Вистиномер: Институциите го притиснаа Мијалков или некој си поигра и со правдата и со правната држава?

Фото: Арбнора Мемети

Премногу е чудна целата приказна со (не)бегањето на Сашо Мијалков – од скандалозното исчезнување до неговото ноншалантно појавување пред Обвинителство облечен во црна маичка. А, чудна е и изјавата на премиерот дека тој лично координирал со акцијата во која директно се вклучени правосудните институции, иако таму извршната власт нема ингеренции. Има многу нејаснотии и околу повлекувањето на жалбата за домашен притвор, па и за самата локација каде се појави Мијалков да го подигне решението за притвор – во Јавното обвинителство, а не во судот, пишува Вистиномер.мк во својот Контраспин.

Откако екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков, по дводневно мистериозно исчезнување сам се пријави во Јавното обвинителство за организиран криминал, премиерот Зоран Заев, ја даде следнава изјава во која се препознава спин:

„Системот проработи директно од првиот политичар во извршната власт Зоран Заев, во координација со другите институции – до крај, доколку не ќе има одговорност. И дадоа резултат тие институции. И апсолутно тоа покажува дека имаме систем…“
„Јас тврдам пред граѓаните, да бидат среќни што имаме систем. Тоа е нивен систем, дали се вика МВР, дали се вика АНБ, дали се вика Министерство за правда, дали се вика Јавно обвинителство или судство, имаме систем…“
„Системот, институциите покажаа успешност денес, принудија некој да не му биде исплатливо бегањето, криењето, да се јави, да си почека соопштување на казна, ако има казна да си ја отслужи казната и готово. Тоа е системот и така мора да биде и никако поинаку.

[Извор: Јутјуб – Заев – новинарски прашања и одговори; датум:23.02.2021]

 

Контраспин: Премиерот Зоран Заев во вторникот вечерта (23.02.2021) ја убедуваше јавноста дека профункционирале институциите и со своето дејствување го принудиле поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков да се откаже од криење и бегање, да се појави и да го чека соопштувањето на одлуката на судот за случајот „Таргет- Тврдина“ во кој е обвинет. Тој во својот настап повеќепати повтори дека системот, институциите профункционирале, спинувајќи ја притоа вистината.

ГОРЧЛИВ ВКУС

Па, нагласувајќи дека појавувањето на Мијалков не е случајно, туку тоа е резултат на координираните акции на институциите, Заев рече:

„Денеска чукнавме на маса инстутуциите покажаа капацитет, е тоа се случи денес.“

Премиерот уверуваше дека Мијалков избегал, но кога се соочил со последиците – одговорност за неговите блиски и оние кои му помогнале за бегството, опасност од заплена на имотот, тој се вратил самиот, бидејќи немал друг избор.

Но, дали Заев ја убеди јавноста дека сега, четири години откако СДСМ е на власт, профункционирале институциите и го притсинале Мијалков до ѕид?  Дека навистина нема никаков дил, затоа што императив е владеењето на правото и одговорност на секој што се огрешил пред законот“, како што вели премиерот (22,45 минута од видеото). Поверува ли некој дека Мијалков, кој, патем, самиот кажа дека имал висока температура – 40 степени и бил во изолација, под притисок на институциите се пријавил во Јавното обвинителство?

Судејќи по бурата реакции во јавноста, сепак, остана горчливиот вкус дека некој се поиграл и со правдата, со институциите и со правната држава.

ЧУДНА СИТУАЦИЈА

Целата таа ситуација со исчезнувањето на Мијалков и неговото појавување е премногу чудна. А, чудна е и изјавата на премиерот дека тој лично координирал со акцијата за појавувањето на Мијалков:

„Во изминатите 40 часа институциите на Владата предводени од мене, во координација со правосудните органи, спроведовме акција со детални постапки. Беа преземени сите редовни и вонредни мерки.
Со акцијата координирав јас и можам да објавам дека Сашо Мијалков немаше друг избор и го стори она што му беше неизбежна опција. Се пријави во Обвинителството за организиран криминал и со тоа е обезбеден неговиот притвор“, ќе каже Заев на прес-конференција пред зградата на Владата, која претходно ја најави на Фејсбук.

Премиерот говори за акција во која се директно вклучени правосудните институции (судството и обвинителството), а таму извршната власт нема ингеренции. Според Уставот, имаме поделба на власта на законодавна, извршна и судска, па оттука не може ниту премиерот, ниту кој било друг владин функционер да раководи, координира, да се меша во ингеренциите и активностите на судската власт.

МНОГУ ПРАШАЛНИЦИ

Исто така, има многу нејаснотии околу повлекувањето на жалбата за домашен притвор, па и за самата локација каде се појави Мијаклков за да го подигне решението за притвор – во Јавното обвинителство, а не во судот.

Во врска со ова, поранешниот член на ДКСК, адвокатот Драган Малиновски, во изјава за „Дојче веле“ посочува неколку правни дилеми:

„Прво, со оглед дека обвинетиот го најавил своето појавување, зошто тој се упатил во обвинителството за врачување на решението за куќен притвор?! Ова од причина што обвинителството ниту го донело тоа решение, ниту, пак, има надлежност за негова достава. Понатаму, обвинителката Русковска неколку пати повтори дека обвинителството ја повлекло жалбата на решението за куќен притвор по сугестија на претседателот на Кривичниот суд!? Доколку е тоа вистина, тогаш претседателот на судот сериозно ги надминал своите надлежности, со оглед дека неговата надлежност е во делокругот на организацијата на работата на судот. Тој нема право да се меша и влијае во работата на судиите од неговиот суд, а да не говориме да му сугерира одредено постапување на јавниот обвинител, кој е една од странките во кривичната постапка пред судот.“

Извршната директорка на Коалицијата „Сите за правично судење“, Натали Петровска во изјава за „Порталб.мк“ вели дека остануваат многу неодговорени прашања во врска со начинот на размена на информации меѓу јавните обвинители и полицијата, координацијата на обвинителите во обвинителството, ефикасноста на полицијата во спроведувањето на оперативните мерки и активности, но и прашања во врска со директната комуникација меѓу обвинителите со Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Контрадикторни информации беа дистрибуирани до јавноста од надлежните органи, кои во комбинација со неодговорените прашања, за жал, оставаат впечаток дека државата сè уште нема постигнато доволно ниво на еднаквост пред законот, како и недостиг на професионализам, отчетност и одговорност од страна на надлежните лица. Ваквата практика остава простор за сомневање за нееднаков третман на обвинетите во кривичните постапки. Ова се поврзува со начинот и ефикасноста со кои полицијата ги спроведува најлесните мерки, бидејќи во повеќето од овие случаи, обвинетите успеале да избегаат во друга земја, иако им биле одземени патните исправи“, напоменува Петровска.

КОЈ ИМАЛ ТЕМПЕРАТУРА – МИЈАЛКОВ ИЛИ ЗАЕВ?

Во меѓувреме, Мијалков во куќен притвор ја чека одлуката на Кривичниот суд. Многу прашања остануваат отворени за целата приказна од неговото скандалозно исчезнување пред полицијата да му го врачи решението за куќен притвор, до ноншалантното појавување пред Обвинителство облечен во црна маичка. Неодминлив беше впечатокот дека тој некако спремно го дочека прашањето на новинарот  на ТВ24 – „Во Македонија сте?!“:

„Еве, доаѓам откако дознав, да се јавам во Обвинителството. Вчера бев, нажалост, навистина болен со преку 40 температура и кога утрово дознав за ова што се случува решив да се јавам. Тука бев. Бев изолиран затоа што имав симптоми на корона..“, ќе каже Мијалков.

Премиерот Заев, пак, вели дека не Мијалков, туку нему му се качила температурата.

„Мојата температура веројатно беше 40 степени откога го снема, не на Сашо Мијалков“, им рече тој на новинарите.

Истовремено, премиерот уште еднаш напомена дека нема дилеми оти „ова е успешно завршен случај од страна на државата“ (9.40 мин. од видеото), дека  „системот си ја заврши својата работа, Владата си јa заврши својата работа“, (12.00-12.10 мин. од видеото) и дека „сите чекори се преземени онака како што е по буквар запишано во нашите закони и институциите согласно својата капацитетност тоа да го преземат“ (12,55 -13,03 минута од видеото)

Целата оваа ситуација, која делува дури комично, интересно ја коментираше лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села:

„Мијалков го нема два дена дома, а во неделата неговите жена и деца не знаат каде е нивниот татко. Односно не знаат дека е во изолација и е болен. А знаете што е најскандалозно? Сашо Мијалков повторно е дома…“

И, иако власта сака да си го припише како упех и победа на институциите, тоа што обвинетиот Мијалков одеднаш се појави и стана достапен на органите на прогонот, сепак  на „крајот на денот“ самиот случај ги извади на виделина слабите страни на истиот тој систем, кој треба да се бори против криминалот и корупцијата.

Впрочем, едно од главните ветувања на СДСМ, пред да дојде на власт, беше дека ќе има правда за сите, што, за жал, барем досега не видовме дека се случи, пишува Вистиномер.мк во својот Контраспин.

„Ќе има контрола над власта и правда за сите.
Секој кој крадел од нас граѓаните, крадел од нашиот живот! Овој План – е враќање на својот живот!, стои на самиот почеток во изборната програма на СДСМ  (2016) ‘План за живот во Македонија‘“