Фото: HFCM Communicatie/Wikipedia.org

На Фејсбук се прошири и стана вирален пост за кој се тврди дека е на директорот на Клиниката за пулмологија, д-р Дејан Докиќ. Во него се споделува став за состојбата со пандемијата на коронавирусот во земјава, кој што не е на лицето на кое што се атрибуира, пишува Вистиномер.мк во својата нова анализа, што подолу ја пренесуваме во целост.

ВАЖНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ!!!
Д-р Дејан Докиќ
По 30 часа поминати на работното место во ковид центарот на клиниката, максимално изморен, уплашен и тажен од сѐ што се случува тука, чувствувам лекарска но пред сѐ човечка одговорност да ја пренесам следната информација. Капацитетите во болниците се пополнети до максимум, ретко некаде се наоѓа по едно, две легла. Во приватните клиники е слична состојбата и покрај тоа што таму се цените толку високи, што луѓето ставаат домови под хипотеки за да го спасат живот на најблиските. Вакцини нема, но и да беа порано дојдени немаше да имаме ефект од нив, зошто треба да поминат најмалку шест недели по нивното добивање, за да се постигне имунитет. Вакцинираните се штитат самите себе, но можат да го пренесуваат вирусот на други!
Овој бран е до сега најголем и најтежок и буквално коси!!!
Бидејќи власта не превзема поостри мерки да затвори сѐ, освен аптеки и маркети за прехрана, неопходно е сами да барате начин да се заштитите и себе и најблиските.
ВЕ МОЛАМ ОСТАНЕТЕ ДОМА!!!Не е време за дружења и гости во затворени простории. Доколку сакате да ги заштитите родителите, браќата, сестрите, пријателите, не им одете дома! Особено избегнувајте контакти со хронично билните. Воздржете се додека не помине овој бран од посети на угостителски објекти, фризерници, козметички салони, фитнес центри, кладилници, молови. Единствено престојувајте во затворени простории само доколку морате да купите храна, средства за хигиена, лекови, или да одите во амбуланти или медицински лаборатории. Избегнувајте да влегувате во затворена просторија доколку внатре има повеќе лица!
НЕ ВЛЕГУВАЈТЕ ВО НИЕДНА ЗАТВОРЕНА ПРOСТОРИЈА НАДВОР ОД СОПСТВЕНИОТ ДОМ, БЕЗ МАСКА Н95 СО КОЈА ЌЕ БИДАТ ПРЕКРИЕНИ И УСТАТА И НОСОТ И НАЈБИТНО: НЕ ЗАДРЖУВАЈТЕ СЕ ВНАТРЕ ПОДОЛГО ОД 15 МИНУТИ!
Доколку процените дека ќе треба подолго да се задржите, подобро излезете од просторијата, па подоцна вратете се повторно. Ова особено се препорачува доколку има повеќе луѓе внатре, а просторијата не се проветрува.
ОДРЖУВАЈТЕ РАЗДАЛЕЧИНА ОД 3 МЕТРИ!!! Вирусот е екстремно вирулентен (заразен) и повеќе никој не е безбеден, ни децата, а ниту тие кои еднаш го прележале.
Ве советувам децата да не ги носите во вакви пристории и да им ставате и нив маски. Децата можете да ги шетате само на отворено и тоа без контакти со други деца или луѓе што не се од вашето потесно семејство, со кое живеете во едно домаќинство.
Не се групирајте на отворено со луѓе кои не се од вашето потесно семејство, особено не без маска и без да одржувате дистанца!
Доколку имате кучиња како домашни миленици, шетајте ги надвор на поводец и не дозволувајте им на непознати да ги галат, или кучињата да се доближуваат до други миленици или животни. По враќањето дома измијте им ги шепите и муцката со сапун и вода, или избришете ги со антисептичко марамче.
Маските кои вие ги носите по враќањето дома испрскајте ги со 70% алкохол и оставете ги на место каде што има провев. Доколку ова не го практикувате фрлете ги во затворена канта за ѓубре или ќеса која треба да е заврзан, а за наредното излегување употребете нова.
ВНИМАВАЈТЕ: маските по враќањето од надвор не ги оставајте насекаде, особено не на маси и работни површини кои секодневно ги користите! Најдобро е да останат надвор саат-два или во просторија која не ја користите редовно и која може да се проветри.
Горните алишта, јакни, палта исто така оставете ги надвор или во друга просторија. Доколку надвор од домот сте го користеле мобилниот телефон, обврзно пребришете го со антисептичко шамивче или со алкохол и салфетка/шамивче од хартија кои ќе ги фрлите во затвореба канта па че ги премиете рацете. Рацете мијте ги темелно со вода и сапун, најмалку 20 секунди.
Чувајте се ве молам!!! Така ќе ги сочувате и сите ваши драги луѓе, вашите пријатели, комшии, сожители и ќе ни помогнете и на нас кои со крајни сили, цела година се бориме за секој живот. Помогнете ни и нас да останеме живи, зошто и ние сме луѓе со свои семејства за кои сме загрижени.
Ве молам ова да го споделувате.
Вистиномер го исконтактира доктор Докиќ кој ни рече дека содржината не е негова, а оној што ја исфабрификувал би требало да го користи својот сопствен идентитет.
За забележување е дека постот беше споделуван масовно, во групи со илјадници членови, но потоа беше избришан. Исто така, го презедоа и портали, кои го потпишаа со иницијали Д.Д.

Доктор Докиќ и самиот објави демант на својот Фејсбук профил:

Почитувани, денес видов дека на социјалната мрежа Фејсбук се споделува текст кој наводно сум го напишал јас. Категорично ги демантирам наводите изнесени во тој текст и изјавувам дека јас не стојам зад истиот. Случајот кој е на штета на мојот углед и професионалност и има за цел да шири паника во јавноста, утрово го пријавив во полиција, напиша доктор Докиќ.
Следствено, атрибуираната изјава на врвен медицински авторитет, со цел да се сподели мислење кое не е негово, туку е на непотпишан автор, го оценуваме како манипулација и фалсификат, пишува Вистиномер.мк во својата нова анализа.