборниот пораз.
Сакам да им се заблагодарам на сите кои гласаа за нас и во првиот и во вториот круг. Особено на оние во руралните делови и во странство. Тие се знак на Франција која е често заборавена и продолжуваме да се бориме. Воопшто немам чувство на срам или на разочарување. Оние кои сакаат да го видат исчезнувањето на нашата партија, нема да го видат. Сакам да му порачам на Макрон и на неговата партија дека ќе бидеме тука да се бориме за правата на граѓаните и да се спротиставиме на пензиската реформа. Макрон ќе креира нови поделби во нашата земја, а јас сакам да работам на обединувањето на граѓаните, рече Ле Пен.
Официјалните резултати од претседателските избори во Франција, исто така, потврдуваат дека победник е Макрон. Тие се објавени на следниот линк, после 100 процентно пребројани гласачки ливчиња по вториот круг од изборите.
Како што може да се види од официјалните резултати, Макрон освоил 58.54 проценти од гласовите, што во апсолутна бројка изнесува 18.779.641 глас. Марин Ле Пен, пак, освоила 41.46 проценти од гласовите, што во апсолутна бројка изнесува 13.297.760 гласови.
По изборите, во повеќе француски градови се појавија улични демонстрации и судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Претседателот Макрон по победата истакна дека „знае што им должи на мнозинството граѓани кои му дадоа доверба и за наредните пет години“. Тој својот говор  го одржа пред Ајфеловата кула.
Мнозинството од вас, избраа да ми ја дадат својата доверба и за наредните пет години. Знам што ви должам. После пет години трансформации, среќни и тешки часови, овој ден, 24 април, мнозинството од вас избраа да ми ја дадат довербата да претседавам со нашата република во наредните пет години. Знам дека многу наши сонародници гласаа за мене денеска, не за да ги поддржат идеите што ги имам, туку за да ги блокираат оние на екстремната десница, рече меѓу другото Макрон и додаде дека е претседател на сите и дека има многу работа пред себе.
На фотографијата која е дел од постот што го рецензираме, прикажан е кајрон од телевизиски пренос на броењето. Но, не е Франс 2 телевизија одговорна за броењето на гласовите од изборите, туку Министерството за внатрешни работи на Франција кое официјално ги објави.
На Твитер каналот на Ари Кутс, научник во Висео груп, објавени се официјалните резултати од француските избори во 20 часот и 32 минути, во 21 часот и 30 минути, во 21 часот и 57 минути, во 22 часот и 20 минути, во 23 часот и 21 минута. Тие воопшто не кореспондираат на кајронот кој што е објавен во постот што го рецензираме. Официјалните резултати покажуваат победа на Макрон, без разлика на тоа што емитувал некој медиум во врска со резултатите.
Со оглед на горенаведените факти, вклуќително и официјалните резултати од изборите во Франција на кои победник е Макрон, оценуваме дека постот што го рецензираме е невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Без ниту еден доказ се обвинува НАТО, ИСИС и Ал Каеда за петкратното убиство на Смилковско Езеро

Во објавата што ја рецензираме произволно се тврди дека ЦИА ја креирале Ал Каеда и ИСИС и дека НАТО стои зад масакрот на Смилковско Езеро. За ова не се...