fbpx

Вистиномер: Двајца Руси и Украинец се обвинети за шпионирање на воена фабрика во Албанија

-

Двајца руски државјани и еден Украинец беа уапсени додека се обидувале да влезат во фабрика за муниција во местото Гримш, централна Албанија. Инцидентот се случил  на 20 август во 17.40 часот во поранешната фабрика за оружје во Албанија, која сега, според армиски извор на телевизијата „Топ чанел“, работи за потребите на НАТО.  Двајцата Руси, идентификувани како Михаил Зорин (25) и Светлана Тимофеева (33), заедно со 24-годишен Украинец до фабриката дошле со возило „шевролет камаро“, со украински таблички. Како што пишуваат албанските медиуми, приведените странци пред истражните органи изјавиле дека се фотографи, кои насекаде по светот документираат стари и напуштени воени објекти од советската ера, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Пишува: Весна Коловска

 

Албанската полиција обвини за шпионажа двајца Руси и еден Украинец, кои во саботата вечер се обидоа да влезат во воена фабрика во местото Грамш, во централна Албанија. Откако беа фатени од стражарите, еден од странците ги испрска со невро-парализирачки спреј. Тројцата се обвинети за делата: „Откривање на тајни информации“, „Откривање информации“ и „Напад на службено лице“. Уапсени се и им е одреден притвор.

Како материјален доказ е одземено возилото во кое патувале овие граѓани, лаптоп компјутерска опрема, дронови, мобилни уреди и други предмети, кои ќе се вештачат, чии резултати ќе бидат дел од истрагата, стои во полициското соопштение.

Ова е епилогот на случајот за кој информираше албанското Министерство за одбрана, откако двајца руски државјани и еден Украинец беа уапсени додека се обидувале да влезат во фабрика за муниција во местото Гримш, централна Албанија (на 299 километри од Скопје).

Инцидентот се случил во саботата (20.08.2022 година) во 17.40 часот во поранешната фабрика за оружје во Албанија, која сега, според армиски извор на телевизијата „Топ чанел“ од Тирана, работи за потребите на НАТО. Погонот, според цитираниот извор, се користи за производство на куршуми за јуришни пушки М14 што ги користат копнените сили на албанската армија и некои земји од НАТО.

Во соопштението на Министерството за одбрана се опишува инцидентот. Двајцата Руси, идентификувани како Михаил Зорин (25) и Светлана Тимофеева (33), која за себе рекла дека е блогер и фотограф, заедно со 24-годишен Украинец до фабриката дошле со возило „шевролет камаро“, со украински таблички. Од возилото излегол само Зорин, кој со фотоапаратот влегол во фабриката.

 Веднаш реагирале војниците кои го обезбедуваат објектот, но при напорите да се спречат тројцата странски државјани, повредени се двајца наши војници, стои во соопштението на Министерството за одбрана на Албанија.

Според албанските медиуми, двајцата стражари, кои го забележале доаѓањето на возилото, ги алармирале службите. Првин упатиле предупредување, по што дошло до физичка пресметка меѓу војниците и трите лица, кои користеле палки и спреј за време на тепачката. Полицијата која била повикана, успеала да ги уапси странците во обид со возилото да го напуштат објектот. Во комесаријатот во Елбасан, како што соопшти полицијата, приведени се двајца мажи, Русин и Украинец и една Русинка. Според албанските медиуми, во нивните чанти биле пронајдени уреди, кои шпиони ги користат за фотографирање на предмети. Во микрочиповите на овие уреди се пронајдени и фотографии од фабриката. Во истрагата е вклучена и Агенцијата за разузнавање.

Албанскиот министерот за одбрана, Нико Пелеши изјави дека инцидентот не може да се третира како обичен случај, имајќи го предвид насилството во ограничената воена зона.

Имаме право да се сомневаме во шпионажа, соопшти Пелеши.

Тројцата, како што кажа министерот, веќе неколку дена престојувале во Албанија и биле следени.

Прашањето е настан и од геополитички контекст… Не станува збор за правен прекршок, тие влегоа во средина каде што не треба да им се дозволи да влезат. Имаме право да се сомневаме во шпионажа, бидејќи секој странски државјанин кој влегува во воена зона да се фотографира се сомничи за шпионажа, изјави Пелеши.

Албанскиот претседател, кој е и врховен командант на вооружените сили, Бајрам Бегај, рече дека ги охрабрува службите за целосно расветлување на настанот и спречување на ситуации кои ја нарушуваат националната безбедност.

Засега нема реакција од руската страна. Руските медиуми, меѓу кои „Московско време“ и „ТАСС“, напишаа за инцидентот, цитирајќи ја агенцијата „Ројтерс“.

„Московско време“ го пренесува твитот на соработникот на истражувачката група Bellingcat, Христо Грозев, кој споделувајќи фотографија објавена на Struga.info (преземена од албанската телевизија Визион н.з.), го откри идентитетот на една од приведените – Светлана Тимофеева, блогер-фотограф:

Една од приведените Руси во Албанија е Светлана Тимофеева. Таа има интересна историја на патувања: преминувањето на границата открива дека патувала многу пати во друштво на „фотографи“ – од кои барем еден бил уапсен овој јануари во Египет и морал да биде спасен од @mfa_russia (Министерството за надворешни работи на Русија н.з.)

Грозев, кога зборува за „друштвото на фотографи со кои патувала Тимофеева и барем еден бил уапсен во Египет“, по што интервенирала руската дипломатија, упатува на случајот со Арсениј Сименеев, кој на 26 јануари годинава, беше уапсен во Египет. Сименеев бил нападнат од локалните жители додека фотографирал, по што интервенирала полицијата.

Во тек е активна работа со египетските власти за ослободување на нашиот сонародник. Соодветна нота е испратена до Министерството за надворешни работи на Арапската Република Египет. Има интензивни работни контакти, соопштија од персоналот на руската амбасада, објави Раша Тудеј (27.01.2022).

 

Двајцата Руси и Украинецот пред истрагата се бранеле дека се блогери и фотографи

Како што пишуваат албанските медиуми, приведените странци пред истражните органи изјавиле дека се фотографи, кои насекаде по светот документираат стари и напуштени воени објекти од советската ера. Светлана Тимофеева има свој блог, позната е на Инстаграм, каде ја следат 253.000 корисници под името Лана Сатор. За себе пишува дека го документира наследството од 20 век и напуштените згради. Ова не и’ е прво апсење за шпионажа. Во објава пред една година, таа појаснува дека нејзиниот блог не е спонзориран од ниедно странско разузнавање. Напротив, вели таа, парите за билетите, патувањата и опремата со кои снима ги плаќа од сопствениот џеб.

Новинарот на Bellingcat, Грозев објаснувајќи го случајот, пишува дека „сето ова може да биде невина колекција на добро финансирани фотографи – хобисти кои патуваат низ светот (заедно) и блогираат“.

Или тоа може да биде многу добро покритие за разузнавачка мисија. Btw, една од 160-те агенти на ФСБ (Федералната служба за безбедност на Руската Федерација н.з.) што го водеа проектот Украина, беше жена блогер-фотограф, напиша Грозев на Твитер.

 

 

Сомнежи за тоа дека Тимофеева и Зорин биле дел од шпионска мисија, дава и сведочењето на жителите дека нивното возило веќе било видено во местото и претходните денови. Албанската телевизија „Топ чанел“ сними жители од селото Чекин, каде е лоцирана фабриката, кои потврдуваат дека и претходно го забележале возилото со украински таблички. Како што сведочат, странците влегле од задната страна на централата, бидејќи таму е лесно достапна.

Лицето влезе од страната, овде позади, а не од главниот влез. Овде се случи инцидентот. Војникот го фати внатре, а потоа скокна врз него. Ние од селото интервениравме, па тој го употреби спрејот. Жената таму помина пеш. Помина мирно пред мене. Полицијата беше тука, изгледаше како нормален човек, турист. Ова досега не се случило. Не знам што има внатре во фабриката, никој не ни дал информации, никогаш не сум влегол таму , вели жител за „Топ чанел“.

 

Сомнеж дека уапсените се припадници на огранокот на ГРУ во Црна Гора

Телевизијата пренесува информации, со извор од истрагата на Управата за антитероризам во државната полиција и тајните служби, според кој, „имаат работа со тим на руската тајна воена служба ГРУ во чиста шпионска мисија“.

Преправени како блогери, тројцата сослушани се осомничени дека се добро обучени за шпионски операции. Фокусот на руската ГРУ на централата Грамш воопшто не е случаен. Извор од албанската армија, кој сакаше да остане анонимен, за „Топ чанел“ изјави дека веќе неколку месеци во оваа фабрика се прават тестови за производство на патрон од калибар 5,56 мм. Овој тип на муниција се користи за јуришни пушки М14 што ги користат копнените сили на албанската армија и некои земји од НАТО.Постојат силни сомневања дека целта на оваа руска разузнавачка група со шпионска мисија била да го открие напредокот на Албанија токму во производството на патронот од 5,56 мм,пишува „Топ чанел“.

Албанските разузнавачки служби, според овие информации, се сомневаат дека автомобилот со кој патувале двајцата Руси и Украинецот влегол преку преминот Муриќани – на границата со Црна Гора, како дел од станицата на ГРУ (тајна служба на руската војска која оперира во странство) во Белград.

Албанските разузнавачки служби открија дека ГРУ има активен огранок и во Црна Гора, од каде се наредуваат и се насочуваат шпионски операции на територијата на Албанија. Додека руската разузнавачка агенција СРУ, која се занимава со извидувачки мисии надвор од Русија преку тајна станица во Ниш, Србија, се ангажираше во извидувачки мисии во Албанија. Руската Федерална Република има три тајни служби кои низ годините на различни начини се обидувале да добијат информации од Албанија, земја на НАТО, појаснува текстот на албанската телевизија.

Shqiptarja.com потсетува дека овој случај со фабриката за оружје во Грамш не е прв во кој сомнежите се дека се вмешани руски агенти во обид да документираат објекти на НАТО. На 14 октомври 2014 година, тројца руски државјани беа приведени во близина на воената база Пашалиман, осомничени дека се агенти на ФСБ.

Тие се претставија како новинари и дека дошле во Албанија да снимаат документарен филм за земјите членки на НАТО. Тогаш имаше силни сомневања дека агенти на ФСБ собирале информации за сите воени бази на земјите на НАТО. Тоа е затоа што руските агенти маскирани во новинари, откако им била проверена документацијата и опремата, се видело дека ја фотографирале целата воена база Пашалиман, иако е забрането.

Меѓу нив беше и Сергеј Белоус, име кое не е непознато во руските медиуми. Белоус, еден месец пред овој настан, беше приведен на Косово, додека пред околу 3 години беше објавено дека бил уапсен од украинските власти.

Оттогаш базата Пашалиман е под заштита на гардата на Републиката, пишува Shkiptarija.com.

Еден ден по овој инцидент во фабриката во Гримш, се случи уште еден, во кој се инволвирани четворица Чеси, кои навлегле во фабрика за оружје во Поличин. Двајца мажи влегле во тунелите, каде се произведуваат противвоздушни делови со кршење на катанците на вратите и ги фотографирале машините. За тоа време две жени останале во двете возила со странски регистерски таблички со кое дошле. Силите за брза интервенција дошле веднаш откако било пријавено дека се скршени катанците на тунелите. Сите четворица се приведени и против нив се води истрага. „Албаниан дејли њуз“ пишува дека еден од приведените бил маскиран.

По овие два инцидента, албанската армија е ставена во состојба на готовност за набљудување на воените објекти. Албанија е членка на НАТО од 2009 година. Поддршка на албанските истражни органи даде и американската амбасадорка во Тирана  Јури Ким, по разговорот со министерот за одбрана  и началникот на Генералштабот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...