fbpx

Вистиномер: Фотографија од инјекции потребни за ин витро, злоупотребена да ги наведе родителите да одбиваат вакцини

-

Фотографијата не гo претставува бројот на вакцини и лекарства што ги примаат децата. Ниту кај нас, ниту било каде во светот бебиња и мали деца не примаат толку многу дози вакцини. Според бројот на инјекции и некои од видовите лекови кои можат да се препознаат на фотографијата, може да се заклучи дека станува збор за инјекциите кои мајката требало да ги земе за да забремени со детето на фотографијата преку ин витро, а не за вакцини кои ги примило детето, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

На Фејсбук кружи фотографија од мало дете сместено среде круг шприцови и лекови. Фотографијата е придружена со текст кој вели дека станува за количината на вакцини која ја примаат децата и дека тоа е труење. Ова не е вистина.

Во објавата пишува:

Вакцините за мали деца се труење на организамот и краток живот.

Одбивајте по секоја цена.

Оваа фотографија не гo претставува бројот на вакцини и лекарства што ги примаат децата. Ниту кај нас, ниту било каде во светот бебиња и мали деца не примаат толку многу дози вакцини.

Според бројот на инјекции и некои од видовите лекови кои можат да се препознаат на фотографијата, може да се заклучи дека станува збор за инјекциите кои мајката морала да ги земе за да забремени со детето на фотографијата преку ин витро, а не за вакцини кои ги примило детето.

Ова значи дека фотографијата покажува нечие патешествие за да дојде до бременост и инјекциите кои биле искористени за тоа да се оствари. Преку пребарување на фотографии на Гугл не може да се најде оваа фотографија, но таа визуелно наликува на фотографиите кои често ги објавуваат родителите кои зачнале со вештачко оплодување. Тие, за да го покажат своето патешествие за да се роди нивното бебе, често објавуваат фотографии од детето (или бебешки предмети) на социјалните мрежи, фотографирано среде сите лекови кои биле потребни за тоа да се роди.

Примери на вакви фотографии и сведоштва на родителите за процесот на зачнување преку вештачко оплодување можат да се најдат и на CNN , Today и на The Sun.

Имено, со подетален поглед на фотографија која кружи на Фејсбук, најблиску до бебето се гледаат жолти кутии со инјекции Клексан, кои, меѓу другото, им се даваат на жени кои забремениле со помош на ин витро оплодување. Клексан не е вакцина, ниту, пак, се дава на мали бебиња.

На кутиите може да се види и лекот „Uroday“, кој се користи за спречување на формирање камен во жолчката, кој има големи шанси да се формира кај бремените жени.

Фотографијата се обидува да ги исплаши родителите, да не дозволат нивното малечко да биде прободено со толку многу вакцини и да ги одбиваат редовните вакцини кои реално спасуваат животи.

Се разбира, бројот на вакцини не е толку голем како што изгледа на фотографијата. Македонскиот национален план за имунизација предвидува 20 вакцини за деца до 18-годишна возраст, вклучително и ХПВ вакцина за девојчиња како и ревакцините. На фотографијата која што кружи на социјалните мрежи претставени се над 80 инјекции. Задолжителни вакцини во С. Македонија се против поголем број болести како што се туберкулоза, полиомелитис, морбили, рубеола, хепатитис Б, паротитис епидемика (заушки), хемофилус инфлуенца тип Б, човечки папиломен вирус, дифтерија, тетанус и пертусис. Сите овие вакцини предвидени во календарот, се задолжителни според Законот за заштита на населението од заразни болести каде се предвидуваат и казни за неспроведувањето.

Редовната вакцинација не претставува труење и краток живот, туку напротив, помага да се спасат многу животи, со оглед на тоа што многу заразни болести кои во минатото претставувале значаен јавно-здрaвствен проблем затоа што предизвикувале висок морбидитет, односно морталитет кај децата и возрасните, или предизвикувале компликации и инвалидитет, денес се елиминирани или се ставени под контрола.

Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно допринесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.

Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Оваа објава, освен што е неточна, е опасна и со ширење на ваков наратив може да се загрози здравјето и животот на децата. Со оглед на тоа што вакцините за децата се безбедни, спречуваат болести и смртни случаи, оценуваме дека не е вистина дека тие го трујат организмот, дека предизвикуваат краток живот и дека родителите треба да ги одбиваат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да го остварат 2.147 гласачи. Сите гласачки места во казнено поправните установи се отворени утрово во 7...