fbpx

Вистиномер: Фотографија од вежба на борбени авиони злоупотребена за ширење теории на заговор за кемтрејлс

-

Воопшто не станува збор за авиони од комерцијални летови, туку за борбени авиони кои изведувале вежби и не станува збор за никакви кемтрејлс туку за обични траги од авион предизвикани од кондензација, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Анализираме пост на Фејсбук кој е дел од бројните теории на заговор за „кемтрејлс“, според кои влади и разни други неименувани фактори од разни држави се ангажирани во тајна програма за распрскување отровни хемикалии во атмосферата со помош на авиони. Секако, ова се само шпекулации, а наводите за некакво труење со помош на авиони се невистинити.

Јасно е само по себе нели? Не може авиони на комерцијални летови кои патуваат на веке утврдени маршути да ни ствараат ваква „кондензација„…АКо сега не е очигледно, незнам кога ке е…, се вели во постот кој го анализираме.

Постот е придружен со фотографија на која се гледаат неколку испреплетени траги од авиони на небото.

 

Според заговорниците, долготрајните траги на небото што остануваат по прелетувањето на некои авиони се исполнети од хемикалии, што кога ќе паднат на земјата, ќе предизвикаат здравствени последици по сите граѓани. Главниот аргумент, што поборниците на оваа теорија на заговор се обидуваат да го претстават како доказ, се трагите што зад себе ги оставаат авионите, иако станува збор за најобична физичка појава на кондензација, а не заговор против човештвото и тајна програма за распрскување отрови.

Во врска со оваа тема „Форбс“ објави студија, според која панел од 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и со цел да се влијае на атмосферата. 

Оваа теорија на заговор е актуелна од појавата на интернетот. Уште може да пронајдете бројни интернет страници, кои го промовираат овој вид на псевдонаука. Нашето истражување покажа дека научната заедница не се согласува со тврдењата оти владата, армијата, авиокомпаниите и други субјекти се здружиле во широка мисија да ја отрујат планетата со прскање преку авиони, вели Стивен Дејвиспрофесор и научник од универзитетот Ирвин во Калифорнија.

Според ова истражување, причината поради која трагите од авионите остануваат видливи е зашто тие летаат на поголеми височини отколку порано, што резултира со кондензациски траги, кои траат подолго време. Тоа што трагите од авионите се вкрстуваат е само и единствено доказ дека има зголемена фреквентност на авиосообраќајот, односно дека има многу повеќе авиони, кои учествуваат во авиосообраќајот, што е и примарната причина некои од нив да мораат да летаат и на поголеми височини.

Што претставува фотографијата во постот?

Доколку ја пребарате фотографијата закачена во постот на интернет, ќе видите дека таа нема никаква врска со авиони на комерцијални летови, а уште помалку со „кемтрејлс“. Вистиномер ја најде фотографијата на сајтот Одделот за наука за системот на Земјата при универзитетот Ирвин во Калифорнија. Тука, професорот Стивен Џ. Дејвис jа објаснува теоријата на заговор за „кемтрејлс“, посочувајќи дека такво нешто не постои.

Фотографијата од постот е, всушност, фотографија преземена од сајтот war.com, авторот е непознат, но во нејзиниот опис пишува: Контрејлс (траги од авиони предизвикани од кондензација) зад борбените авиони во вежба од големи размери.

Значи, воопшто не станува збор за авиони од комерцијални летови, туку за борбени авиони кои изведувале вежби и не станува збор за никакви кемтрејлс туку за обични траги од авион предизвикани од кондензација.

Понатаму, во коментарите под постот кој е доста вирален, се сугерира и дека шпанската влада, под притисок на ООН, признала дека ги прска граѓаните со кемтрејлс.

И ова не е точно. Како што пишува хрватскиот сервис за проверка на фактите Фактограф.хр, станува збор за текст кој сугерира дека шпанската влада ги искористила своите овластувања за да наметне медицински експерименти врз целото население. Фактите говорат дека е лага дека шпанската влада под „изговор“ за вонредна состојба го овластила министерот за здравство да ги „прска“ луѓето со биоциди.

Од сето ова можеме да заклучиме дека постот кој го анализираме е уште еден во низата теории на заговор за кемтрејлс. Не постои никакво труење  и распрскување отрови од авиони. Трагите на небото не се никаков доказ за тоа, туку тие се траги кои ги оставаат авионите поради кондензацијата во воздухот. Оттука, постот го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...