fbpx

Вистиномер: Истражните органи молчат пред нападите врз медиумските работници, најчеста мета се новинарките

-

Кај три вербални напади врз новинарки во 2021 година, заканите доаѓаат од политички фигури. Тоа говори многу за ниската култура за јавна комуникација на релацијата носител на јавна функција – новинар, но говори и за тоа дека носителите на јавни функции лесно се охрабруваат да упатуваат закани кон новинарките. Важно е да се знае дека за ниту еден од овие три предмети ОЈО или МВР немаат отворено предмет и покрај тоа што дел од заканите биле пријавени во полиција, стои во најновата публикација „Напади врз новинари и медиумски работници 2017 – 2021: тенденции и препораки“ во која ЗНМ покрива некои од посериозните прекршувања на правата на медиумските работници во земјава, пишува Вистиномер.мк

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Во периодот од 2017 до 2021 година, во Регистарот на ЗНМ забележани се дури 42 напади врз новинарите и медиумските работници. Од нив, најчеста форма на загрозување на безбедноста на новинарите се вербалните закани.

Од 42 случаи на напади врз новинарите, дури 25 се случаи на вербални закани кон новинарите, 14 се физички напади врз новинарите, два се напади врз медиумите/медиумските организации и еден напад е во вид на лишување од слобода врз новинар.

Ова го покажува најновата публикација насловена „Напади врз новинари и медиумски работници 2017 – 2021: тенденции и препораки“ во која Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) покрива некои од посериозните прекршувања на правата на медиумските работници во земјава.

Фото: ЗНМ

Првиот заклучок што може да се извлече од публикацијата е дека бројот на напади врз новинарки е поголем од нападите врз новинари мажи во последните две години.

Сексистичкиот говор често се користи, давајќи им на овие напади дополнителна карактеристика со тоа што тие не само што се однесуваат на работата на новинарите, туку се чини дека се засновани на пол, велат од Здружението на новинари.

Вториот заклучок во контекст на безбедноста на новинарите е дека зачестеноста на нападите и заканите врз медиумските работници се зголемува во турбулентни политички ситуации, особено за време на избори. Според ЗНМ, честото етикетирање на новинарите од страна на политичарите и јавните службеници може дополнително да ги поттикне партиските симпатизери да го следат примерот и со ваквото однесување да продолжат да ја загрозуваат безбедноста на новинарите и медиумските работници на сличен начин.

Третиот заклучок извлечен од анализата е дека физичките напади врз новинарите се намалени за време на пандемијата, додека онлајн заканите кон новинарите значително се зголемиле.

Четвртиот и според ЗНМ најважен тренд е неказнивоста на нападите врз новинарите.

И покрај бројните домашни и меѓународни извештаи кои укажуваат на ова прашање, како и бројните конференции кои се занимаваат со него, неказнивоста на нападите врз новинарите продолжува и бара посериозна посветеност од органите на прогонот и судските органи, велат од ЗНМ.

Со какви напади се соочиле медиумските работници?

Во 2017 година во Регистарот на ЗНМ биле регистрирани 16 напади врз новинари и медиумски работници. Од нив, шест биле вербални напади кон новинари, девет физички напади, а имало и еден случај на уништување личен имот.

Во 2017 година се случи и „крвавиот четврток“, односно упадот во Собранието, кога беа нападнати дваесетина медиумски работници, а дел од нив правдата ја побараа на суд. Нивните тужбени барања беа одбиени од страна на Основниот граѓански суд во Скопје.

Во меѓувреме, единствени кои дочекаа правда за настаните од 27 април се политичарите. Нивните напаѓачи се веќе осудени лица. Тоа говори многу за двојните аршини при третирање на предметите на насилство врз новинарите наспроти политичарите, како и за огромниот степен на неказнивост
на нападите врз новинарите, стои во публикацијата.

Во 2018 година ЗНМ регистрирало вкупно три случаи на напади врз новинарите. Новинарот Арманд Брахо, бил нападнат за време на конференција на партијата Алијанса за Албанците (АА) во Струга. Според него, лица од партијата Алијанса за Албанците го малтретирале, го спречиле да ја пренесува конференцијата во живо, а по завршувањето на настанот новинарот бил и физички нападнат. Вториот случај на напад врз новинари бил регистриран во март 2018 година, кога братот на висок функционер на ДУИ му упатил смртна закана на тогашниот претседател на ЗНМ, Насер Селмани. Случајот бил пријавен во полиција, а по бурните реакции во јавноста Основното јавно обвинителство отворило истрага за истиот предмет. Сепак, и покрај осудата на заканите од страна на меѓународната заедница, и покрај протестот кој се одржа пред Владата на РСМ, обвинителството нема покренато обвинение. Во третиот случај, пак, била вмешана полицијата. Новинарот на „Инфомакс,“ Борислав Стоилковиќ, бил приведен поради наводно одбивање да се легитимира за време на снимање и известување од протест, иако при прегледувањето на снимките било воочливо дека Стоилковиќ ја носи новинарската легитимација на вратот, на видливо место.

Во 2019 година биле регистрирани четири посериозни случаи на напади врз новинарите, но и дваесетина други помали закани и инциденти. Најсериозен напад бил оној врз екипата на ТВ 21 во Општина Арачиново.

Овој напад имаше елементи на противправно лишување од слобода, за што беа објавени и аудио и видеоснимки од страна на медиумот. Случајот официјално не беше пријавен во МВР, поради што МВР тврдеше дека не е во можност да покрене постапка. ЗНМ повеќепати јавно укажуваше дека поради природата на делото потребно е самото обвинителство да преземе дејствија по службена должност. На крај, случајот не доби никаква разрешница и покрај тоа што градоначалничката на Арачиново, Миликије Халими јавно се извини за инцидентот, со што потврди дека тој навистина се случил, појаснуваат од ЗНМ.

ЗНМ во 2020 година забележало 12 закани кон новинарите, еден физички напад и еден напад врз медиум. Од регистрираните 14 напади врз новинарите во Северна Македонија, дури во девет случаи жртви на нападот биле новинарки.

Жените новинарки се почеста мета на напади

Од почетокот на 2021 година, од страна на ЗНМ, биле регистрирани вкупно пет напади, четири вербални и еден физички. Она што загрижува е дека и во 2021 година поголемиот дел од овие напади (три) биле насочени кон новинарки.

Фото: ЗНМ

Ова, според ЗНМ, претставува континуитет на негативната појава која била забележана и во 2020 година, а тоа е бројот на напади врз новинарките да биде поголем од бројот на напади врз новинарите.

Интересно е што во сите три вербални напади врз новинарките во 2021 година, заканите доаѓаат од политички фигури. Тоа говори многу за ниската култура за јавна комуникација на релацијата носител на јавна функција – новинар, но говори и за тоа дека носителите на јавни функции лесно се охрабруваат да упатуваат закани кон новинарките од Северна Македонија. Важно е да се знае дека за ниту еден од овие три предмети ОЈО или МВР немаат отворено предмет и покрај тоа што дел од заканите биле пријавени во
полиција, велат од ЗНМ.

Овој загрижувачки тренд, според ЗНМ, може да доведе до таканаречен „ефект на ладење“ каде жените новинари се самоцензурираат од понатамошно говорење, истражување за одредена тема или пак во најекстремни случаи, доведува до целосно повлекување од новинарската професија.

Ваквата инхибиција дополнително е поттикната од непостапувањето на институциите или пак од недоволната ефикасност при водење на истрагите и прибирањето докази. МВР како алатка во рацете на обвинителството е единствена институција со пристап до механизми за прибирање докази во онлајн сферата каде е потребно лоцирање на напаѓачите по ИП-адреси и слично. Сепак мора да се напомене дека крајната одлука за тоа дали ќе се поведе кривична постапка против напаѓачите ја има јавното обвинителство. Нападите врз новинарките преку различни онлајн платформи мора да го вклучат алармот во институциите од причина што живеењето во дигиталната ера ги направи напаѓачите похрабри, посамоуверени и пожестоки во своите напади, велат од ЗНМ.

Многу често нападите врз новинарките се од анонимни профили на социјалните мрежи или таканаречени „ботови“ кои користат „VPN – virtual private network“, таканаречени виртуелни приватни мрежи, односно можат лесно да ја сокријат својата трага во онлајн сферата, па истите тешко може да се лоцираат дури и од страна на надлежните институции. Праксата, според ЗНМ, покажала дека постапката за лоцирање на напаѓачите кои користат интернет-платформи е тешка и бавна, па истата бара меѓуинституционална соработка и бара од домашните институции – органите на прогонот да се обратат во странство користејќи инструменти на меѓународна правна помош при прибирање информации во предистражната постапка.

Што понатаму?

Како излез од овие состојби, ЗНМ препорачува повеќе мерки, со цел заштита на новинарите и на медиумските работници. Првично, се бара Собранието во најкус рок да ги изгласа предложените измени во Кривичниот законик за чии измени беа консултирани новинарските здруженија и синдикати каде се применети квалифицираните облици на кривичните дела кои ги засегаат новинарите. Понатаму, да се зголеми ефикасноста на работата на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика со цел полесно пронаоѓање на сторителите на онлајн напади врз новинарите и медиумските работници. Се бара и формирање посебни одделенија во ОЈО и во судовите коишто ќе бидат обучени и специјализирани за безбедноста на новинарите, подобрување на културата на јавно комуницирање помеѓу политичките чинители со цел да не поттикнуваат офлајн и онлајн напади, следење и документирање на говорот на омраза и родово заснованите напади врз новинарите во интернет-просторот од страна на граѓанскиот
сектор итн.

И во последниот извештај за напредокот на С. Македонија од Европската комисија како препорака се укажува дека за заплашувањето и нападите врз новинарите треба да постои нулта толеранција.

Треба да се посвети внимание на работничките права на новинарите. Препорака е да се наметне пристап на нулта толеранција во врска со заплашување, закани и насилни дејства врз новинарите при вршењето на нивната професија и да се погрижи извршителите да бидат казнети, стои во извештајот на ЕК. 

Пишува: Мери Јордановска

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израел ја бомбардира Сирија, има над 40 жртви

Израел го бомбардираше регионот околу градот Алепо во Северна Сирија, пренесува Гардијан. Израелските сили таргетирале членови на либанската паравоена организација Хезболах. Има повеќе различни контрадикторни информации за бројот на убиени,...